„Европската тројка“ ја поддржа идејата за преговори меѓу Киев и Москва


Лидерите на Франција, Германија и на Обединетото Кралство познати како „Европска тројка“, ја поддржаа идејата на украинскиот претседател, Володимир Зеленски, за „непосреден дијалог“ меѓу Украина и Русија со „активно учество на САД и Европа“, пренесуваат светските агенции.

Во заедничка изјава дадена во Лондон, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер оценија дека „тековната линија на контакт треба да послужи како почетна точка за преговори“, нагласувајќи дека „меѓународните граници не треба да се менуваат со сила“.

Тие на средбата со Зеленски разговарале и за зголемување на производството на одбранбено вооружување и за развој на способности за напади длабоко на руска територија, по засилените руски ракетни напади, меѓу кои и употреба на ракети „Орешник“.

Во заедничкото соопштение се осудуваат „масовните руски ракетни и дрон-напади врз украински градови со цивилни жртви“, како и „опасните и неодговорни упади на руски дронови на територијата на НАТО“.

Лидерите разговарале и за претстојните самити на Г-7 во Евијан, на „Коалицијата на подготвените“ и на НАТО во Анкара, со цел координација на понатамошната помош за Украина, вклучително и засилен притисок врз руската економија и воена поддршка.

Во фокусот биле и потребата од зголемување на производството на ракети-пресретнувачи, развој на противбалистички капацитети и способности за длабински удари, како и зајакнување на украинските вооружени сили.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, порача дека Европа мора да има клучна улога во мировните преговори, нагласувајќи дека тие треба да бидат придружени со силна безбедносна и противвоздушна поддршка за Украина.

– Важно е гласот на Европа да биде силен во преговорите, рече Зеленски, додавајќи дека способностите за удари на далечина се ефективни, но оти е потребна подобра заштита од балистички закани.