Дино Имери е волшебник на пијано – емотивен концерт со „Голдберг варијациите“ од Бах за роденденот на ФМУ
„Голдберг варијациите“, едно од најгенијалните и најкомплексните дела на Бах, не се само музика за слушање, туку искуство што ги ангажира умот, емоциите и сетилата во целост. Во изведба на пијанистот Дино Имери (1990, Скопје), синоќа, во концертната сала на ФМУ, и бесплатен за посетителите, понуди искуство што истовремено е интелектуално, и длабоко звучно богато.

Делото започнува со мирна, речиси медитативна арија, по што следуваат 30 варијации врз истата хармониска основа. Секоја варијација има свој карактер – некои се игриви, други драматични, трети речиси духовни.Тоа создава чувство како да патуваш низ различни светови, а сепак се е поврзано во една целина.
Иако оригинално е напишано за чембало, денес често се изведува и на пијано, каде што боите на звукот се уште побогати. Контрастите помеѓу брзи и бавни делови, светли и темни тонови, прават слушањето да биде динамично и возбудливо. И таа комбинација на ред и слобода, уникатна за Бах, го прават толку фасцинантно.

И конечно, враќањето на аријата на крајот создава чувство на затворен круг- како да си поминал долго патување и се враќаш дома, но со ново разбирање.
Јохан Себастијан Бах создал магија од музика. Целото негово творештво е неповторливо и уникатно, но „Голдберг варијациите“ се центарот на неговиот свет. Тие се сон за секој пијанист. Со право се смета за едно од најгенијалните и најкомплексните дела на Бах, во кое се покажува неговиот талент за хармонија, контрапункт и виртуозност.

За ”„Голдберг варијациите“ , Имери вели дека е дело застапено на репертоарот на мал број пијанисти во светот поради тоа што од изведувачот бара огромна подготвеност, уметничка зрелост и исклучителен технички виртуозитет.
Ова дело Имери лани го изведе во Виена и ќе го изведува на претстојната турнеја во неколку градови во Германија, во организација на „Керценконцерте Дојчланд“.

-Со задоволство се приклучувам кон честитките за овој значаен јубилеј на мојата матична институција – Факултетот за музичка уметност, каде што своевремено се стекнував со своето образование, а денес сум дел од наставниот кадар како вонреден професор. Активно ги подготвувам „Голдберг варијациите” последниве шест години и може да кажам дека станува збор за творба која се проучува целиот творечки живот. За мене секоја изведба на ова дело претставува огромен предизвик, но и празник за душа. Неделава ќе имам можност да ги изведам дури четири пати на различни места во светот, а за тоа е потребна посебна дисциплина, посветеност и начин на живот, изјави маестро Имери.

Покрај Имери, на концертот, синоќа, настапи и Лина Бојаџиева, студентка во класата на вонреден проф. м-р Марија Вршкова, која, исто така, изведе музика од Бах.
Маестро Имери се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со професорите Људмила Романова, Борис Романов како и со професорот Симон Трпчески во чија класа магистрира на само 22 годишна возраст со просек 10 и со почести Кум Лауде.
Л. Сабит