Ехото од Берлин во координација со Париз


Германскиот Бундестаг ја крена рампата за Северна Македонија и Албанија за почеток на пристапните преговори со Европската Унија. Германското „да“ се смета за важен сигнал од една од најважните и највлијателните членки пред конечната одлука на Советот за општи работи на ЕУ на 15 октомври.

Причини за зголемен оптимизам секако дека има, но, сепак, не е до крај расчистена дилемата дали со овој чин практично е послан европскиот тепих, како што симболично констатираа некои медиуми во регионот, или на него треба да гледаме само како на придвижување на возот од Берлин до крајната станица на неизвесноста Париз. Франција беше највоздржана во јуни, а во пресрет на октомври сè уште нема јасна изјава од Елисејската палата што ќе биде сигнал дека претседателот Емануел Макрон конечно донел одлука.

Бундестагот, нагласуваат познавачите, прво анализира, па потоа носи одлука која не се базира на емоции.

„На одлуката на Бундестагот сигурно ѝ претходеле консултации и со останатите пратенички групи во Европскиот парламент. Сметам дека пасот од Бундестагот е искоординиран“, вели поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин.

Франција, која веќе подолго време говори дека проширувањето треба да се разгледува заедно со прашањето на продлабочување на ЕУ, став врз кој реално немаме влијание, бара владеење на правото и продолжување на реформите. Тоа беше пораката што неодамна му беше упатена на македонскиот шеф на дипломатијата Никола Димитров на средбата со Амели де Моншален, државен секретар во француското Министерство за Европа и надворешни работи.

Меѓу двата мотора во ЕУ – Германија и Франција, нагласува Ружин, сепак, постои одредено политичко совпаѓање.

„Тешко е да се претпостави дека едната земја би ѝ правела проблем на другата при едно такво јасно изјаснување за одредено прашање. Јасно е дека некои земји имаат одредени дилеми, но одлуката на Бундестагот има мотивациска моќ и за Франција. Тоа ќе ѝ помогне во носењето на позитивна одлука во насока на тоа дека на крајот нема да биде осамена во размислувањата“, вели Ружин.

Во дебатата која траеше нешто повеќе од половина час пратениците на владејачките ЦДУ/ЦСУ и социјалдемократите, како што информира Дојче веле, изразија поддршка за реформските напори на Скопје и во повеќе наврати го наведоа Преспанскиот договор како големо достигнување за целиот регион. Кон нив се придружија и опозициските Зелени и Либерали. Популистичката АфД беше против, а Левицата делумно воздржана.

Во делот за Северна Македонија, владејачката коалиција бара да се гарантира дека реформскиот курс и заокружувањето на потребните реформи ќе бидат одржани. Се додава дека земјава мора да преземе дополнителни напори за да ги исполни критериумите за членство во ЕУ, особено во делот на владеењето на правото, ефикасноста на Специјалното јавно обвинителство, борбата против корупцијата и организираниот криминал и засилување на институциите за заштита и подобрување на човековите права. Акциските планови предложени од Европската комисија мора да добијат јасни рокови, чие исполнување треба да биде услов за отворање нови поглавја. Бундестагот го задржува правото да го смени својот став доколку утврди дека не се исполнуваат поставените услови за почеток на преговорите.

Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, рече дека одлуката на Бундестагот за Македонија и Албанија го подвлекува значењето кое Западниот Балкан го има за ЕУ, а истовремено јасно се става до знаење дека реформите се ценат, пренесе Дојче веле.

„Обете земји мораат да ги продолжат реформските напори, за да го продолжат патот кон ЕУ. Јас сум убеден дека условениот пристап на Бундестагот ќе убеди и други во ЕУ да го одобрат почетокот на преговорите“, нагласи Мас.

Евентуалното добивање датум за почеток на преговорите е значаен момент, но не е, ако така може да се каже, некоја предност бидејќи вистинските напори следуваат дури потоа кога земјава, како што рече и премиерот Заев, влегува во трансформациско патување. „Разбирливо е кога светскиот поредок доживува промени, се случија ‘Брегзит’, антиглобализмот на Трамп, ривалството на Русија и Турција со САД, стратегиите се менуваат. Но веста од Германија во секој случај е одлична. И доколку во октомври и официјално биде означен стартот на преговорите со ЕУ, тоа заедно со влегувањето во НАТО, е доволен аргумент земјата да слави“, вели Ружин.

