Изет Меџити и Љутков треба да отидат во Корча и да видат како се реставрира стара чаршија

Реставрацијата на чаршијата во албанскиот град Корча е убав пример како науката, истражувањето и визијата може да го направат местото модерно а со зачуван историски изглед


Чаршијата во Корча стана една од препознатливите слики на Албанија

 

Секогаш се поставувало прашањето зошто нашите политичари, градоначланици, конзерватори и други луѓе во последниве триесетина година ретко можат да ја најдат „формулата“ како да се пристапи на реставрацијата на објекти, улици, сакрални и профани згради. Таа реставрација за да се „зачува духот на минатото и традицијата“ многу пати се претвора во франкенштајнска интервенција.

Зошто е тоа така нема соодветни одговори. На пример, нема одговор зошто од главната улица во Охрид беше исфрлена калдрмата и заменета со бели мермерни плочи кои како да се лизгалица. Со нив целосно се „зачувува духот на традицијата“. Тоа беше направено од незнаење или од лукративни интереси? Тешко може да се најде вистинскиот одговор.

Градоначалникот на Чаир и министерот за култура, Изет Меџити и Зоран Љутков, отидоа во улицата „Самарџиска“ во Старата чаршија во Скопје да гледаат како се вадат големите камења за калдрмата да се обнови со травертин, со што ќе се зачувувала историската автентичност на Чаршијата.

Ова се невидени небулози искажани од градоначалникот Меџити. Можел малку да погледне фотографии од Чаршијата пред 60 години и да види како изгледаше таа. Сегашниот изглед на Чаршијата е од средината на 1970-те. Имаше две причини за тоа. Едната што беше потребен голем зафат на улиците за да се изведе канализациска мрежа. Дотогаш улиците беа поплочени со камења, а по средината течеше вода низ бразди. Немаше ни трага од травертин. Втората работа беше што Тито требаше да дојде во Скопје и да ја посети Чаршијата и таа требаше да изгледа најубаво што може.

За да видат како автентично се реставрира една чаршија Изет Меџити и Зоран Љутков може заедно да отидат во албанскиот град Корча, едно од најдобро зачуваните места каде може да се види како изгледале улиците со занаетчиите и трговците пред 100 – 200 години. Старата чаршија и урбаниот дел од Корча ја добиваат сегашната физиономија во 19. век. Старата чаршија одиграла доминантна улога во пазарната историја на Албанија.

Чаршијата во Корча беше реставрирана во 2015 година, а три години подоцна, во 2018 истото беше направено и со стариот уникатен дел од Ѓирокастро. Реставрацијата на чаршијата во Корча чинеше 4 милиони долари. Но таа потоа донесе огромен приход од туризмот.

Љутков би можел да му се јави на министерот за култура на Албанија и да го праша како се справувале со предизвиците на отоманската архитектура. Меџити, а и скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, би можеле да зборуваат со нивниот колега од Корча како го спровеле проектот кој се фокусирал на реставрација на традиционални камени згради, како ги поплочувале улиците, ги поправиле фасадите, претворајќи го подрачјето во жива населба со кафулиња, ресторани и продавници, а воедно задржувајќи го својот историски карактер. Орце Ѓорѓиевски треба малку повеќе да ѝ посвети внимание на Старата чаршија во Скопје. Тоа е најважниот белег што го има главниот град и е најмногу посетуван од туристи.

Еве неколку фотографии како изгледа сега старата чаршија во Корча по реставрација. Нема никаде травертин на улиците, само гранитни камења.

Може да ја побараат и студијата која ги анализира историските документи, урбаните контексти на чаршијата и реставраторските интервенции. Наодите од таа студија придонесоа за зачувување на наследството и препораки за идните политики и практики за ревитализацијата на историските чаршии во Албанија.

Може да го направат сето тоа, а и не мора. Кој сега да учи од туѓите успеси. Ние може да направиме уште „постара“ Чаршија. (Н.В.)