Драстична анти-ковид мерка: Децата да се врзуваат за кревет
По усвојувањето на Законот во Израел, со кој сите кои се во карантин носат електронска алка, уште една земја има драстични анти-ковид мерки.
Имено, властите во Хонконг применуваат врзување за кревет на бебињата и децата кои се во изолација, додека сè повеќе критики се упатуваат заради психолошките последици на таквите мерки против корона вирусот.
Иако е еден од најгусто населените градови во светот, таа поранешна британска колонија генерално успеа да воспостави контрола над пандемијата.
Во Хонконг досега се регистрирани 11.000 заразени со кронa вирусот, а 200 починати, што е постигнато со едни од најригорозните мерки на светот. Секој кој има позитивен тест на корона веднаш заминува во болничка изолација, без разлика дали има симптоми, а блиските контакти се праќаат две недели во карантински кампови под контрола на властите.
Повеќето луѓе, кои влегуваат на територија на Хонконг, мора на свој трошок да бидат во тринеделен карантин во посебно одредени хотели.
На социјалните мрежи има сè повеќе критики за праксата на одвојување на децата од своите родители во одделенијата за изолација па така мајките не можат да ги дојат своите бебиња, а децата ги врзуваат за кревет за да останат на едно место.
Владата на Хонконг оваа недела во повеќе наврати се обидуваше да се оправда.
„Генерално, болниците применуваат физички ограничувања на педијатриските пациенти заради нивна безбедност и добробит“, соопшти синоќа болничката управа и додава дека за тоа е потребно одобрениe од родителите или старателите.
Се додава дека на родителите кои се негативно тестирани генерално им се дозволува да бидат со своите деца во единиците за изолација, ако има место.
Но, како што напоменува Франс прес, тоа не е случај секогаш. Постојат примери на самохрани родители кои не се на исто место со совите деца и можат само да ги слушнат преку телефон.
Конзулатите на Швајцарија, Велика Британија и САД во последните денови изразија загриженост поради психолошките последици од тие драстични мерки.