Шмит во последното обраќање пред ОН предупреди на деконструкција на државните институции во БиХ
Високиот претставник за Босна и Херцеговина денеска изрази загриженост за иднината на земјата, во последното обраќање пред Советот за безбедност на ОН пред неговата оставка, пренесе ДПА.
Кристијан Шмит, германски конзервативен политичар кој ја извршува функцијата од август 2021 година, истакна дека Босна и Херцеговина „се движи по се потесен пат“. Според него, овој правец води или кон институционална одржливост, економска ревитализација и владеење на правото, или кон понатамошна стагнација поттикната од политички опструкции и постепена деконструкција на државните институции.
Шмит најави дека се повлекува од функцијата поради „лична одлука“. Како висок претставник, тој имаше широки овластувања за спроведување на Дејтонскиот договор од 1995 година, вклучително и моќ за смена на избрани функционери и наметнување закони. Според медиумски извештаи, Шмит се соочил со притисок од САД, откако администрацијата на Доналд Трамп почна сè поотворено да го поддржува сепаратистичкиот лидер Милорад Додик, кој се залага за отцепување на Република Српска.
Од крајот на војната во 1995 година, БиХ е составена од два ентитета: Федерацијата БиХ и Република Српска, кои уживаат широка автономија, освен во областите на надворешната политика, одбраната и безбедноста.