„Гаспром“, сепак, нема утре да пушти гас за Европа
Рускиот енергетски гигант „Гаспром“ денеска објави дека утре нема да ја обнови испораката на гас за Европската унија преку гасоводот Северен тек 1. Да потсетиме „Гаспром“ пред неколку дена ја прекина испораката на гас преку Северен тек 1, велејќи дека ќе ја обнови во сабота. Сепак, тоа нема да се случи.
Во денешното соопштение за медиумите, „Гаспром“ наведува дека утре нема да се пушти гас поради истекување на масло од турбинскиот мотор, јавува Би-Би-Си. Рускиот гигант не кажува кога гасот повторно би можел да тече кон Европа преку гасоводот.
Од среда, 31 август, Гаспром ја прекина испораката на гасоводот на три дена поради редовно одржување.
Овој гасовод, кој минува под Балтичкото Море и ја снабдува Германија и другите земји, работеше со 20 отсто од својот капацитет пред целосното затворање.
Москва ги обвинува санкциите, кои Западот ги воведе по почетокот на руската инвазија во Украина, за прекини во снабдувањето и одржувањето на „Северен тек 1“.
Русија е втор најголем извозник на нафта во светот по Саудиска Арабија и најголем светски извозник на природен гас.
Европа увезува околу 40 отсто од својот гас и 30 отсто од нафтата од Русија, а рускиот претседател Владимир Путин веќе е обвинет за „енергетска уцена“ со задушување на протокот на природен гас во Германија преку снабдувањето со Северен ток.
ЕУ соопшти дека Русија прибегнува кон енергетска уцена, додека Кремљ вели дека прекините се предизвикани од проблеми со одржувањето и ефектот на западните санкции.