Деветмина загинати во руски воздушни напади врз Киев и Харков, оштетена Киевско-печерската Лавра, еден од симболите на Украина
Девет лица, од кои пет во Харков и четири во Киев, загинаа во руски ракетни напади извршени во текот на изминатата ноќ, соопштија локалните власти.
Во нападите сериозно е оштетена и Киевско-печерската Лавра, манастир заштитен како светско културно наследство на УНЕСКО. Според информациите, по нападот избувнал пожар во комплексот.
„Суров напад врз нашиот народ и нашето наследство. Ова е вистинското лице на руските православни вредности“, напиша украинската премиерка, Јулија Свириденко, на социјалната мрежа „Икс“.
Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, соопшти дека во нападот биле погодени електроенергетски објекти, поради што околу 140 илјади жители останале без електрична енергија. Пожари избувнале и во станбени згради и автомобили откако врз нив паднале остатоци од соборени дронови.
Поради нападите, Полска подигнала борбени авиони и ги ставила во состојба на готовност системите за противвоздушна одбрана, соопштија Полските вооружени сили.