Доста на Фејсбук, сработете нешто


ФРОСИНА ФАКОВА – СЕРАФИНОВИЌ

И пред десетина години, кога се појавуваа првите интернет-портали и социјални медиуми, имаше новинари што секојдневно известуваа, истражуваа и имаа свое мислење. Но тогаш нивниот труд го пласираа во медиумите каде што работеа. И тогаш имаше говор на омраза и навреди во медиумите, но не се кажуваа со толкава леснотија и беше многу потешко да ги објавиш. Сега, кога секој новинар има свој фејсбук-профил и по еден портал, најлесно е да напишеш своја „исцрпна“ анализа на својот профил преполна со навреди и дисквалифкации кон некоја јавна личност, без да понудиш цврст доказ, и потоа сите портали што го делат твоето мислење да те цитираат и да се повикуваат на она што го напишал новинарот на својот профил.
Потоа излегуваат Хелсиншкиот комитет и Здружението на новинари со осуда за она што го напишал новинарот на својот фејсбук-профил, па ќе се поднесуваат претставки, ама на новинарот нема влакно да му фали оти има поддржувачи на неговата теза. Она што е поразително е тоа што ваквите вести и „анализи“, кои се полни со сочни навреди, се многу почитани и попренесувани од некој исцрпен новинарски текст за кој новинарот отишол на терен, собирал изјави, проучувал документи.
И овие новинари кои се најактивни на Фејсбук имаат илјадници луѓе што ги следат, односно верна публика која ги следи сите нивните објави. Читаноста, коментарите „за“ и „против“ овие објави, разговорите ко, што напишал на Фејсбук, ја отсликуваат мизерноста на нашето фрустрирано општество гладно за навреди, особено кон успешните жени.
Фатиме Фетаи може да се врати во Боговиње, тоа е нејзиното родно место каде што живее нејзиното семејство, но ние во метрополата ќе останеме закопани во нашата малограѓанштина. Статистиките покажувале дека во Боговиње жените трпеле семејно насилство, а што е со жените во Скопје, кои трпат сексуално насилство дури и кога минуваат на улица. Кога одат на своите работни места, а градежните работници, качени високо на зградите, им довикуваат. Што е со жените во Скопје и во цел свет што трпат семејно насилство. Некој може и да не биде Албанец и да има завршено сто факултети и да има пристојна работа, а кога ќе си дојде дома да ја тепа сопругата.
Не треба Фатиме да ги ослободи жените од Боговиње од насилство, туку ние треба да го ослободиме нашиот ум од омраза и шовинизам. И да им признаеме на жените дека се поголеми мажи од мажите. Токму жените обвинителки беа највидливи во борбата против криминалот што ја водеше Специјалното јавно обвинителство. Сите имаат свои семејства, а дел од нив и деца, на кои не им значи бегството на Груевски, оставката на Јанева и нејзината вмешаност во „Рекет“.
Реакциите на ваквите објави се најлесниот чекор, но не менуваат ништо ниту во медиумската сфера ниту во борбата со омразата. Бидејќи на партиите им се потребни ваквите новинари и ваквите портали за да ја шират својата партиска пропаганда. Сега изгледа многу лесно да бидеш новинар и да имаш мислење за сè и против сè. Но е тешко да создадеш квалитетен новинарски производ кој ќе промени нешто во општеството и ќе го мрдне од мртва точка.
Интернетот, односно партиски портали, Фејсбук и Твитер на уредниците им станаа водилка за тоа што е вест на денот. Од дрвјата не можете да ја видите шумата, односно од турбофолк-вестите новинарите веќе не можат да ја видат реалноста, односно вистинската вест која ги засега граѓаните. На крајот од денот, мудрите мисли што секојдневно се објавуваат на Фејсбук и Твитер тешко дека ќе останат запаметени како мислите на познатите филозофи, оти ниту нив не текнувало секој ден да напишат ништо што ќе остане запаметено. Ќе остане она што се создало и што променило нешто.