Град Скопје за јавни набавки троши колку 46 други општини

Според договорите за јавни набавки, Град Скопје со 14 милиони евра, но и со огромен пораст на вредноста на јавните набавки во однос на претходната година од 42 отсто, односно за 4,2 милиони евра, останува на врвот по потрошувачка.

Куманово со 4,9 милиони евра скокна од ланското трето на второто место, додека Аеродром ја загуби позицијата во првата тројка и на негово место годинава се искачи Струмица со набавки во вредност од 4,1 милион евра.

Град Скопје, како најголема единица на локалната самоуправа троши за јавни набавки колку 46 други општини заедно, а 11-те единици на локална самоуправа со најголема вредност на набавките заедно трошат половина од парите, односно колку преостанатите 70 општини.

Фабриката „Карпош“ од Скопје му го презеде приматот на „Пуцко Петрол“ според вредноста на добиените тендери од општините во 2018 година. Во топ-трите фирми влезе и „Пелагонија“ од Гостивар, а „Бауер БГ“ го сочува местото во врвот кое го има со години наназад. И во 2018 година има висока концентрација на мал број фирми во набавките на општините. Така, првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавни набавки имаат учество од цели 22 отсто во вкупната вредност на тендерите на општините, додека првите 20 фирми, држат дури една третина од вредноста на набавките.

Ова може да се види од Базата на податоци за сите тендери на општините во 2018 година, заедно со анализа на податоците, што ја објави Центарот за граѓански комуникации. Општините и Градот Скопје потрошиле за јавни набавки 97 милиони евра, односно 21 отсто повеќе од претходната година. Базата содржи податоци за сите 3.898 договори за јавни набавки што локалните власти ги склучиле со 1.331 фирма.

Анализата врз основа на податоците од базата можете да го прочитате на следниот линк: http://www.opendata.mk/Home/TekstualniDetails/86?Category=2 , додека кон целосната базата можете директно да пристапите преку следниов линк: http://javninabavki.opendata.mk/.

Базата на податоци е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а и дава графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител. Базата содржи податоци за последните четири години.