Деркоски: Ако нема цензус во вториот круг веднаш се распишуваат нови избори


Ако нема излезност во вториот круг од 40 проценти, не е исполнет условот за успешни избори. Во тој случај веднаш се распишуваат нови избори, вели претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.

-Ако нема излезност во вториот круг од 40 проценти, не е исполнет условот за успешни избори. Во тој случај веднаш се распишуваат нови избори, односно претседателот на Собранието треба да распише нови избори. На тие избори може да учествуваат и кандидатите кои сега учествувале доколку бидат поддржани од своите поддржувачи како што е сега случајот од група на избирачи или од најмалку 30 пратеници или можат да бидат други кандидати. Значи нема ограничувачки фактор во таа смисла, меѓутоа треба веднаш да се распишат и одржат изборите, вели Деркоскиво неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Во него додава дека Државната изборна комисија во изминатиот период ги презеде сите организациски мерки потребни за организација и спроведување на овие претседателските избори во нашата држава и без разлика дали тие се или не се услов за добивање на датум за преговори со ЕУ, како што вели, ние и онака како државен орган ги спроведуваме сите потребни мерки за да се организираат кристално чисти избори.

Меѓутоа нагласува дека изборниот процес се содржи од повеќе чинители, значи не е само Државната изборна комисија. -Да, додава, ДИК е орган кој се грижи за организацијата, спроведувањето на изборниот процес, како еден од тие чинители, меѓутоа во случајот со претседателските избори имате ситуација во која на пример кандидатите, организаторите на кампањите кои, исто така ќе треба да внимаваат на изборниот процес да биде фер, коректен, чист за да помине сè во најдобар ред на крајот.

На прашање дали е реална бројката од 1,8 милиони избирачи во државата која има два милиони жители, Дерковски појаснува дека Изборниот законик вели дека граѓанин има право на глас доколку наполнил 18 години и има државјанство на нашата држава.

-Тоа значи дека сите оние кои имаат државјанство, а се полнолетни, без разлика дали живеат во нашата држава или се надвор некаде, имаат право на глас. Тука се јавува таа разлика и не треба да ги спојуваме бројот на жители со бројот на запишани избирачи. Ако се потрудите да добиете бројка од Министерството за внатрешни работи, ќе видите дека некаде околу 2,5 милиони е бројот на државјанства издадени од Министерството и ако од таа бројка ја извадите бројката на малолетни лица, тогаш бројката што ја имаме на избирачкиот список во ситуацијава 1.808.131 гласач е сосема реална бројка. Има повеќе примери во светот кадешто бројката на запишани избирачи е поголема од бројката на жителите. Еден таков сличен пример е Република Грција, каде што имате запишани скоро 11 милиони гласачи, а државата има скоро толку и број на жители.