Доброто и злото


АЛЕКСАНДАР КРЖАЛОВСКИ

Прашањето на доброто и злото, или борбата меѓу двете, е вечно. Од библиските приказни, како основа на сите религии и на вредностите системи базирани на нив, преку најважните историски настани, особено големите/светските војни, па сè до филмовите во денешницата, каде што најчеста тема е борбата на Добриот со Лошиот (понекогаш и Грдиот).

Во приказните, војните и филмовите, најчесто победува доброто. Додуша, приказните се измислени, војните ги раскажува победникот (па секако се претставува како добриот во конфликтот), а филмовите се секако фикција, дури и кога се базирани на вистински настани. Но барем сме оставени да веруваме дека е така, дека доброто, на крајот, го победува лошото. Или да цитирам еден скајп-статус на колешка: секогаш е добро на крајот… ако не е добро, сè уште не е дојден крајот!

 

Би сакале и деновиве, додека ја следиме аферата „Рекет“, да веруваме дека ќе победи доброто и на крајот сите лоши ќе бидат казнети. Само, крајов некако не се гледа или изгледа прилично далеку. Но, да оставиме истрагата да стигне до таму, па… кој ќе победи, ќе раскажува!

А во меѓувреме, би споделил една приказна за доброто и лошото, што пред некоја година ми остави впечаток – а имаше интригантен наслов: Хобс беше во право, и затоа десничарите владеат со светот! Имено се работи за објаснување на еден британски парламентарец, на прашањето во што е разликата меѓу десницата (во британскиот случај Ториевците) и левицата (Лабуристите). Тој ја свел дилемата на историската разлика на филозофите Томас Хобс (кој се смета на зачетник на филозофијата на денешните конзервативни партии, како што се британските Ториевци, американските Републиканци, или Европските народни партии – ЕПП) и Жан-Жак Русо (на чија филозофија пак се засноваат левичарските/социјалистички движења и партии). Не би ги споменувал тука нашите наводни десничари (ВМРО-ДПМНЕ) и левичари (СДСМ), бидејќи тешко дека и едните и другите може да се подведат под некоја добро дефинирана филозофија ниту, пак, профилирана јасна политика. Додуша, оваа разлика полека но сигурно се губи и кај погоре споменатите партии од развиените демократии.

Но, за тоа другпат. Да се вратиме сега на Хобс (1588-1679) и Русо (1712-1778) и разликата меѓу нивните филозофии, а тоа е прашањето дали луѓето со раѓаат добри или лоши. Па така, Хобс тврдел дека луѓето се во основа лоши, а општествениот систем ги ограничува во тоа, односно ги цивилизира. Или пошироко, тој сметал дека ако сме оставени сами на себе, т.е. на природата, без некој општествен систем со правила и ограничувања, нашите животи би биле грозни, брутални и кратки, во постојана меѓусебна борба со другите луѓе за моќ и ресурси. И заклучува дека ни се потребни авторитети, лидери и/или институции (вклучително и закони), за да се одбраниме самите од себе. Од друга страна, или напротив, Русо сметал дека луѓето при раѓањето се „чисти“, т.е. добри, а општеството ги „расипува“. Романтичарот сметал дека ништо не е така невино како новороденче, кое потоа алчноста, нееднаквоста и класниот систем го корумпира и тера да се однесува насилно. Го лоцира и „оригиналниот грев“, кај првиот човек во историјата што оградил парче земја и изјавил „ова е мое“!

Пред да продолжите со читањето, запрашајте се самите – што мислите вие за оваа дилема? Дали сме добри или лоши? Дали одговорот (самите на себе) ви објаснува зошто се чувствувате повеќе како левичар или десничар? И дали можеби затоа ви се посимпатични (и почесто, или секогаш, гласате за) ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ?

Нејсе, за да се обидат да дадат одговор на ова прашање, група шпански научници направиле опсежно истражување на над 1.000 разни животински видови, вклучително и на луѓето. Тие се обиделе да најдат колкав е процентот на насилна смрт (убиства) кај секој вид предизвикана од нив самите. Додека за некои видови (како лилјаците или китовите) се констатирало дека речиси никогаш не убиваат друга единка од својот вид, кај други (како волците) може да се каже дека се сериски убијци.

Кај приматите, околу 2 отсто од смртните случаи се резултат на убиство. А истото се покажало и кај луѓето, односно во неколкуте и сега преостанати племиња на ловци. Потоа, го направиле истото и за различните периоди низ историјата за кои има остатоци од човечки коски и заклучиле дека процентот на убиства кај луѓето се стабилизирал на околу 2 отсто некаде пред 10.000 години, а по Средниот век почнал постојано да опаѓа до околу 1,3 отсто денес. Во земји каде што преовладува мир и владеење на правото, како Велика Британија на пример, тој процент е само 0,02 отсто – односно 100 пати помалку од „нецивилизираниот период“.

Значи, иако насилството е всушност прилично вградено во нашите гени, заклучуваат во тој напис, човештвото напреднало зачудувачки многу во своето цивилизирање. И тоа што можеме мирно да спиеме со отворен прозорец во град со пола милион (во основа лоши) луѓе, е неверојатно достигнување. Сè на сè, Хобс бил во право… луѓето доаѓаат на овој свет со одредени нагони за насилство (ако ништо друго, за преживување или самоодржување), но утврдувањето на правилата на однесување, закони, етички и морални норми, односно владеењето на правото, не одржува во мир и каква-таква хармонија во односите.

Е сега, кога научивме дека сите сме лоши, знаеме и од нашата триесетгодишна транзиција дека некои биле и полоши, во борбата и грабањето на ресурсите кои бившата ни држава, иако и таа сиромашна, колку-толку ни ги остави.

Прашањето е дали тоа грабање е при крај (или веќе заврши) и дали сме доволно цивилизирани да ги идентификуваме и казниме полошите и да го ревоспоставиме редот и поредокот, евентуално да уредиме и поправедна распределба на ресурсите (иако е ова главно левичарска определба) и понатаму да се концентрираме на создавање нови вредности, наместо да се доистребиме (или отселиме) грабајќи се за малкуте преостанати ресурси?