Драга, не биди педер


ЕРОЛ РИЗАОВ

„Ако има шта да се спашава,

немој да идеш, не буди шашава,

полазиш ка вратима кључ ти је у рукама

неодлучан ход,

држим ти палчеве и навијам за тебе

спушташ торбу на под.

О драга, не буди педер“

 

„Рибља чорба“, 1982

 

Можев до некни оваа строфа од стара песна на Бора Чорба да ја објавам сто пати без да предизвика посебно внимание во јавноста. Но веќе не е така, во Македонија штом кажеш педер имаш обезбеден публицитет и гарантирано добра читаност, жестоки реакции, пцости и аплаузи во зависност од тоа каде ќе те сместат партиските активисти и пациенти. Најзаслужен за тоа во последната етапа на маратонот што го трча една половина од Македонија кон излезот, а другата кон бездната, е премиерот Зоран Заев, оти тој не смее некогаш јавно да го каже тоа што милион луѓе можат да го помислат и да го кажат, да го напишат и објават слободно по социјалните мрежи и во медиумите.

Додуша, може и Заев да го каже истото, но само во себе, но не може тоа премиерот јавно да го изусти во кој било контекст, особено ако е тоа смислено што се гледа со „извинувањето“ однапред до ЛГБТ-заедницата. Но се гледа и нешто друго од неговата и на Владата досегашна храбра активност за заштита на сексуалните слободи и засегнати права на луѓето од ЛГБТ од кои во Македонија политичарите популисти и патриоти не само што бегаат како од оган туку со фашистички осуди на различните во секој поглед, партиски, идеолошки, национално, верски, сексуално… собираат со години политички поени и создаваат клима на нетрпеливост и линч.

Кога еден премиер решил да спасува држава од два-тројца криминалци, еден суетен новинар и еден педер, макар и со извинување тоа да го каже пред микрофони, тогаш, нема што да се спасува. Ако, пак, тоа е сериозна опасност која се надвиснала над иднината на државата, тогаш нема ни иднина ни држава. Во тој случај, и без овие два-тројца државата ќе падне како гнила крушка.

Работата е многу посериозна и покритична. Македонија е соочена со специјална војна за уривање на Владата и на Зоран Заев, војна во која повеќе струи имаат освен заедничката цел падот на Заев и на владата и многу други различни интереси. Македонскиот влог во филмската копродукција е освојување на власта и спасување на криминалците од партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ, против кои се водат повеќе судски процеси со обвиненија за тешки кривични дела. Веќе има и неколку пресуди на повеќегодишни казни затвор, а нема затвореници. Сите овие судски постапки, од првиот ден на формирање на СЈО со едногласна политичка одлука, во изминатите две години беа под силен притисок да се попречи правдата. Во попречување на правдата без вклучени тогашниот премиер на државата Никола Груевски, претседателот на државата Ѓорге Иванов, претседателот на парламентот Трајко Вељановски, државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, претседателот на Кривичниот суд Владимир Панчевски, претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, повеќе судии и обвинители, функционери на Судскиот совет, пратеници, разузнавачи, полицајци. Нивните следбеници ја продолжуваат акцијата за попречување на правдата. Другите интереси се во обидите да се оневозможи Македонија да стане членка на НАТО, да ги почне преговорите со ЕУ.

