Должност, одговорност, отчетност

ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ 

Шпанскиот премиер го прекинал одморот поради намалениот економски раст. Белгискиот премиер го прекинал одморот поради напад во кој се повредени двајца полицајци. Германскиот министер за внатрешни работи го прекинал одморот поради инцидентот на железничка станица во кој загина дете. Ова се само дел од насловите што може да ги прочитате во странските весници и на странските портали. На нашите портали и во неколкуте весници може да прочитате дека Катица е на грчка плажа, Вилма на годишен одмор, а за Јовевски ништо не пишува, затоа што е сеедно дали е на одмор или не. Политичарите од законодавната и извршната власт, исто како и оние од судската, се тркалаат некаде по песочните плажи и дремат како мачори на брановите на некои од блиските или далечните мориња, додека државата и граѓаните и понатаму ги брануваат аферата „Рекет“ и безбројните шпекулации околу неа.

Додека ги читам вестите, в глава ми се вртат неколку збора – должност, одговорност, отчетност – зборови што кај нас се употребуваат само како предизборна парола или ветување, а по својата суштина не значат ништо за најголемиот дел од луѓето. Токму овие три мали зборчиња и нивното почитување и примена ја прават разликата помеѓу демократски зрели општества и оние што се такви само на зборови. Овие зборчиња се границата помеѓу зрели и цивилизирани општества и оние коруптивни, заробени и сè уште феудално обоени. Токму овие зборчиња се границата помеѓу Европа и виолентниот Балкан, тие се начин на живот и владеење со државата, одраз и слика на менталното здравје на едно општество и демократскиот капацитет на државата.

Во англискиот јазик одговорноста се објаснува со два збора и тоа accountability и responsibility. Честопати овие два збора се сметаат за синоними, што воопшто не е точно. Accountability е збор изведен од зборот accounting (сметководство) и се преведува како полагање сметка, поим непознат за нашите државни татковци и мајки, односно очуви и маќеи. Овој поим ја означува обврската јавно да се изнесат и објаснат причините и околностите за некоја одлука, однесување или намери. Сметката се полага за резултатите од дејствувањето и работењето на доверената јавна функција и ја одразува и изразува субјективната и лична обврска на носителот на јавната функција да ги изнесе и објасни своето дејствување, работење и постигнатите резултати. Зборот responsibility би се превел како повикување на одговорност и упатува на добивање мандат, што во политичка смисла значи доверување определени овластувања на една група (политичка партија) или поединец и политичката моќ доверените работи да ги изврши со обврска по определено време да положи сметка за сработеното пред другата страна која тие овластувања ѝ ги дала, а тоа е народот. Народот со својот глас на изборите им ги пренесува политичката моќ и овластувањата за извршување на определени работи во негов интерес, факт на кој се сеќаваат политичарите само пред изборите.

Македонскиот јазик е богат јазик и има соодветни зборови за сето ова, па не е нужно некој да го познава англискиот јазик за да може да ја разбере суштината на сето ова. Македонскиот јазик уште попрецизно ја дефинира оваа област преку три зборчиња – должност, одговорност и отчетност. Должност е право, но и обврска да се преземе или направи нешто што треба или што мора да се направи, најчесто пропишана со закон или друг правен акт. Одговорност е прифаќање на последицата од исполнувањето или неисполнувањето на должноста. И на крај, отчетноста е јавно прикажување или покажување на исполнување или неисполнување на должноста заедно со резултатите. Како што спрема секое право стои обврска, така спрема секоја должност стои одговорност, а над сè, стои отчетноста. За жал, за најголемиот дел од носителите на јавните функции, или народски кажано, луѓе на висока должност, таа претставува само право, но не и обврска. Покрај ова, должноста за нив станува трајно, неотуѓиво и наследно право, кое не само што не носи обврска туку не носи ни одговорност, а уште помалку отчетност. Во развиените демократии должноста секогаш оди со одговорноста и отчетноста и секоја, па и најмала грешка при извршувањето на должноста резултира со одговорноста за неа. Незамисливо е за вршењето на должноста функционерот да не поднесе извештај за сработеното, јавно и транспарентно да ги покаже резултатите од своето работење и да ја понесе последицата за тоа.

Во нормалните општества, демократски развиени, оставките на функционерите поради и најмали грешки во ресорот со кој управуваат или од морални причини се нормална постапка. Во Норвешка министерот за рибарство Сандберг си поднесе оставка поради прекршување на сигурносните протоколи затоа што го носел својот мобилен на одмор во Иран. Нашата специјална обвинителка мобилниот си го форматирала и го подарила некаде некому и заминала на одмор. Во Јапонија министрите за транспорт поднесуваа оставки само затоа што возот доцнел 5 минути. Кај нас железничкиот сообраќај со денови не се одвива, авионскиот превоз е сомнително безбеден, а на новите автопатишта одрони се секојдневна појава. Министерот ни е на одмор. Јапонскиот министер за реконструкции Имамура си поднесе оставка поради несоодветна изјава, а кај нас секретари, министри и советници им држат предавања на новинарите за тоа кои прашања се соодветни, а кои не. Претседатели, премиери, министри, судии, обвинители беа судени за играње со државни пари или незаконито употребени приватни средства додека кај нас рекет, мито, корупција не носи санкции туку привилегии.

Само кај нас има двојни мерила и правила, обични луѓе и недопирливи, само кај нас исти докази важат за едни, но не и за другите. Само кај нас создадовме обвинителство кое ќе гони кривични дела кои произлегуваат од аудиоснимки, ама за истиот обвинител аудиоснимките на кои тој се слуша не се доказ. Доказ за нешто матно и сомнително за нашето потонато правосудство не беа ни 750.000 евра откриени во шише на граничен премин кога илегално се изнесуваа, ниту 750.000 евра исплатени на жена по којзнае каков основ и веднаш одземени од неа за некаква фондација.

Само кај нас народот на власта ѝ полага сметки и тоа скенирано и пратено преку интернет и само кај нас власта никому не полага ништо освен понекогаш, кога ќе се сети, цвеќе на спомениците на хероите што многу одамна ги посрамотиле.