Граѓаните садат – општинските тримерџии косат: Последно настрада млад орев
Жителите на Аеродром, често знаат да засадат дрвца во околните паркови и тревници меѓу зградите, но службите на општината, задолжени за косење не ги гледаат малите дрвца, па ги поткаструваат при косење на високата трева.
Последен што настрада е млад орев, кој жителите го засадиле во тревник зад клупа, а го оградиле и со колци. Но, веќе два пари општинските косачи на трева го зафаќаат со тримерите или косилките.

– Биваше ли да го искосат оревчево што неколку лета секој ден го полеваме да порасне?“, прашува еден жител, на фејсбук страницата Општина Аеродром – Пријави проблем.
Под неговата објава, се редат коментари дека тие што доаѓаат да искосат трева, воопшто не внимаваат на дрвцата, а една госпоѓа вели дека така ги искосиле и јоргованите што си садела.
Сведочат и дека косачите не препознаваат млади дрвца: орев, дрвце, цреша или друго растение.
„Ова е резултат на целосна незаинтересираност и непрофесионален пристап од службите на општината. Очигледно е дека нема никаква организација, нема јасни насоки како треба да се работи, ниту пак луѓето што се пратени на терен се доволно обучени или компетентни. Не е работата само да се помине со косилка колку да се каже дека нешто е направено — тревата треба да се искоси како што треба, да се собере, и да се внимава да не се уништува сѐ друго околу.
Кога нема одговорност, нема контрола и нема професионализам, ова е резултатот. И, за жал, ова не е изолиран случај — истиот проблем се гледа низ сите сфери во целата општина“, пишува друг жител на општината.
Ваквите случаи не се ретки. Често во жардиниерите што ги има речиси секој стан во Општина Аеродром знаат од семка да се фатат дрвца кои заминуваа високо накај станот над нив, па граѓаните ги откопуваат и ги засадуваат во околните паркчиња и тревници. Но, доколку дрвото навистина не стигнало до другиот кат, тешко дека некој од косачите ќе го поштеди при косење, ако е младо и ниско.
Уште еден жител сведочи дека на последна 5-15, група граѓани засадиле повеќе дрвца, но дошле косачите, ги потсекле и не се вратиле.(Б.Б.)