Граѓанско образование за свештеници


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Воведната реченица ја искажа митрополитот преспанско-пелагониски Петар. Според пишувањето на некои медиуми, владиката Петар оваа порака им ја кажал на верниците присутни на одбележувањето на раѓањето на Мајката Божја во манастирот Рождество на Пресвета Богородица, во село Новаци, Битолско. Би рекле ништо ново од овој владика. Се сеќаваме на неговите изјави за жените како главни виновнички за бракоразводите кај нас и за тоа дека жената е и треба да му биде подвластена на мажот. Еден друг владика (Иларион) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) ги предупреди своите верници да не следат јога практики оти, во спротивно, ќе им фрлел анатема!
Ваквите контроверзни изјави се само дел од пораките што свештеници на МПЦ, но и на Исламската верска заедница им ги упатуваат на своите следбеници во врска со чисто овоземски работи. Од не толку одамна, по завршувањето на богослужбата, свештениците на двете вери им се обраќаат на верниците со теми од сегашноста и зборуваат за конкретни и актуелни прашања кои, според нивно наоѓање, ги преокупираат умот и душата на обичните луѓе во нивните секојдневија. Поради тоа, а имајќи на ум дека денес сè е политика, ваквите свештенички поуки и појаснувања го доведуваат во прашање конститутивниот принцип на модерните општества и држави – принципот на секуларноста.
Една од главните одлики на модернизацијата на општествата е токму секуларизацијата. Тоа значи одвоеност на државата и црквата, или во превод: На царот царевото, на Бога Божјото. Прекршувањето на овој принцип е најдобар показател дека општеството не се движи во насока на продлабочување на модернизацијата туку во обратната насока на ресекуларизација и теологизација на јавната сфера.
Покрај споменатите и други изјави со кои истакнати претставници на верските заедници се искажуваат за социолошки теми и прашања (на пример, абортус, јога, политички теми и сл.), ресекуларизацијата ја препознаваме и во бројните архитектонски (подигање на монументални верски симболи и храмови) и акустички потфати (користењето силни звучници за пренесување на молитвите и поуките) надвор од верските објекти. Во тој поглед, црквите и џамиите во јавниот простор дејствуваат исто толку експанзионистички колку и политичарите. Имаат моќ и прават што можат. Во тој нивни марш за маркирање и освојување на што повеќе од јавниот (физички, архитектонски, акустичен, социјален и каков било) простор, тие се сојузат со политичари. Притоа, клучен фактор за нивно спојување не се идеите за кои се залагаат туку личните афинитети, интереси и потреби – главно материјални, телесни или страсни.
Овој процес нема да застане сам од себе. Напротив, тој ќе се засилува ако не наиде на противсила. Од каде би можела да произлезе таа? Од домашни извори сигурно не. Овде нема доволно просветленост во врска со овие прашања. Овде во мода е традиционалноста, а не модерноста. Затоа, современо и одржливо решение треба да бараме во начинот на кој овие односи се уредени во земјите на Европската Унија. Од таа перспектива, одвојувањето на црквата од државата и јавниот живот е едно од најголемите прогресивни постигнувања на западната цивилизација. Улогата на верата и верските организации во јавниот простор и граѓанскиот ангажман во европските земји е јасно дефинирана: од политичарот политика, а од свештениците вера, односно политика од едните, а вера од другите. Во ниту еден западноевропски град или село нема да видите монументални крстови по ридишта или среде поле ниту ќе чуете молитва на оџа или поп повеќекратно засилена преку моќни звучници.
Тоа не значи дека верските заедници и верските лидери не треба да имаат ставови кон општествените и политичките прашања. Тие се рамноправни членки на општеството и токму како такви се очекува да се држат до своите автентични ингеренции и надлежности. Но, ним им е дадено нивните ставови и гледања како верски лица да ги искажуваат низ призмата на верата, а не низ призмата на политиката. Спротивно на тоа, понапред посочениот исказ дека денес нема човек кој би можел да се посочи и да биде истакнат како пример за чесност и достоинство промовира верски ексклузивизам, верска страст. Според овој исказ, почит заслужуваат само верата и верските ликови и тоа на конкретната вера, а не мирниот граѓански живот и не мирјаните! Оваа теза нема ништо заедничко со принципот на толеранција кон различниот туку напротив. Таа заговара фундаментализам и исклучивост. Воведувањето на верските страсти во јавниот дискурс и политика е „крај на чесната политика, а воведувањето на политика во религијата е проституирање на вистинската религија“ (Давид Филд).
Токму затоа ми се чини дека колку што држат вода заложбите за воведување веронаука во јавниот образовен систем, уште повеќе разумно би било воведување граѓанско образование во верските образовни институции. Верските лица им се обраќаат на своите верници токму затоа што се тие еднаквоправни граѓани на државата во која и едните и другите ги реализираат своите животни мисии. Верските лица и институции не се над законите и уставот во државата. И тие како и државните образовни институции имаат уставна обврска да подучуваат на толеранција, уважување и препознавање и признавање на живите луѓе, со сите нивни мани и доблести. Ако верникот со здрав разум во името на верата треба да ја прифати приказната за невиното зачнување на Богородица, на пример, нели тоа е доблесно и вредно дело за посочување како пример! И само еден таков да е останат на целата земја, вреди да се истакне и покаже како жив пример за углед на другите.