„Емотивна постава“ – изложба што ја претвора емоцијата во текстура, а женската сила во уметност


Модната дизајнерка Стефанија Насеска Попадинец, е дел од  кампањата „Емотивна постава“ – автентичен проект што ја истражува длабоката симбиоза помеѓу ткаенините и женската внатрешна сила, создавајќи визуелна и емотивна приказна за чувствата што живеат под површината.

Кампањата се реализира преку дигитална комуникација на социјалните мрежи на Пазел конекшн, а својот кулминациски момент ќе го доживее од 20-ти до 31-ви мај, со изложба поставена во Ист Гејт Мол, каде посетителите ќе имаат можност одблиску да ја почувствуваат „Емотивна постава“ – преку фотографија и женска енергија преточена во визуелна уметност.

Кампањата „Емотивна постава“ ја отвора темата за врската помеѓу материјалот и емоцијата, претставувајќи ја модата како продолжение на внатрешниот свет на жената. Преку движењата материјалите добиваат сопствен живот, откривајќи дека она што го носиме на себе честопати е одраз и на она што го носиме во себе. Секоја фотографија во кампањата ја доловува тивката, но моќна енергија на женската природа – истовремено нежна, ранлива и силна.

Во центарот на визуелната приказна се наоѓа уникатна наметка создадена од различни текстури и материјали, како симбол на слоевитоста на женската емоција. Секој материјал носи сопствен сензибилитет и карактер, создавајќи композиција што зборува за топлина, мекост, слобода и самодоверба. Наметката е модно дело што го претставува изразот на внатрешната сила и автентичност.

Дизајнерката Стефанија Насеска Попадинец посочи дека оваа кампања претставува спој на мода, емоција и лична вистина.

„Сакавме да покажеме дека облеката може да биде многу повеќе од визуелен израз – таа може да носи чувство, емоција и лична приказна. Секој материјал има сопствен карактер и енергија, а кога тие ќе се спојат со женската природа, се создава нешто исклучително интимно и искрено“, наведе Насеска Попадинец.

За визуелниот идентитет на проектот заслужна е фотографката Павлина Поповска.