Едно „маргинално“ приведување


ЗДРАВКО САВЕСКИ

Минатиот петок, на маргините на јавната демонстрација на вооружување што се одржа во Скопје, во склоп на промоцијата на зачленувањето во НАТО, беа приведени тројца демонстранти. Ги одведоа во полициска станица и по одредено време ги пуштија на слобода.

Маргинален настан, ќе помислите првично. И тоа маргинален настан поврзан со уште еден маргинален настан, демонстрацијата на вооружување, кој воопшто не го привлече јавното внимание. А тоа веќе е маргиналност на квадрат. Евентуално, тоа заслужува некое попатно спомнување во вестите и толку. Сигурно не треба пишување колумни и кревање ука-бука. Ги привеле, ама веднаш ги ослободиле. Ништо страшно.

Ако ние бевме демократија, во која навистина се почитуваат човековите права, ова притворање демонстранти воопшто немаше да биде маргинален настан. Зашто повредува важно човеково право, правото на мирно протестирање. И значи пречекорување на надлежностите на полицијата, која си зеде за право да лишува од слобода лица, штуро наведувајќи дека така постапила зашто приведените лица го нарушиле јавниот ред и мир, не почитувале наредба на полициски службеници и ја попречувале полицијата во извршување службени дејствија.

Ако ова се случеше додека на власт беше Груевски, некои медиуми кои наводно се независни, уште во најавата ќе информираа дека биле приведени тројца демонстранти. И ќе направеа опширни прилози во кои „експерти“, „аналитичари“ и „активисти“ ќе ја напаѓаа полициската бруталност и ќе го вперуваа прстот кон режимот, истакнувајќи дека ова не може да се третира како изолиран инцидент. И ќе се бараше оставка на министерот за внатрешни работи, зашто дозволил полицијата така да се однесува. Но, бидејќи на власт е СДСМ, а не ВМРО-ДПМНЕ, од загрижените борци за човекови права и од наводните независни медиуми – ниту трага ниту глас. Некои само попатно го нотираа настанот, нешто како маргиналија без политички импликации.

Зарем таков треба да биде третманот на човековите права? Кога ќе им се кршат човековите права на „нашите“, тогаш фрламе дрва и камења по режимот. Но кога им се кршат човековите права на политичките неистомисленици, тогаш тоа не нè засега? Ако така постапиме, што кажува тоа за нашиот однос кон човековите права? Не ја открива ли тоа хипокризијата и третманот на човековите права како алатка во политичката борба, а не како демократска и цивилизациска придобивка? Каде е сега цитирањето на Волтер, дека воопшто не се согласува со она што го кажува неговиот соговорник, но дека до крај ќе го брани неговото право да го каже своето мислење? Да, и јас не се согласувам со политичките погледи на приведените, исто како и либералите приврзаници на сегашната власт што одбраа да молчат за инцидентот. Но, за разлика од нив, не мислам дека политичкото несогласување со некого е доволна причина за да се премине така лесно преку неговите човекови права и преку употребата на прекумерна полициска присила.

Што толку приведените лица го нарушиле јавниот ред и мир и ја попречувале полицијата во извршувањето службени дејствија? Легнаа пред камионите со кои се пренесуваше воената опрема на плоштадот, па мораше полицијата да ги приведува во „марица“, а потоа во полициска станица? Не можеше да се применат други мерки кои ќе обезбедеа непречено одвивање на настанот без да дојде до прекршување на правото на мирно протестирање? Можеше. Но, ѝ се можеше на полицијата. Па ги приведе демонстрантите. Да биде ситуацијата посериозна, ваквата непропорционална употреба на сила веќе беше применета претходно, пред две години, при сличен начин, кога за истакнување транспарент со антимилитаристичка содржина беа приведени членови на Левица и останати левичари. Им беше прекршено правото на мирно протестирање, полицијата употреби прекумерна сила – и? Никој не сносеше одговорност, па по две години истото се повтори. Тоа се случува во сите ситуации кога се замижува, кога се релативизира.

Колку полицијата е со „краток фитиљ“ сведочи и вториот инцидент што се случи на истиот настан со групата антимилитаристи кои истакнаа антивоен транспарент. Она што тие направија е следново: истакнаа антивоен транспарент, на пристојна далечина од локацијата на која се одвиваше настанот. Ниту скандираа нешто, ниту на кој било начин го загрозуваа настанот и јавниот ред и мир. Не поминаа ниту пет минути од истакнувањето на транспарентот, кога им се приближи цела група полицајци, а нивниот началник побара отстранување на транспарентот. Беше прашан зошто го бара тоа, кога е очигледно дека мирно се протестира. Началникот на тоа кажа дека била донесена безбедносна проценка дека таа група претставува „безбедносен ризик“ (!?) и дека непостапувањето по наредбата ќе се смета за попречување на полицијата во извршувањето службени дејствија. Со која леснотија тој началник го обезвредни правото на мирно протестирање, со која леснотија си ги зголеми овластувањата! И очигледно беше дека полицијата ќе прибегне кон приведување ако тие граѓани и понатаму сакаа да го користат своето уставно гарантирано право на мирно изразување несогласност.

Зошто веќе по вторпат полицијата демонстрира прекумерна употреба на сила на настан од ист карактер, демонстрација на вооружување во содејство со НАТО? Ќе да има врска тоа со желбата да се креира слика кај НАТО патроните дека овде сите едноставно го обожаваат НАТО и дека никој не се буни против него. И таа желба очигледно има поголема тежина од уставно гарантираните права. А таквото поставување на приоритетите од страна на власта треба сериозно да нè загрижи. Зашто ова веќе не е изолиран инцидент. Веќе двапати се случува. Пред две години, кратко време по доаѓањето на СДСМ на власт, неговите симпатизери го правдаа инцидентот во смисла дека станувало збор за нереформираната полиција од времето на Груевски. Сега, кое е правдањето? Поминаа две години. Зошто полицијата уште продолжува со своите нереформирани практики?

Инаку, самата демонстрација на вооружувањето предизвика многу слаб интерес кај јавноста. Ретко кој гореше од желба „да ги запознае војниците“ и да го види оружјето. Фактички, најголемиот дел од посетителите беа малолетници и деца, со своите родители. Грозна е таа слика! Како лица во воена униформа им објаснуваат на деца како функционира некое оружје. Со тоа ли треба да се занимаваат децата, за тоа ли треба да се интересираат? Разочарувачки изгледа колку мал сегмент од јавноста виде проблем во тоа ширење на милитаристичките вредности кај најмладите. Реагираше Детската амбасада „Меѓаши“, реагираа и други, но реакцијата е далеку од задоволителна. Она што се покажа на терен при демонстрацијата на вооружувањето по градовите е дека толку слаб беше интересот што, ако се забранеше присуството на деца на овие настани, посетеноста од слаба ќе станеше никаква. Па паднаа на тоа дереџе да се потпираат на децата за настаните да не им бидат целосно фијаско. Срамно и жално!

На крајот, збор-два и за „мировните активисти“ во земјата. Има не мал број граѓански активисти, кои организираат обуки за подобрување на меѓуетничката доверба во нашата земја и за тоа земаат хонорари. И сето тоа е во ред. Но борбата за мир не може да се ограничи само на подобрувањето на меѓуетничката доверба. Македонија е на пат да стане членка на воен сојуз. Вистинскиот одговор на мировните активисти на тоа треба да биде – молк? Се шират милитаристичките вредности во општеството, ни парадираат со оружје по градовите. Пак молк? За донаторите да не се налутат случајно? Што останува од принципите ако врвниот мотив е да се избегне погледот попреку од донаторите?