Џонтра Волта или Горна Волта


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Седиме со колегите во кафулето веднаш до судот загледани во врелината на воздухот кој трепери и ја изобличува сликата на околината создавајќи лажно движење на неподвижниот асфалт и бетон. Погледнувам што сум напишал минатата година на истиот ден и сфаќам дека истиот пост подеднакво добро ја опишува и денешната состојба една година подоцна. Сум постирал – Рано августовско утро, судот празен како општинска каса, а судењето закажано на трети кат. Ходниците врели како македонската политичка сцена, а судиите уште заспани како и правдата. Судската администрација без волја и елан како охридски келнер, Јустиција сè уште со врзани очи и тап меч. Со еден збор, сè на свое место како и секогаш, состојбата нормално ненормална.

Многу одамна овде на папокот на светот е нормално да е ненормално, многу одамна сè стои и ништо не мрда и не се движи освен оние кои заминуваат во странство засекогаш, далеку од домот, подалеку од балканското лудило. Одамна овде ништо не разлистува и не вирее освен криминалот и криминалците и алчноста и лагата. Многу одамна овде ни лисјата не мрдаат затоа што општинските очуви и маќеи со градежната мафија ги исекоа дрвјата и го запреа ветерот со безумните градби и дивоградби. Пеколната горештина го разнебитува градот како што глупоста и неукоста, изопаченоста и политиканството, криминалот и полтронството го разнебитуваат мозокот на луѓето. Некроза на умот, инфаркт на системот и општеството, дијагноза одамна поставена.

Молчиме депресивни, притиснати од минатото кое е сè уште и наша сегашност, а како тргнало и иднина ќе да ни е. Молчиме за да не зборуваме за единственото нешто за што се зборува овде на папокот на светот, за политиката и криминалот испреплетени како змии во екстаза. Загледани во далечина не го приметуваме доаѓањето на еден млад колега кој насмеан влегува во кафулето, и потпевнува песна од филмот „Треска на саботната вечер“. Еден од колегите му дофрла – Џон Траволта и Оливија Њутн Џон, а овој му одговара – Не, овде пее Џонтра сам без Оливија. Сите го гледаме запрепастени и му викаме – Мислиш Џон Траволта, а тој пак – Нееее, Џонтра Волта, тој се вика Џонтра, а се презива Волта. Попусто беа нашите убедувања дека Џон не е Џонтра.

Како што не успеавме да му покажеме и докажеме дека Џон не е Џонтра на нашиот колега, така сите овие години не успеавме да им покажеме и докажеме на политичарите дека народот не им е слуга и не е овца. Не успеавме да покажеме дека со криминалот можеме да се справиме, дека не е исплатлив бизнис и дека за тоа се оди во затвор. Не успеавме да создадеме правна држава во која функционираат институциите на системот, држава во која постои поделба на власта, држава во која владее закон пред кој се сите еднакви и кој важи за сите. Не успеавме да создадеме општество на чесни луѓе во кое доблеста се цени, општество во кое нормално се живее и напредува, во кое нема омраза и поделеност. Не успеавме да го сочуваме она што нашите предци го создале и изградиле со своја крв, не научивме од нив како се сака земјата и државата, не научивме да бидеме свои и горди на своето, не научивме како се почитува својот сосед. Не научивме разликите да не нè разделуваат ниту научивме сличностите да нè спојуваат, не научивме ништо, а го заборавивме и тоа што го знаевме.

Наместо нормалното, ние го негувавме ненормалното, па создадовме држава во која партијата е мајка а лидерот татко на државата, државната каса им е паричник, а функционерската фотелја лек за хемороиди на зинатиот алчен задник. Создадовме држава во која власта е цел и средство за задоволување на личните интереси на поединци и партиски фукари заглибени до гуша во криминал и разврат. Создадовме држава во која законот е само за ситната боранија, а за крупните криминалци и функционери се применува папската милост со купување, подмитување или подмачкување и продажба на индулгенции. Создадовме држава во која власта не се дели на законодавна,извршна и судска туку се дели по роднини и пријатели. Создадовме општество на мрзливи безрбетници истопорени по плажите на околните земји, криминални бизнисмени со пари истопорени на странски сметки и морален отпад истопорен како авангарда. Создадовме општество во кое доктори на науки мијат садови по рестораните или ги служат полуписмените фолкери, трендсетери, колгерли и спонзоруши по ноќните клубови. Создадовме општество во кое спинот е вистина, а вистината лага, општество во кое секој секого снима, а снимката ништо не значи и не е доказ. Создадовме општество во кое содржината не е важна, туку е важен партискиот раат, создадовме општество на афери и спинови, на правдање и оправдување, општество на неодговорност, неотчетност и нетранспарентност. Создадовме општество на арамии, подмитливци, криминалци, безрбетници, полтрони и шизофрени поддржувачи. Создадовме општество во кое вистината е клевета.

Сè уште ги слушам зборовите на колегата за Џонтра Волта и неодоливо ми асоцираат на Горна Волта. Можеби ќе беше подобро место Северна и ние да го ставевме она Горна, па како Горна Волта да се прекрстиме во Буркина Фасо, што во превод значи земја на неподмитливи луѓе. Далеку сме ние дури и од Волта и Буркина Фасо сè додека не заигра камшикот.