Гала вечер во МНТ со настап на ѕвездата на Париската опера, Роксан Стојанов и финалистите за престој во Париз
Францускиот институт во Скопје и „Танц фест”, по повод отворањето на 22. издание на „Танц фест” и воспоставувањето на првото издание на наградата „Роксан Стојанов“, организираат ексклузивната гала вечер со настапот на ѕвездата на Париската опера, Роксан Стојанов, во сабота, 18 април 2026, во 20 часот, во МНТ.
Натпреварот за наградата „Роксан Стојанов“, со учество на сите 13 учесници, ќе одржи истиот ден, в сабота 18 април, претпладнето, во МНТ. Жири-комисијата за наградата „Роксан Стојанов“ е во следен состав: Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера, Aнтонио Конфорти, солист на Париската опера, Сандра Мијалкова, примабалерина на НОБ, францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, и Рисима Рисимкин, кореографка и уметнички директор на натпреварот.
Од сите 13 учесници, ќе биде направен потесен избор од најдобри пет финалисти, коишто ќе настапат на гала вечерта во МНТ и ќе се натпреваруваат за еднонеделен професионален престој во Париз, во месец јули 2026, под менторство на Роксан Стојанов.
Натпреварот е под покровителство на Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Роксан Стојанов е исклучителна уметница, со македонско потекло, чија кариера започнала во Скопје, а врвните достигнувања ги остварила во Европа, но и пошироко во светот. Во декември 2024 е прогласена за ѕвезда на Париската опера, највисоко уметничко признание на оваа светска реномирана институција.
На 21. издание на „Танц фест“ во 2025 година, таа ја доби македонската награда МЕНАДА за особен придонес во областа на танцот.
Програма на гала вечерта:
Финале на Националниот натпревар „Роксан Стојанов” со настап на петте финалисти
„Кралство на сенките” (3-ти чин од „Бајадерка”) — Балетски оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј”, музика: Лео Минкус, кореографија: М. Петипа
„Богородичната црква во Париз” — фрагмент, кореографија: Роланд Пети, музика: Морис Жар; изведуваат Роксан Стојанов и Антонио Конфорти
Прогласување на победниците на Националниот натпревар „Роксан Стојанов“.
Натпреварот за наградата Роксан Стојанов е организиран од Интерарт и Францускиот институт во Скопје, со поддршка на Амбасадата на С. Македонија во Париз.