Ги Парлемин избран за претседател на Швајцарија


Швајцарија– Министерот за економија Ги Пармелин ќе стане нов претседател на Швајцарија на 1 јануари по денешното гласање во швајцарскиот парламент.

На функцијата, која е главно почесна должност, беше избран откако во сојузниот совет доби 188 гласа од 202 уредни гласачки ливчиња.

Пармелин (61) ќе има задача да раководи со одговорот на Швајцарија на кризата со коронавирус, каде стапката на заразени во богатата алпска земја и натаму е многу висока, и покрај ограничувањата за контрола на пандемијата.

-„Целосно го сфаќам товарот на одговорноста за мене како претседател на конфедерацијата, особено во сегашниот здравствен и економски контекст“, напиша тој на Твитер. Пармелин, исто така, наведе дека овие грижи ќе ги прифати со посветеност и убеденост.

Швајцарија секоја година ротира на позицијата претседател еден од седумте членови на Федералниот совет. Претседателот на Швајцарската конфедерација е прв меѓу еднаквите, претседава со Советот и обично ја претставува земјата за важни прашања во земјата и во странство.

Претседателот на Швајцарија не е шеф на државата, бидејќи сите функции се исполнуваат колективно од сите членови на Владата – Федерален совет. Неговиот глас сепак е клучен во дискусиите во Советот. Изборот за претседател се спроведува во Парламентот и мандатот трае една година.

Пармелин ќе продолжи да ја исполнува и функцијата министер за економија.