Две рецесии


НИКОЛА ПОПОВСКИ 

Иако се далеку од општоприфатени и сигурни, најавите за можна глобална економска рецесија во текот на наредната година се сè позачестени и сè поаргументирани. На сите им е јасно дека предвидливоста на рецесија во светски рамки е само малку поголема од, на пример, точноста на предвидувањето на идниот земјотрес или паѓањето на некој метеорит на земјата, но сепак предвидувањата зачестија и нема да биде изненадување доколку рецесијата навистина се случи. За волја на вистината, доколку ја има, таа ќе биде во рамките на емпириските факти за нејзино појавување на секои 10-15 години, а последната беше во 2009 и беше директно поттикната од финансиската криза во 2008 година. Во најмала мера во блиска иднина веројатно ќе се случи извесно забавување на економските активности.

Претстојната пецесија, доколку сепак се случи, за причина ќе има сосема поинакви фактори. Во текст од пред неколку дена, еден од најпознатите економисти, професорот Нуриел Рубини, соопшти дека идната светска рецесија, за која тој е сигурен дека ни претстои до крајот на 2020 година, ќе биде резултат на сплет од неколку фактори од кои трите најважни се ескалирачката трговско-валутна војна помеѓу двете најголеми економии во светот – САД и Кина; потоа т.н. „студена“ технолошка војна помеѓу истите две земји околу нивната доминација врз технологиите на иднината, односно вештачката интелегенција, 5Г, роботиката и други; и конечно, цените на нафтата, иако во основа се движат по надолна линија заради континуираните технолошки пронајдоци и супститутивните енергетски извори, сепак можат да ескалираат по нагорна линија благодарение на потенцијалниот воен конфликт на САД (можеби и Велика Британија) со Иран, што би довело до состојба на стагфлација (можна состојба на економска рецесија или стагнација придружена со висока инфлација). Рубини смета дека овие процеси, придружени со актуелниот процес на деглобализација можат да ескалираат во нова рецесија. На сето ова се додаваат состојбите со двете најголеми европски економии – Германија чија економија во моментов едвај ползи и В. Британија која доживува политички дебакл со видливи економски импликации поради што двете земји се соочуваат со сериозни предизвици на краток и среден рок. На тој начин ние денес зборуваме за можна нова, иако светот, де факто, никогаш сериозно не ни закрепна од претходната рецесија по која фазата на експанзија практично се појави со неуверливи глобални стапки на економски раст. Впрочем, поседното, испитување на пулсот на инвеститорите во САД (јули-август) од страна на реномираната Бостонска консултантска група (BCG – Boston Consulting Group) покажа дека дури 74 отсто од инвеститорите очекуваат рецесија во идните 24 месеци.

Во такви услови секоја земја треба брзо да се подготвува за соочување со евентуалната глобална рецесија, која наместо на страната на недоволна побарувачка сега може да се појави на страната на негативните шокови на понудата, па на тој начин да ги ублажи последиците по националната економија. Истото важи и за компаниите, особено оние што се поизложени на шоковите што можат да дојдат од домашната, регионалната или глобалната економија. Тие мора брзо да се прилагодат на промените на нивните пазари, на однесувањето на нивните потрошувачи и на стратегиите на нивните конкуренти и сето тоа да го прават одеднаш. Секако контролата и намалувањето на трошоците на краток, среден и долг рок остануваат континуирани врвни приоритети. Во време на криза тие едноставно мора постојано да пронаоѓаат нови извори на сопствениот раст, а тоа не е воопшто лесно.

Додека овие општи и глобални проблеми ја предизвикуваат краткорочната иднина на економија во светот, нашата земја веќе и формално се соочува со една многу поинаква и многу потешка за решавање рецесија. Рецесијата на населението. За што станува збор? Познато е дека наталитетот во земјава стрмоглаво се намалува веќе две децении, а заради процесот на стареењето на населението морталитетот постојано и стабилно расте, а тоа го намалува природниот прираст на населението. Тоа беше и е очекувано заради процесот на демографското созревање на нацијата. Но кога во четвртиот квартал од 2018 година за прв пат се појави статистичкиот податок дека имаме негативен природен прираст од 82 лица стана јасно дека тој тренд веќе е тука за да остане и евентуално да се зголемува.

Податоците на Државниот завод за статистика за наредните два квартали тоа и го документираа. Во првиот квартал природниот прираст беше негативен за 1.076 лица, а неодамна објавените податоци за вториот квартал покажаа дополнителен негативен прираст од 235 лица. Во иднина веројатно ќе имаме и по некој позитивен квартал, но јасно е дека во основа негативните тенденции ќе продолжат и Македонија од сега па на долг рок ќе се соочува со демографска рецесија која на жесток начин ќе биде поддржувана од емиграциските процеси. Треба да сме подготвени дека во наредните барем 30-40 години ќе имаме сè помалку новородени деца, дека постарите генерации, што сега се побројни од новите, полека ќе заминуваат и дека вкупното население, заедно со работоспособното и активното население полека но сигурно ќе се намалуваат до граници што можат алтернативно да се предвидат.

Ваквата рецесија ќе биде стабилна и со оглед дека ќе го опфати и поширокото географско опкружување на Македонија, таа ќе мора да се решава многу внимателно за да не предизвика многу несакани последици по економијата и животниот стандард на населението во една подолгорочна перспектива. За да е појасно, сосема е извесно дека понудата на нископлатените мануелни работници, на пример, во дејностите на земјоделието, индустријата и градежништвото брзо ќе се намалува и ќе предизвикува нивно постапно исчезнување со процеси на преструктуирање. Тоа ќе биде болен процес со големи загуби за економијата и со многу губитници и економски жртви. Доколку не дојде до многу големо поместување кон користењето на високите технологии од засега непознатите идни технолошки генерации и користењето знаењето како врвен економски фактор што ќе произлегува од користењето на супериорниот човечки капитал, ќе дојде до намалување на доходите на инвеститорите и намалување на интересот за нивните инвестиции. Вредноста на работната сила можеби ќе се помести повисоко на скалата на релативната распределбата на новосоздадениот доход. Конкуренцијата во светот во производството на материјални добра од секаков вид од страна на сегашните земји со низок доход и со низок среден доход (Македонија е во групата на земји со висок среден доход) ќе се заостри до граници кога извозот на кој било производ ќе е тешко остварлив, а при извозот на услуги и високотехнолошки производи од најновите генерации ќе се соочуваме со огромна конкуренцијата од најразвиените.

Постојаните закани од краткорочни рецесии во светот и долгорочните демографски рецесии дома и во опкружувањето ќе ги задржат во добра кондиција само оние компании, дејности, региони и национални економии што ќе бидат многу подготвени за таквите, навидум футуристички, но и реални сценарија.