Ќе се сечат им кастрат заболени и небезбедни дрвја на „Ленинова“ и „Мирослав Крлежа“, нови садници ќе бидат засадени на истите локации
Општина Центар информира дека во наредниот период ЈП „Паркови и зеленило“ ќе спроведе активности за сечење и кастрење на дрвја на улиците „Ленинова“ и „Мирослав Крлежа“, согласно решенијата донесени од Град Скопје, по извршен стручен увид на терен.
Општинската прес-служба денеска соопшти дека на улица „Ленинова“, на потегот од булевар „Партизански одреди“ до Министерството за земјоделство, ќе бидат отстранети 25 дрвја, а 74 ќе бидат искастрени. На улица „Мирослав Крлежа“, на потегот од булевар „Партизански одреди“ до ул. „Орце Николов“, е предвидено сечење на 3 и кастрење на 13 дрвја.
– Според стручниот увид, дрвјата предвидени за сечење се биолошки деградирани, суви, заболени, мртви, или со нарушена стабилност на кореновиот и стеблениот систем, поради што претставуваат потенцијален ризик за безбедноста на јавниот простор. Кај дел од останатите дрвја е потребно кастрење поради суви и надвиснати гранки – информираат од општината.
Најавуваат дека дрвјата што ќе бидат исечени ќе бидат заменети со нови повозрасни садници (над шест години) во ист број и од истиот вид. Новите дрвја ќе бидат засадени на истата локација каде што е извршено сечењето, согласно решенијата на Град Скопје.