ЕУ ги потврди заклучоците за проширувањето со промените за историјата што ги бараше Софија

Фото: Б. Грданоски

БРИСЕЛ – Заклучоците за проширувањето кон Западниот Балкан се потврдени попладнево од страна на 27-те амбасадори на ЕУ во Брисел, со референца за „погрешно толкување на историјата“ и долгото име на Северна Македонија.

Според информациите на МИА од повеќе дипломатски извори во Брисел, заклучоците се одобрени попладнево од страна на сите земји, без промени во однос на нацрт-текстот објавен денеска.

Заклучоците за проширувањето на ЕУ беа замрзнати поради блокадата на Бугарија за преговарачката рамка со Северна Македонија, како еден вид притисок врз Софија, но конечно денеска се прифатени барањата на Бугарија во однос на „погрешното толкување на историјата“ и употребата на долгата форма на името на Северна Македонија.

Заклучоците ќе се усвојат преку писмена процедура, за што се потребни 24 до 48 часа.

Вчера германското претседателство предложи нов текст кој го вклучува барањето на Бугарија.

Конечниот текст предложен вчера од германското претседателство во однос на историјата гласи: „Советот потсетува на Преспанскиот договор помеѓу Република Северна Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната постојана имплементација. Овие два крупни чекора би требало да им стават ефективен крај на сите барања засновани на погрешното толкување на историјата“, стои во последните нацрт-заклучоци на ЕУ.

Оваа реченица не се појавуваше во заклучоците до крајот на ноември, но Бугарија инсистираше, повикувајќи се на заклучоците на Советот на ЕУ од 2018 година, под нејзино претседателство, кога првпат е спомената оваа реченица, по склучувањето на Преспанскиот договор.

Од тогаш оваа реченица не се појавува веќе во заклучоците на ЕУ, до вчера, по инсистирање на Софија.

Дел од овој компромис е сепак во полза на Северна Македонија, сметаат некои дипломати, е дека оваа реченица не се наоѓа во пасусот од документот кој се однесува само на Северна Македонија, туку е вметнат во преамбулата на текстот во параграфот посветен на регионалното помирување, но сепак се однесува директно на Северна Македонија.

Без компромис ЕУ ќе останеше без никакви заклучоци за проширувањето на крајот од оваа година, што за германското претседателство ќе беше дебакл, велат дипломати од земји членки на ЕУ.

Во нацрт-верзијата од вчера се користи во цел текст Република Северна Македонија, за разлика од претходните нацрт заклучоци кога се користеше кратката форма, Северна Македонија. За сите други земји, во или надвор од ЕУ, се користи кратката форма, освен за Северна Македонија. Ова е исто така барање на Бугарија која смета дека кратка форма претставува иредентизам од македонска страна.

Според сите дипломатски извори консултирани од страна на МИА сите заклучоци се усвоени како што се во нацрт верзијата.

Овие заклучоци не претставуваат откочување на преговарачката рамка со Северна Македонија. Бугарија и натаму ја блокира рамката и одржувањето на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите со ЕУ. (МИА)