Бизнис интегритетот е клучна конкурентска предност за малите и средни претпријатија
Без интегритет нема конкурентна економија, порачаа институциите и бизнис-заедницата на денешната конференција „Бизнис со интегритет за конкурентна економија“ организирана од Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје, во рамки на ЕУ кофинансираниот проект „Business with Integrity North Macedonia – Mobilizing SMEs as Champions Against Corruption“ („Бизнис со интегритет Северна Македонија – Мобилизирање на малите и средните претпријатија како лидери против корупција“). Настанот вклучи претставници од институциите, бизнис-заедницата, меѓународните организации, граѓанскиот сектор и медиумите, со цел да се отвори дијалог за значењето на интегритетот и транспарентноста како предуслови за конкурентна и одржлива економија.
Во своите воведни обраќања, д-р Павел Усватов, директор на Програмата за владеење на правото на КАС Југоисточна Европа, Н.Е. Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија во Северна Македонија и г-н Бен Нупнау, заменик-шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, ја нагласија важноста на зајакнувањето на интегритетот и транспарентноста во приватниот сектор, како и потребата од заеднички пристап во справувањето со коруптивните ризици.
„Бизнис интегритетот претставува клучна конкурентска предност, а вклучувањето на малите и средни претпријатија е од суштинско значење за создавање поправедно економско опкружување“, истакнаУсватов. Тој нагласи дека иницијативата „Бизнис со интегритет Северна Македонија“ има за цел да го мобилизира приватниот сектор како активен партнер во борбата против корупцијата. „Преку воспоставување практични стандарди за интегритет и механизми за усогласеност, компаниите можат значително да ги намалат коруптивните ризици и да придонесат кон градење поголема доверба помеѓу приватниот сектор, институциите и општеството“, додаде Усватов.
Aмбасадорката Дрекслер потенцираше дека „Недостатокот на стандарди за транспарентност и интегритет создава средина на дополнителна неизвесност. Речиси ништо не може да биде поштетно за економскиот ангажман. ЕУ работи на поедноставување на регулативите, намалување на бирократијата и трошоците за усогласување за бизнисите, а Северна Македонија е витален партнер во овој европски потфат.“
Заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Бен Нупнау, стави акцент на важноста на законодавството врз спречувањето на корупцијата, налгасувајќи дека „Силни законски рамки, вклучително и робустен кривичен законик целосно усогласен со меѓународните стандарди, кој ќе ги криминализира митото и злоупотребата на службената должност во јавните набавки. И тоа треба да биде поткрепено со ефикасно спроведување. Административни и кривични санкции, плус конфискација и враќање на незаконски стекнати приходи. Ова се основни алатки за да се осигури дека корупцијата не се исплати.“
Во рамки на панел-дискусијата „Интегритетот како конкурентска предност за МСП“ беше истакнато дека интегритетот, транспарентноста и усогласеноста се клучни за долгорочна конкурентност и одржлив раст на малите и средни претпријатија. Посебен фокус беше ставен на транспарентноста во јавните набавки, соработката меѓу институциите и приватниот сектор и усогласувањето со европските стандарди.
Александар Николоски, заменик претседател на Владата и министер за транспорт се осврна на административните и законски предизвици со кои се соочуваат малите и средни компании нагласувајќи дека „Се соочуваме со состојби каде бројни компании не успеваат да добијат јавна набавка поради банални административни причини и тука ни се потребни суштински реформи во Законот за јавни набавки каде ќе се направи секвенционирање по големина на јавна набавка, бидејќи не може да ја барате истата процедура за набавка од 500 000 евра и за набавка од 500 000 000 евра“,
Адем Чучуљ, Претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата нагласи дека „Колку поголем интегритет во јавниот сектор, толку е полесно за приватниот сектор, но од друга страна, како партнер на јавниот сектор, несомнено треба да се развива системот на интегритет и во приватниот сектор. Стоиме на располагање за да помогнеме на приватниот сектор за утврдување на ризиците од корупцијата и за подобрување на интегритетот во приватниот сектор“, додека Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија се осврна на значењето на довербата и предвидливоста за бизнис-заедницата, посочувајќи дека „За компаниите, но и за нас како Комора, позицијата е јасна – интегритетот е долгорочна инвестиција, а не трошок.

„Компаниите што градат култура на интегритет полесно доаѓаат до странски партнери, полесно обезбедуваат финансирање, имаат поголема доверба кај клиентите и полесно привлекуваат квалитетен кадар. Ако компанијата што работи транспарентно има поголеми трошоци и помала конкурентност од компанија што работи во сивата зона, тогаш испраќаме погрешна порака“.
Од практична перспектива, Снежана Здравеска, Финансиски манаџер и офицер за усогласеност во Маркарт сподели искуства поврзани со примената на стандарди за усогласеност и корпоративен интегритет, нагласувајќи дека „Маркарт Македонија како дел од меѓународна групација има интегрирано кодекс на однесување кој важи и за вработените и за деловните партнери, обезбедувајќи јасни насоки за постапување со интегритет, транспарентност и одговорност. На овој начин придонесуваме за трансформација на економијата и премин од традиционален кон современ, одржлив бизнис модел.“
Во дискусијата се стави акцент и на значењето на женското претприемништво и улогата во промовирањето на одговорно и инклузивно деловно работење, како и важноста од градење корпоративна култура заснована на етички стандарди, усогласеност и професионален интегритет.
Во оваа насока, Валентина Дисоска од Асоцијацијата на бизнис жени посочи дека „Жените претприемачи денес имаат сè поголема улога не само во економскиот развој, туку и во создавањето поетичка, потранспарентна и поодговорна бизнис средина. Нивното учество придонесува за промовирање на вредности како интегритет, отчетност и почитување на законите. Во услови кога корупцијата претставува сериозен предизвик, одговорното деловно однесување станува клучно. Жените претприемачи преку својот стил на лидерство придонесуваат за организациска култура заснована на доверба, соработка и етички принципи.“.
Во рамки на конференцијата беше презентиран и проектот „Бизнис со интегритет Северна Македонија“, чија цел е да ги мобилизира малите и средните претпријатија како активни партнери во промовирањето на интегритетот, транспарентноста и антикорупциските практики.