Колку ќе чини настапот на Дејвид Гета за Денот на независноста?
Најавата на „Авалон“ и на Владата дека познатиот француски диџеј Дејдид Гета ќе настапи на стадионот „Тоше Проески“ во Скопје на 8 септември, во рамки на прославата за 35 години од независноста на Македонија, предизвика внимание во јавноста и прашање колку ќе чини неговиот хонорар. На наше новинарско прашање колку ќе чини хонорарот, завчера, на прес-конференцијата во Скопје, не беше објавена сумата , ниту од првиот човек на „Авалон“, Бобан Милошевски, ниту од портпаролката на Владата, Марија Митева.
СДСМ денес реагираше со соопштение, со прашањето „ колку тоа ќе ги чини граѓаните на Македонија и како е одлучено за фирмата организатор без тендер?“
„ Се најави концерт на стадион а не се спомена хонорарот, колку тоа ќе ги чини граѓаните.
Настапот на Дејвид Гета чини најмалку 1 милион евра. Само за него.
Ако на тоа се додадат бини, озвучувања, обезбедување, придружни актери и така натаму сумата значително се зголемува.
Прашањето е како е донесена одлуката да се потрошат над 1 милион евра?
Во четири очи?
Кој преговарал?
Со која фирма е склучен договорот?
Како е одлучено токму таа фирма да организира државна манифестација, без јавен повик, без тендер.
Дополнително, вакви артисти бараат и авансна исплата од 30%.
Прашање е дали се исплатени парите и на кој начин.
Се најавуваат и останати 120 артисти.
Кој одлучува кои артисти ќе бидат донесени?
Се шпекулира веќе во круговите на фирмите кои се занимаваат со ваква организација дека сумата што е договорена е над 3 милиони евра а може да достигне и до 5 милиони евра.
Јавноста и граѓаните очекуваат одговори.
Ние не сме против Дејвид Гета, ние сме против криминалот и корупцијата.
Не смее да се дозволи, криминалната група на власт и Денот на независноста да го валка со матни пари, провизии и договори во четири очи“ , се вели, меѓу другото, во соопштението на СДСМ.