ХДЗ победи во Хрватска, но е далеку од мнозинството

Патот кон составување влада на Андреј Пленковиќ оди преку десничарските националисти од Татковинско движење и националните малцинства


Слатко-горчливо наздравување за Андреј Пленковиќ во изборната ноќ

 

Владејачката конзервативна партија во Хрватска освои најмногу места на парламентарните избори, но не доволно за да формира влада, според речиси целосните официјални резултати.

Хрватската демократска заедница (ХДЗ) на премиерот Андреј Пленковиќ освои 61 места во 151-членото собрание, покажаа резултатите од повеќе од 98 отсто од избирачките места. На претходните избори во 2020 година, партијата освои 66 места.

Во наредните денови се очекуваат тешки разговори за формирање влада.

„ХДЗ трет пат по ред убедливо победи на парламентарните избори“, им рече Пленковиќ на своите поддржувачи во Загреб рано во четвртокот.

Коалицијата на левиот центар предводена од Социјалдемократите (СДП) освои 42 места, а националистичката десничарска партија Татковинско движење е трета, со 14 места.

Ултра-конзервативната Мост и зелено-левичарската партија Можеме! освоија по 11 и 10 пратенички места.

ХДЗ во четврток наутро ќе почне да собира ново парламентарно мнозинство за формирање влада, рече Пленковиќ.

Водачот на СДП, Пеѓа Грбин, рече дека иако резултатите не биле она што партијата го посакувала, тие „покажале дека… луѓето сакаат промена“.

„Не е готово“, рече тој во партиското седиште во Загреб.

Аналитичарите велат дека партијата Татковинско движење има големи преговарачки можности, што може да ја направи креатор во формирањето на новата влада, иако политичкиот аналитичар Тихомир Чипек за Нова ТВ изјави дека „ќе има многу тежок преговарачки процес“.

Професорот по политички науки Горан Чулар во Загреб за „Јутарњи лист“ изјави дека големиот скок на излезноста – и тој е дури 16 проценти поголем од четири години претходно – не ја донесе очекуваната промена во исходот на изборите. „Мобилизирањето беше на левиот спектар, но очигледно е дека значителна мобилизација на гласачите се случи и на десниот спектар“.

„Што се однесува до составот на парламентарното мнозинство“, вели Чулар, „првиот говор на Иван Пенава (Татковинско движење), во кој не исклучи разговори со ХДЗ, е многу значаен. Затоа, можно е ХДЗ да започне преговори со Татковинското движење и националните малцинства. Дали Татковинското движење ќе има услови кои ХДЗ не ќе може да ги прифати, во овој момент не знаеме. Ако на крајот резултатите се вакви, тогаш победила десницата, иако не се радуваат сите во ХДЗ околу ова. Сега е прашање колку Татковинското движење ќе ја искористи таа победа за зајакнување на десното крило во ХДЗ, кое беше ослабено по последните внатрепартиски избори“.

Излезноста беше 60%, во споредба со 47% за време на гласањето во 2020 година и следеше жестока кампања меѓу Пленковиќ и левичарскиот популистички претседател Зоран Милановиќ, кој водеше кампања и покрај предупредувањето од Уставниот суд.

Со месеци, Пленковиќ и неговата ХДЗ изгледаа подготвени за лесна победа што ќе го обезбеди неговиот трет мандат како премиер.

Но, во средината на март, Милановиќ – кој е на врвот на анкетите за политичка популарност – ја објави шокантната најава дека ќе го предизвика Пленковиќ и ќе стане кандидат за социјалдемократите.

Милановиќ ја крстареше Хрватска и покрај одлуката на највисокиот суд во земјата дека тој може да се кандидира на изборите само ако прво се повлече од функцијата претседател. Хрватското претседателство е главно церемонијална функција за личност без политичка определба.

Пленковиќ – кој ја извршува функцијата премиер од 2016 година – го обвини својот ривал за кршење на уставот, говор на омраза и го нарече „кукавица“ што не поднел оставка.

Премиерот минатата година ја истакна својата улога во водењето на земјата од 3,8 милиони луѓе во еврозоната и во европската Шенген зона без пасоши.

Но, со просечна месечна плата од 1.240 евра, земјата останува една од најсиромашните во ЕУ.

Пленковиќ постојано го обвинува Милановиќ дека е „проруски“ настроен поради неговите критики за поддршката на ЕУ за Украина против инвазијата на Москва и противењето на претседателот да ги обучува украинските војници во Хрватска, која е членка на НАТО.

Милановиќ, кој ја осуди руската кампања во Украина, тврди дека ги штител хрватските интереси спречувајќи земјата да биде „вовлечена во војна“.

ХДЗ владее со Хрватска во поголемиот дел од периодот од нејзината независност од Југославија во 1991 година, додека СДП е главниот столб на опозицијата.

Милановиќ, кој беше премиер од 2011 до 2016 година, е познат по својата огнена реторика и вулгарности во тирадите против противниците од ХДЗ, претставници на ЕУ и неговите критичари.

Неговиот мандат истекува во јануари, но тој рече дека ќе се повлече доколку СДП и нејзините сојузници обезбедат мнозинство за формирање нова влада. (Според агенциите)