Фудбалски туризам 


САШКО Ѓ. ДИМОВСКИ

Европа е мерило за сите фудбалски клубови освен за македонските. За Академија Пандев, за Шкупи и за Македонија Ѓ.П. беше можност за „собирање искуство“. Аман веќе со тоа „искуство“. Аха, да. Да не го заборавиме и она „немавме среќа“. Па, добро, има ли крај на тоа „неискуство“ и „несреќа“, што најчесто се користи како алиби по елиминации за Лига на шампиони или за Лига Европа?

Квалификациите за клупските натпреварувања на УЕФА по правило важат за да се види кој до каде е во однос на остатокот на континентот. Македонскиот клупски фудбал покажа дека не е до никаде. Новите меѓународни сесии се одраз дека се стои во место на играчки и на резултатски план, демонстрација на немоќ и безидејност како да се фати приклучок и последица на слаба работа.

И така ќе биде сѐ додека важи максимата „подобро прв во село отколку последен во град“. Македонските екипи и онака се „последни во град“ или меѓу последните, но многу важно им е во локални рамки да бидат газди. Така ќе излезат преку граница за промоција на нов туризам – фудбалски кога веќе имаме конгресен, планински, селски, алтернативен, здравствен, верски итн.

Светост се премиите. Европскиот излет чини над 200.000 евра што се загарантирани од УЕФА во зависност од натпреварувањето. И секако, посета на град што го одредува ждрепката. Со тие средства и плус уште нешто од дома ќе се закрпи буџетот за цела сезона. Ако во меѓувреме се одработи нешто плус и ќе биде „и волкот сит и овците на број“. За повеќе, здравје.

Шкендија е посебна приказна. На хартија покажуваа заби, но на терен подвиткаа опаш. Останаа на европската фудбалска мапа, меѓутоа елиминацијата од Номе Калју од Естонија фрли дамка врз нив, фудбалерите, а преку нив доби удар и клубот и раководството. Опуштениот пристап, кога-тогаш и против кого било, ќе се врати како бумеранг и ќе тресне по глава како што доживеаја тие во 90. минута.

Без сериозен пристап, без респект во буквална смисла на зборот, без соодветна работа со првата екипа и паралелно со младинските и без вложувања е невозможно да се одиграат повеќе од 180 минути (два меча), па нека бидат и 360 минути (четири меча) во Европа. За толку ли македонските клубови играат цела сезона дома? За толку ли меѓусебно се обвинуваат за заткулисни игри, изразуваат незадоволство од судиски одлуки и меѓусебно се препукуваат кој е оштетен, а кој не?

Колку што поевтино се сака да се мине дома, толку побргу ќе се заврши во Европа. Со таков пристап се оштетени сите. Самите клубови од испуштените шанси за промоција и учество во распределбата на наградниот фонд на УЕФА, навивачите за полна душа, радост и задоволство, севкупната јавност за моменти за уживање. Вака, се помага на ривалите. И за афирмација и финансиски. Тие наплаќаат за пласман во наредна рунда, тие наплаќаат за ТВ-права за меч со некое звучно фудбалско име, тие наплаќаат за маркетинг паноа, тие наплаќаат влезници, тие наплаќаат од продажба на сувенири. Другите се принудени да бараат алтернативни начини на финансирање. Сѐ што е евтино, кратко трае.

Наскоро ќе почне и новата сезона во домашниот фудбал. Сликата од македонските натпревари за првпат ќе зрачи регионално, а клубовите ќе мора да се замислат што имаат да понудат и фудбалски и инфраструктурно. Првата лига ќе биде дел од понудата на фреквенцијата на Арена спорт, што е нова шанса за оправдување и на интересот на субјектот и за овдешната „загриженост“ дека македонски фудбал мора да има на телевизија. Па, згора и на македонски јазик.

Нека има, само јазикот не игра фудбал. Дај Боже, македонските клубови да ја прележат детската болест и да архивираат позабележителни резултати на големата сцена, па мечевите може да се следат и на арапски, англиски, германски, шпански или на крајот на краиштата, на далечинските има и опција „mute“. Правилата ги знаат, горе-долу, сите, јазикот ниту го определува ниту го подигнува квалитетот на игра. Јазичните заговарања не се ништо друго освен за „кинење на гласни жици“ од петици за нечија тезга плус. И тоа е легитимно, се разбира, но за фудбал и за спорт зборуваме, нели?