Духовна беда на говорот


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Многупати сум се смеел на вицовите и анегдотите за Црногорците кои важат за големи јунаци, луѓе не многу расположени за работа и скржави на зборови, па самите за себеси кажуваат дека секој збор им е како алтан. Знаејќи ги овие карактеристики на Црногорците, разговор на два Црногорци со превод би изгледал вака:

ООООООО…….(одушевување поради средбата и видувањето)

ЕЕЕ……(отпоздравува другиот)

И?…….(го прашува како е)

Аа…….(како не е нешто)

Ууууу…..(загрижен сочувствува)

Ае…… (што да правиш таков е животот)

Токму на овој стар виц за Црногорците ме потсети една неодамнешна изјава на еден наш министер која изгледаше многу слично како овој разговор.

Новинарот го прашува министерот: Министре, колку изнесуваат странските инвестиции во последната година ?

Ууууууу………(многу, не можам да избројам)

Дали се поголеми од минатата година ?

Ухууу……..(не се споредува)

Но колку се новоотворени?

Ссссссс……..(не прашувај, многу)

Колку е вложено во зоните?

Ихаааа…….(многу, не можам да избројам)

А надвор од зоните?

Мх, мх……..(не ме прашувај глупости)

Благодарам министре

Мммммм…….(нема на што повелете и друг пат ама спремете се со прашањата фер да бидат)

Најчесто и обвинителството милува да одговара со кратки, едносложни зборчиња мислејќи дека на тој начин ќе изгледа посигурно и транспарентно. Прес-конференција на јавниот обвинител и Обвинителството за гонење на организиран криминал со превод најчесто изгледа вака:

Дали покрај двајцата притворени има и други лица за кои постои сомневање дека учествувале во аферата „Рекет“?

Хммммм……(се сомневаме, ама не ви кажувам во кого)

Дали има докази и за вмешаност на специјалниот јавен обвинител?

Аааааааа……..(не сме сигурни што ќе покаже истрагата)

Точно ли е дека едниот телефон одземен од специјалниот обвинител бил форматиран?

Ае……(така е, што да правиме и ние сме живи луѓе, бевме на одмор)

Има ли индиции за вмешаност на високи јавни функционери во „Рекет“?

Паааааа…….(добро прашање, ама ние во политика не се мешаме)

Да не грешиме душа, ама не се сите олку скржави и кратки во своите одговори. Еден дел од функционерите се однесува навистина коректно и знае и да го сослуша прашањето и темелно и целосно да го одговори. Еден од таквите функционери беше оној министер за животна средина кој му покажа на новинарот колку е неспремен, а колку тој како министер ја владее материјата. На прашањето за енормното загадување, тој како од пушка му објасни на новинарот дека тој не се занимава со граѓаните туку со животната средина. Среќа што не го прашаа за Студената војна, сигурно ќе се изрезилеше новинарот затоа што не знае дека таа се води во зима на студено.

Постојат функционери кои милуваат да зборуваат многу, па не може никој да ги прекине. Нашироко објаснуваат и раскажуваат и нивниот монолог трае со часови. Таков беше еден пратеник од партија на малцинствата, кој е пратеник во секој состав на парламентот, пратеник кој е секогаш во позиција и кој владее со процентите, а сигурен е 102,3 отсто. Друг, пак, пратеник знаеше со часови да им чита книга на пратениците на седница или да молчи и со тишината толку многу да им каже на своите колеги, а и на народот, разбира се.

Секаде во светот се вика „каков народ, таква власт“, но овде кај нас, бидејќи е се изопачено и обратно, превртено наопачки, се вика „каква власт, таков и народ“. Само кај нас кога ќе се сретнат двајца пријатели кои не се виделе многу одамна се поздравуваат со пцост во која задолжително е содржана мајката на другиот, по што следува гушкање и тапкање по рамо. Понекогаш кога не изминало многу време меѓу двете средби пцоста не се употребува туку се вика – Кај си бе педер, секако не како сексуална определба ниту како карактерна особина, туку повеќе како знак на блискост и поврзаност.

Јазикот и говорот, културата како сет на меѓузависни вредности и начин на однесување кои се заеднички за заедницата, но и културата на говорот и однесувањето се појдовни вредности со кои се гради и надградува едно општество. Говорот, стереотипите и начинот на кој се комуницира меѓу поединците и групите многу кажува не само за нивото на едно општество, туку го детектира и неговото ментално здравје. Начинот на кој се однесуваме едни кон други и што мислиме едни за другите како единки, но и како припадници на ова општество го детектира говорот и зборовите употребени во него. Говорот во најголема мерка го пренесува идентитетот на личноста и идентитетот на пораката.

Она што изминатиот период можевме да го слушнеме како говор на поединци, групи, а особено говорот на јавните функционери кои раководат со државата покажува едно поразително ниво не само на јазична култура туку поразително и загрижувачко ниво на културата воопшто, на системот на морални вредности и нивото на развиеноста на општеството и неговата демократска развиеност. Не помалку говорот на овие индивидуи покажува и исклучително ниско ниво на писменост и интелект, но го покажува и менталниот однос кон одговорноста и позицијата која ја зазема, а што е на исклучително ниско ниво.

Говорот во нашето општество е говор на омраза, етикетирање, дискредитирање, омаловажување, маргинализирање и спинување, а што само го покажува идентитетот на личноста и нејзината структура, преточена во однос и ставови кон определени појави, прашања и односи. Лажните вести се само последица на ниското интелектуално и морално ниво на општеството и се во функција на подржување на говорот на едната или другата страна.

Човекот се легитимира со својот јазик. Јазикот е постојан придружник на човекот и тој со него расте и се развива, дополнува и усовршува. Јазикот со кој еден човек говори е најточна и најверна слика на вредностите на неговата духовна култура. За жал, кај нас владее страшна духовна сиромаштија.