Хабемус комесар
АЛЕКСАНДАР КРЖАЛОВСКИ
„Бел чад“ се појави од Брисел во вторникот доцна попладне со објавата на сегашниот претседател на Европскиот совет (лидерите на сите 28 земји членки на ЕУ) дека е постигнат договор за водечките позиции во ЕУ институциите, по одржаните избори за Европскиот парламент во мај.
Без да го опишувам процесот, за кој веќе имаше и ќе има доволно други написи, иако и самиот тој беше фасцинантен, да видиме што можеме да заклучиме од драматичните 2-3 дена во Брисел и номинирањето на Урсула фон дер Лејен за водечки комесар, т. е. претседател(ка) на Европската комисија.
Првите две работи се дека Европската Унија (повторно) демонстрираше како дејствува функционална демократија и уште повеќе – својата способност за постигнување консензус.
Имено, покрај почитувањето на сите правила кои се обврзувачки (како мнозинство од 21 земја од сите 28, како и претставеност на најмалку 65 отсто од популацијата), лидерите дебатираа два дена и една цела ноќ околу разните интереси и потребни баланси, од тие на сами земји членки, преку партиските, до регионалните и родовата еднаквост. Во тој процес, се жртвуваше концептот применет на минатите избори – со водечки кандидат за претседател на Европската комисија на секоја од политичките групации, како и географијата (Источна Европа, на пример, не доби ниедно од четирите главни работни места). Но, колку и да изгледаше невозможно, на крајот од маратонската ноќ во неделата и половина понеделник, на крајот се постигна договор и што е уште позначајно – се постигна со консензус, односно ниедна земја не гласаше против (само Германија гласаше воздржано, заради коалицискиот договор на ЦДУ и СПД за нивната влада, кога има несогласување од едниот владин партнер, да се гласа воздржано во ЕУ). Ова следуваше по неколку рунди преговори и разни предлози за составот на овие функции, пропаднатиот предлог на Меркел поради „бунт“ кај своите партнери од Европските народни партии (ЕПП) и стигнување до меѓурешение за кое имаше потребно мнозинство – но беше оценето (од самата Меркел) дека тоа не е доволно добро, односно нема доволна поддршка, а во светло на потребните реформи во самата Европска Унија.
Покрај предлогот за Урсула фон дер Лејен (која во моментов ја извршува функцијата министер за одбрана на Германија) белгискиот премиер Шарл Мишел е избран за претседател на Европскиот совет на местото на Доналд Туск, а Жозеп Борел од Шпанија е предложен за висок претставник за надворешна и безбедносна политика наместо Федерика Могерини; како и Кристин Лагард, сегашен директор на Меѓународниот монетарен фонд, за претседател на Европската централна банка) многу се разликува од почетните обиди и она што беше воведен предлог на Ангела Меркел за овој самит на ЕУ. Имено, никој од водечките кандидати не се најде на конечнава листа. Додуша, препораката на Советот е еден од нив – кандидатот на ЕПП, Манфред Вебер, да биде претседател на Европскиот парламент за вториот дел од неговиот петгодишен мандат (петтата функција што требаше да се утврди, но се остави тоа на самиот парламент), додека другите два водечки кандидати – Франс Тимерманс (Социјалисти и демократи) и Маргрет Вестагер (Либерали), да бидат потпретседатели на Европската комисија. Во текот на двата дена се споменуваа и други кандидати, како Бугарката Кристалина Георгиева, Словакот Шефчович, хрватскиот премиер Пленковиќ, како и неколку други, па финалниот предлог е прилично изненадувачки за многумина.
Тоа води и до следниот заклучок… или два: дека во напорот да се изнајде решение прифатливо за сите, се стигна до кандидати кои не се доволно проверени (со самото тоа што не беа кандидати на европските избори), а веќе излегуваат забелешки за нивната работа на сегашните или минатите функции (пр. и за самата Дер Лејен има не само сериозни забелешки за раководењето на министерството за одбрана туку и истрага за финансиски злоупотреби); и второто – дека веќе има негативни реакции од пратеници во парламентот (кои треба да го изгласаат овој предлог), вклучително и од социјалдемократите кои се втора најголема групација (а очекуваа нивниот кандидат Тимерманс да стане претседател на Комисијата) и четвртите – зелените. Без нивните гласови нема да може да стигне до мнозинска поддршка за овој предлог.
Да се вратиме на исходот. Може да се заклучи и дека Ангела Меркел (повторно) демонстрира лидерство, и тоа под повеќе аспекти. По отпорот за нејзиниот првичен предлог (Тимерманс да биде претседател на ЕК), имаше многу коментари за нејзин неуспех и ослабената моќ. Низ долгата ноќ и многуте билатерални преговори, таа сепак дојде до потребните бројки за тој предлог – но самата констатира дека тоа не е доволно… и продолжи да бара нови решенија. Исходот на крајот се чини многу подобар и за Германија и за ЕПП – со тоа што Германка и член на ЕПП ќе биде претседател на ЕК! И сето тоа, со целосна согласност од сите други. Уште еден приказ на нејзината врвна дипломатска умешност.
Конечно, што овој предлог (ако биде и потврден во парламентот) значи за нас во Македонија. Би требало да бидеме задоволни, зошто може да се очекува силен нагласок на ставовите/политиките на Германија (и Меркел), вклучително и во однос на проширувањето, бидејќи Урсула е единствениот министер во сите досегашни влади на Меркел (од 2005 до сега). Таа и самата е голема федералистка и верник во идејата за Обединети Европски Држави. Фон дер Лејен беше во Скопје на покана на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на 20 септември лани, десет дена пред референдумот за името.
Урсула фон дер Лејен, всушност, била предлог на францускиот претседател Емануел Макрон. Со тоа, задоволен од изборот е и тој (и не го крие тоа), меѓу другото и зошто сите четири кандидати се франкофони, т. е. го зборуваат францускиот јазик, па може да се очекува омекнување на неговата жестока реторика во однос на проширувањето од понеделникот.
Нејасно е засега каков ќе биде односот и улогата на Жозеп Борел на местото на Могерини. Веројатно ќе е порезервиран во однос на проширувањето од неа, особено и заради покомплицираниот однос на Шпанија кон српско-косовскиот случај (Шпанија не го признава Косово како независна држава), но не мора да значи.
Исто така, фактот што сите предложени кандидати се од Западна (старата) Европа, а нема претставник од Централна и Источна Европа (кои се повеќе за проширување) може да значи дека сепак приоритетот ќе е на продлабочување на Унијата, наспроти проширување. Или како што изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов: „Многу е веројатно дека ќе нема покана за проширување, па не сакам Бугарија да испадне виновна за тоа“. Сè на сè, многу неизвесности, но се чини изборот е многу поволен за нашите европски аспирации.
На крајот од бурниот самит на ЕУ, кој сепак продуцира решение (а и како што истакна Доналд Туск: минатиот пат ни требаа три месеци, сега само три дена, а тогаш некои земји беа против на крајот, а сега нема против), кое би требало да е доволно добро за да се добие потребното мнозинство и во Европскиот парламент, иако се чини дека и таму претстои не помалку бурна расправа.
Доколку на крајот бидат избрани предложените кандидати, може да бидеме пооптимистични за октомврискиот „датум“, иако е ова само мал позитивен развој во главно негативните вести што ги добивме месецов, па подобро е да не очекуваме датум – само може повеќе да се израдуваме, ако навистина и го добиеме!