Хрватска: Некои цени скокнале и за 80 отсто по воведувањето на еврото


 

Од еуфоријата Хрватска премина во благ ужас откако инспекциските контроли покажаа дека има масовно зголемување на цените по воведувањето на еврото. Тие се движат од 10  па дури до 80 отсто за некои услуги, како фризрските. Во продавниците е забележан пораст на цените на одредени производи од 3 на 19% (поскапување на чоколадото, пекарските производи, пивото, путерот, павлаката, тоалетната хартија, кафето и др.).

Хрватската влада одржува седница денеска, четврток, а премиерот Андреј Пленковиќ во своето воведно обраќање најави санкции за оние кои неоправдано ги покачија цените.

Тој повтори дека Хрватска е единствената земја која во ист ден стана членка и на еврозоната и на Шенген. „Не можеме да бидеме повеќе во сржта на европските процеси отколку што сме денес“.

Пленковиќ се осврна на неоправданите поскапувања.

„Утврдивме дека некои, зборувам за поединци, очигледно ја искористиле конверзијата за неоправдано да ги зголемат цените, за што нема никаква причина и оправдување. Сакам да им се заблагодарам на сите субјекти, а тоа е мнозинството, кои се прилагодија согласно прописите и ги задржаа цените на производите и услугите.

Свесни сме за процесот на приклучување кон еврото и предупредивме на минимално зголемување на цената од 0,2 до 0,4 отсто поради конверзијата, како и во другите земји. Но, она што го сведочиме во овие поединечни случаи е нешто друго – тоа е неоправдано, чисто профитерство, лов во матно и на тоа остро ќе се спротивставиме во наредните денови“, рече тој.

Тој додаде дека „не е целта на еврото некој во криза да се збогатува неоправдано на сметка на граѓаните“.

„Нема да ги поздравиме сите појави кои водат кон зголемување на инфлацијата, туку ќе ја санкционираме и ќе се бориме против тоа со сите механизми за заштита на потрошувачите и обезбедување фер деловни практики“, нагласи тој.