Донесен Законот за употреба на македонскиот јазик – лектори во сите институции


 

Пратениците го донесоа Законот за употреба на македонскиот јазик кој ќе го замени досегашниот од 1998 година. Законот беше дополнет со прифатени амандмани на матичната собраниска Комисија за култура и донесен во целина со гласовите на сите 96 присутни пратеници на 139-та седница, која ја водеше новоизбраниот претседател на Собранието Јован Митрески. Немаше против ниту воздржани гласови. 

Законот пропишува задолжително лекторирање на сите материјали, со објавување на името на лекторот, задолжително вработување лектори во сите јавни институции и органите на власта, во државни институции, училишта, издавачки куќи, медиуми, со што се очекува да се зголеми и интересот за студирање македонски јазик. Ќе се формира и Инспекторат за надзор над примената на законот.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во излагањето пред гласањето рече дека со многу труд, посветеност и ентузијазам успеале да ги исполнат заложбите за заштита и унапредување на македонскиот јазик.  Таа посочи дека по неколку незначителни измени на досегашниот закон, стар 25 години, новиот закон нуди решенија и механизми за градење соодветна јазична политика, дополнителни механизми во функција на зајакнувањето на почитување на македонскиот стандарден јазик и неговата правилна употреба. 

„Денес правиме вистински потфат во унапредување на јазикот и зајакнување на македонскиот идентитет. Односот кон јазикот јасно ги покажува нашите намери  и на сите оние кои учествуваа во транспарентната постапка на негова подготовка. И на јазикот се кршеа копја и се водеше политикантство, но покажавме дека со јазикот, културата и македонскиот идентитет нема компромиси. Со изгласувањето на овој закон, не добиваме само нов и современ закон за македонскиот јазик, туку и пример како треба да се изработува еден правен акт кој е од заеднички интерес, а тоа е со широка јавна дискусија и соработка на сите засегнати страни“, истакна Костадиновска-Стојчевска.

Гордана Силјановска-Давкова од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во расправата кажа дека е направен „голем чекор напред“ и дека „ова е почеток на успешна приказна“ затоа што, како што рече, секојдневно се соочуваме со непочитување на македонскиот јазик во државни институции и дека новиот закон „ќе нѐ насочи кон потребата од негово зачувување“.

 

Таа рече дека во дискусијата се прифатени амандмани, но останувале недовршени работи. Смета дека е многу подобро членовите на Советот за македонски јазик „да се регрутираат“ од најважните институции за заштита на јазикот и самите тие да го избираат претседателот на Советот, а не тоа да го прави Владата. Исто така, рече дека „нема разбирање од бегањето од поимот македонистика“. 

Силјановска-Давкова рече и дека била восхитена од изјавата на бугарскиот преведувач на македонска современа литература Пламен Тотев дека „неверојатно уживал во читање  и споредување на македонската и бугарската белетристика“ и дека „во македонскиот јазик препознава и признава европски тенденции од зачетоците до денес“.

Ѝ реплицираше пратеничката Снежана Калеска-Ванчева од СДСМ која рече дека тие „не бегаат од поимот македонистика“ и дека се надева дека „ќе остане во минатото и нема да се повтори газењето на македонскиот јазик, целосна непочит кон творецот, таткото на современиот македонски јазик Блаже Конески, кој не така одамна беше нарекуван ’џуџето од Небрегово’“.

Таа потсети и дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не гласале за договорот со Фронтекс, како што рече, „прв договор на македонски јазик потпишан од 27 земји членки на ЕУ“. (МИА)