Одредени информации од Брисел велат дека Македонија и Албанија формално одат како пакет, но не е исклучено да биде повлечена суштинска граница меѓу нив со тоа што одржувањето на првата меѓувладина конференција со соседната земја ќе се услови со исполнување на серија задачи. За Македонија такви услови не би имало. Бундестагот завчера гласаше поубедливо за Македонија. „За“ почеток на преговорите гласаа 476 пратеници, против гласаа 122, а 16 беа воздржани. За Албанија соодносот беше – 395 пратеници „за“, 188 против и 16 воздржани.

Европратеничката од Словенија, Ирена Јовева, која е прва пратеничка со македонско потекло во Европскиот парламент, завчера беше избрана за прва потпретседателка на делегацијата помеѓу ЕУ и Северна Македонија. Таа е голем оптимист дека земјава во октомври ќе добие зелено светло.

„По ходниците, ако можам така да кажам, се зборува со оптимизам, барем за Северна Македонија. Сега очекувам дека ќе се добие датум и дека ќе се почне да се оди напред“, вели Јовева во разговор за МИА.

Јовева е дел од групата на либералите каде што членува и партијата на претседателот на Франција, Емануел Макрон. На прашањето какво е расположението кај нејзините француски сопартијци околу преговорите, таа вели: „Не знам дали можам да кажам дека се противници, колку што слушам од разговорите со нив. Дали е тоа затоа што разговараат со мене, но немам такво чувство. Тие сакаат ЕУ да се реформира и после тоа да почне да се проширува, но тоа не значи дека тие не се за тоа во ЕУ да влезат државите што ги исполнуваат критериумите. Засега се порезервирани во однос на прашањето дали Северна Македонија ќе добие датумот во октомври, но на крајот мислам дека се ќе биде в ред“, смета Јовева.

Во однос на дилемата дали Македонија на крајот може да биде одвоена од Албанија, таа вели дека има различни информации.

„Има сценарија според кои ќе се одвојат на крајот, не знам што точно ќе се случи. Јас сум родена во Словенија со македонско потекло и горда сум и на Словенија и на Северна Македонија. Мојата прва желба е сега Северна Македонија да добие зелено светло за да почнат преговорите, сите знаеме дека ќе биде долг пат, сигурно нема во наредните пет години да стапи во ЕУ, прво што треба за луѓето е некаков позитивен сигнал“, порачува Јовева.

Наум Котевски

 

Државниот врв ѝ се заблагодари на Германија

Водечките македонски политичари преку социјалните мрежи се заблагодарија на поддршката од германскиот Бундестаг за отворање преговори со ЕУ. Шефот на државата Стево Пендаровски преку Твитер ја искажа својата благодарност со едноставно: Danke Deutschland.

Премиерот Заев тоа го направи преку Фејсбук. „Вечерва добивме прекрасна вест од Берлин. Бундестагот со огромно мнозинство даде поддршка за ЕУ да ги започне преговорите за членство со Северна Македонија. Конечната одлука ја очекуваме во октомври, што ќе значи признание за граѓаните и институциите и за сите наши одлуки, напори и успеси. Ова е голем поттик, продолжуваме да работиме уште повеќе. Им благодариме на сите пратеници во германскиот Бундестаг и на владиниот тим на канцеларката Ангела Меркел“, напиша Заев.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров оцени дека Бундестагот покажал лидерство.

„Бундестагот покажа лидерство вечерва: светло зелено светло за преговори со ЕУ. Со признавањето на достигнувањата на Северна Македонија тој нè охрабрува да продолжиме напред и подобро. Ние исполнивме, вие исполнивте и ќе продолжиме да постигнуваме“, пишува Димитров на Твитер. Вицепремиерот Бујар Османи, кој во живо во Берлин ја следеше одлуката на Бундестагот, исто така, се заблагодари за поддршката.

Хан: Го поздравувам гласањето во Бундестагот

Комесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Јоханес Хан, го поздрави гласањето на Бундестагот за почеток на преговорите со ЕУ во октомври за Северна Македонија и за Албанија. „Го поздравувам денешното гласање на германскиот Бундестаг за отпочнување на преговорите за пристап на Северна Македонија и Албанија во октомври. Признавањето на конкретниот напредок е клучно како поттик за реформите во Западен Балкан и за кредибилитетот на ЕУ!“, напиша Хан на Твитер.