Ги лажира ли Путин средбите со народот: „Ранетиот од болницата“ претходно бил „работник во фабрика“

Рускиот претседател Путин обвинет за лажна посета на воена болница откако фотографиите открија познато лице


Рускиот претседател Владимир Путин можеби ја „наместил“ неодамнешната посета на воена болница во Москва за да се сретне со ранети војници, тврдат корисници на интернет со „орелски очи“ кои велат дека препознале еден од „пациентите“ на претходен настан.

Облечен во бел лабораториски мантил, Путин беше виден на видео и на фотографии како разговара со војници облечени во пижами во воената болница Мандрик, што ја одбележа неговата прва таква посета од избувнувањето на војната во Украина, пишува „Њујорк пост“.

Путин во посетата беше придружуван од министерот за одбрана Сергеј Шојгу. Тој праша еден од војниците што стоел пред нивните кревети за неговиот мал син, велејќи му: „Тој ќе биде горд на својот татко“.

По посетата на болницата, Путин ги поздрави војниците како „херои“ за време на телевизискиот состанок со владини претставници.

Но, еден ден подоцна, Адам Ранг, самонаречен активист за „контрапропаганда“ кој живее во Естонија, објави на Твитер дека еден од војниците во болницата изгледа морничаво познато.
„Путин се сретна со ранет војник кој, по чудна случајност, исто така беше работник во фабрика што претходно го запозна“, изјави Ранг.

Облечен во бел лабораториски мантил, Путин беше прикажан на видео и на фотографии како разговара со војници облечени во пижами во воената болница Мандрик
За време на неговата посета на фабриката за компресори во Челјабинск, Владимир Путин разговараше со работниците

Ранг сподели фотографија од наводниот војник во болничката соба, како и друга слика на која наводно се гледа истиот човек со залижана коса и карактеричен врв, во толпата луѓе кои се сретнале со Путин во друга прилика.

Ранг и украинскиот возач на тркачки автомобили, Игор Шушко, исто така споделија компилација од фотографии на кои се прикажани ликови кои се повторуваат и се среќаваат со Путин со години.

„Доколку се прашувате како #Путин може да ризикува да биде во присуство на регуларни #руски луѓе. Тој никогаш не го прави тоа“, напиша Шушко на Твитер.

Серијата снимки од средбите на Путин со „обичните луѓе“ покажуваат дека тој всушност секогаш се среќава со истите, избрани луѓе.

Така, на прославата на Божиќ 2017 година, потоа на богослужбата, па на ловечки пикник во природа и на крај при посета на брод, сретнал дури четворица, секогаш исти луѓе – русокоса, млада висока. маж и уште двајца средовечни мажи. На дури четири сосема различни, временски и суштински одделни настани, Путин се сретна со сосема исти луѓе, само во различни улоги! Подоцна беше утврдено дека русокосата госпоѓа која глумеше побожна верничка во црквата, работничка на брод и учесничка во ловечки пикник, всушност била Лариса Сергухина, заменик-директорката на компанијата „Еврохимсервис“.

За пропагандата на Кремљ се зборуваше и по наводното присуство на Путин на велигденската литургија во Москва, кога активисти, противници на режимот на рускиот претседател, докажаа дека она што се гледа на видеото не соодветствува со реалноста. Тогаш Путин беше прикажан како наводно стои со луѓето во храмот за време на литургијата, но сомнеж предизвика фактот што во ниту еден момент не се видени луѓе покрај него туку само тој беше во кадарот.

Потоа од крупен кадар на литургијата се покажа дека Путин не е на местото каде што стоел на официјалната снимка на Кремљ за време на богослужбата, а објаснувањето дојде по објавувањето на неофицијална снимка на која Путин е сосема сам, без луѓе во близина, само во присуство на градоначалникот на Москва, стои во храмот, веројатно пред официјалната литургија.

Веќе пред тоа имаше наводи, но и јасни докази дека рускиот претседател избегнува средби со луѓе, прима странски претставници кои седат на долги маси на растојание од најмалку десет метри и одржува средби со соработниците или на ист начин или преку видео повици.

Тврдењето дека фотографијата од болницата била лажна, дополнително беше поткрепена од мистериозниот писател зад каналот General SVR на Телеграм , за кој се вели дека е поранешен шпион на КГБ со врски со Кремљ.

Во објавата од четвртокот, авторот на Телеграм тврди дека Путин не ја посетил воената болница и дека видеото од неговата средба со ранетите руски воини било претходно снимено или „конзервирано“.

„Путин и ФПС (Федералната заштитна служба) се секако магионичари-илузионисти, но тие се уште се далеку од Дејвид Коперфилд“, саркастично се заклучува во објавата.