Кажано без никаква иронија, импонира силината и еднодушноста на реакциите на новинарските здруженија, на ЛГБТ-заедницата, на голем број медиуми, новинари и колумнисти во осудата на непримерниот и недоличен јазик на премиерот. Меѓутоа, и во оваа пригода треба да се биде објективен, професионален и етичен и да се каже отворено дека ова не е резултат на некаква голема храброст и зрелост, туку најмногу на освоената слобода без никакви последици и без загроза од злоупотреба на државните институции и на власта да се соопштуваат јавно различни мислења и ставови. Во слични ситуации во поранешниот режим не беа можни вакви реакции, особено не во ваков обем. Новинарите и јавните личности кои ќе изнесеа спротивно мислење од она на власта не беа жигосувани и сатанизирани само од партиски војници и симпатизери и нарачани насилници, како што, за жал, има случаи и сега од приврзаниците на власта, туку тогаш беше загрозена нивната слобода и егзистенција на најбрутален начин со затворски повеќегодишни казни, со робијашки притвори, со ќотек и шиканирања, со нарачани апсења, со драконски парични глоби кои изнесуваа неколку годишни плати на новинари и уредници, се затвораа телевизии и весници, како да си кажал добро утро, со целосен молк на јавни институции и новинарски здруженија задолжени за заштита на медиумите, се менуваа главни уредници како чаршафи во меана, стотици новинари остануваа без работа во еден ден гаснејќи повеќе медиуми на крајно криминален начин. Тоа не може и не смее да се заборави за да не се повтори.

Може ли да се заборави кога премиери, министри, пратеници, колеги новинари удобно сместени во скутот на власта сосема комотно и пред ТВ-камери и на митинзи соопштуваа со име и презиме кои редакции и новинари, колумнисти се странски платеници, кои се антидржавни и антинародни, антивладини, а корумпираните новинарски пера, познати апологети и редовни собеседници во чудовиштни интервјуа, кажуваа ужасни лаги, набројувајќи кои се непријатели, предавници, кодоши, хомосексуалци, педери и лезбејки, кој треба да се обеси на плоштад и кој треба да добие куршум во чело, кој лаже како Турчин… и останати гадости за кои ми треба цел том да набројувам.

Зборот ми е – треба и мора да се критикува секоја злоупотреба на власта и моќта. Тоа е основната придобивка на секое демократско општество. И суетните и несуетните новинари и јавни личности имаат света професионална и етичка обврска тоа да го работат, без оглед кој е на власт. Тоа го работат новинарите и во Скандинавија и на Балканот и во авторитарните режими, за жал и во Европа, како и во најцрните диктатури изложувајќи се на опасност. Во Македонија таква опасност веќе не постои, барем засега. Но што правиме со еден многу значаен етички и морален проблем. Можат ли тие што го величаа режимот цели 11 години и учествуваа во сатанизација на колегите, денеска да зборуваат за демократија и професионализам.

Еве еден многу илустративен пример. Еден тогаш не толку суетен главен уредник, добар и професионален новинар, жесток критичар на режимот на Груевски, сигурно се сеќава на еден според мене поголем скандал од овој на Заев. На една конференција за печат вицепремиерот и министерот за економија кога не му се допадна прашањето на новинарката дрско ѝ одговори дали нејзините дома и на работа знаат дека е таа проститутка. Да, тоа го кажа заменик-премиер од владата на Груевски. Имаше неколку реакции и едно извинување со половина уста. И толку, секое чудо за три дена. Сатанизираната и посрамотена новинарка и редакцијата останаа без неопходната и еснафска и судска заштита. Несуетниот главен уредник на општо изненадување напиша голема колумна со оправдување на министерот кој сакал да се нашали во стилот на Воислав Шешељ – демек, кога го прашал судијата во Хаг, дали дома неговите знаат дека е педер. Разбирате во што е поентата на болниот ум – што и да одговорите: и „да“ и „не“, вие сте секако педер, а во случајот на новинарката проститутка. Ете, и ова се проголта и заборави во јавноста без никаква одговорност. Вицепремиерот се извини, несуетниот новинар не се извини.

П.С. Ми се допадна пораката на ЛГБТ-заедницата ако нема соодветно извинување од Заев зборот политичар ќе го сметаат за карактер. Јас тоа одамна го практикувам. И мајките викаат за децата кога какаат во тута, а се смеат, дека е политичар. Требаше да испратат и една благодарница до Христијан Мицкоски за поддршката на ЛГБТ-луѓето навредени од премиерот Заев. Тоа е историски настан. Многу бргу ќе видиме колку е искрен.