Година на свињата

АНИТА САЛТИРОВСКА

Каде (ќе) нè фати африканската свинска чума? Имала потенцијал за многу сериозно и брзо ширење. А ние – едни „сериозни“!

Кому му е гајле за свинска чума, макар да е и африканска, кога во Македонија си откривме „гејзер“. Тоа што во годината на свињата се заканува најголемиот погром на свињи, што диви, што питоми, уште не е ни сериозна тема за муабет. Сте слушнале разговор за болештинава на плажа, во кафуле или каде било? Слабо. Ама затоа наесен ќе има колективно и на најгласно пуштено кукање за цената на свинското. Толку за факторот демос кој во демократијата е најважен. И може да турне планина, ако реши.

Пред две недели нашата Агенција за храна и ветеринарство најави сет превентивни мерки против африканска чума. По половина месец, од упатени имиња доаѓаат изјави дека со мерките е во ред ама со спроведувањето – не.

Болеста, која не претставува никаква закана за здравјето на луѓето, но е фатална за свињите, веќе е широко раширена низ Азија – вклучително и Кина и Виетнам – и во делови од Централна и Источна Европа. Случаи се пријавени и во целата Супсахарска Африка. И бројките се поразителни – пцовисаа или се усмртени над 800.000 питоми и диви свињи во Европа и околу четири милиони свињи во Азија, предизвикувајќи раст на глобалните цени на свинско месо.

На крајот на минатиот месец Британија предупреди дека ако ги погоди болеста, тоа може да има катастрофално влијание врз пет милиони свињи, како и на трговијата со британски свински производи. И затоа островската земја направи кампања на границите обраќајќи им се на туристите дека не смеат да носат ни свински сендвичи. Британија им се закани на оние што нема да послушаат дека ризикуваат судење и голема казна. И на сите во синџирот им даде препораки, за оние што чуваат свињи, и за оние што ги транспортираат, дури и за оние што земаат храна од угостителски објекти за исхрана на свињите.

Барем да препишевме од подобрите дека борбата против африканската свинска чума почнува и завршува со секој поединечно, од цариникот што ги пушта патниците со куфери во кои од маиците ѕиркаат колбаси, сè до оние што ова лето не смеат да ги пуштаат свињите на слободна испаша.

Неодминливо, и овој проблем удира на сиромаштијата. Нешто на онаа со духот и знаењето, а повеќе на онаа материјалната. На оние што се гласни на Фејсбук и против санитарниот отстрел некој од тие што разбира и што му останале нерви им одговора со факти, наука и светски прифатената пракса во вакви случаи. Што ќе биде со вторите, тој филм допрва ќе го гледаме. Посебно ако состојбите на терен наложат воведување на мерката за забрана за одгледување на свињи во селските домаќинства за сопствени потреби. Зошто, во Македонија во дворовите се чуваат неутврден број свинчиња за сопствена храна или уште по некое прасенце плус, за продавање и поткрепување на семејниот буџет. Законодавецот пропишал низа барања за нив, од огради до начин на третирање на ѓубрето по нив. И овие мерки се применуваат онолку колку што пари и знаење има одгледувачот.

Во Бугарија ширењето на болеста наложи уништување на домашните товеници. Засегнатите одговорија и уште прават протести и блокади на патишта и ги прашуваат бугарските власти, какво месо ќе им јадат децата наесен?

Чие свинско ќе јадеме и ние наесен? И по која цена?

Ајде уште малку ширење на светогледот: Кина ја намали проценката за побарувачката за пченка за сезоната 2019/2020 за 2 милиони тони поради африканската свинска чума. Сериозни аналитичари укажуваат дека во Кина, каде што досега се одгледуваа најголем број грла свињи во светот, поради чумата нивниот број е намален за 40 отсто во однос на минатата година, а високи двоцифрени проценти паѓа и производството и извозот на свинско месо.

Во Македонија вчера имаше средба меѓу Агенцијата за храна и ветеринарство и ловечките организации, за да се договорат финесите на санитарниот отстрел на диви свињи. Млако се третира проблемот?

Па, кај нè најде и ова, да нè фаќа свинскава чума во лето кога се одмори?