Голема антитерористичка акција во Турција: Приведени 324 лица осомничени за врски со Исламска држава


Турските власти приведоа 324 лица осомничени за поврзаност со терористичката организација „Исламска држава“ во голема операција спроведена низ целата земја, соопшти денеска турското Министерство за внатрешни работи.

Во соопштението се наведува дека апсењата биле извршени во 47 провинции, а меѓу приведените има лица осомничени за финансирање на ИД, како и поединци за кои се смета дека претходно биле активни во редовите на оваа организација.

„За мирот, единството и солидарноста на нашата нација, ги продолжуваме операциите неуморно, дење и ноќе, 365 дена во годината“, се наведува во соопштението на министерството.

Засега не се објавени детали за државјанството на уапсените.

Турција и претходно спроведуваше слични акции против припадници на Исламската држава, која во земјата изврши повеќе смртоносни напади, меѓу кои и нападот во ноќниот клуб „Реина“ во Истанбул за време на новогодишната ноќ во 2017 година, кога беа убиени 39 лица.

Во декември минатата година дојде до вооружен судир меѓу припадници на ИД и полицијата во северозападна Турција, при што загинаа тројца полицајци и шест екстремисти. Минатиот месец тројца напаѓачи отворија оган врз полицијата пред зградата во која се наоѓа конзулатот на Израел во Истанбул, по што следуваше вооружена пресметка во која еден од напаѓачите беше убиен.