Денови на големи викотници

ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Македонија очигледно има проблем. И тоа голем проблем. Надвор од својата сиромаштија, затвореност, неперспективност, незнаење – доминантната состојба на духот стана општиот нихилизам. Апсолутно омаловажување, потценување и осуда на сето она што не произлегува од тебе. Тој нихилизам од општи реакции се претвора во големи викотници, а најпосле завршува во хистерија. Во одредена мера тоа не е драматично поразлично од состојбата во другите европски општества, особено поради социјалните мрежи, но македонскиот сиромашен дух тоа го доведува до бесмисленост.

Дали на премиерот Зоран Заев му беше потребна изјавата, која според многу параметри изгледа непромислена? Секако дека не, затоа што со неа тој отвори против себе фронт во заднината на своите трупи. Дали е тоа пресметан ризик? Можеби. Според она како течеше изјавата, изгледа сосем неможно дека споменувањето на „педер“ и „суетен новинар“ било дел од некаква афектна реакција, туку дека тоа било однапред смислена стратегија. Дали со изјавата дека две „озлогласени“ индивидуи сакале да ја урнат неговата власт Заев покажа нервоза и чувствува дека му бега основата под нозете? Тоа изгледа сосема логично, како што е логичен и планот да се покаже дека Заев е човек од крв и месо и има природна потреба да се брани. Кој го правел тој план, ако имало план? Самиот Заев или трустот советнички мозоци?

Кој и да го правел и со каква цел, најпосле може и да не биде важно, затоа што последиците полека стануваат неподносливи за оваа влада. Рекетарската приказна, која барем преку визуелните и аудиоснимките повеќе изгледа на поткуп отколку на класична криминална драма, ги разниша темелите на Владата во нејзината последна година. Сега рој стрели паѓаат од сите страни врз кабинетот, иако попрецизно е да се каже само врз Заев. Другите министри (со мал исклучок на Радмила Шекеринска) ги снема од видокругот. Одморите се мало оправдување, можеби повеќе станува збор за чувство на претпазливост да не ги однесе матната вода заедно со нивниот шеф.

Ова се комплицирани времиња за Зоран Заев. Поради големите очекувања, сето она што го направи неговата влада моментално се фрла во заборав, како ништо да не се случило. (Се разбира, само фактот за Северна не може да се заборави.) Дали владиниот тим не знаеше да ги претстави своите успеси или граѓаните очекуваа грандиозни работи за само две-три години? И по нешто од двете работи, иако најважната е онаа што најмалку се споменува – дека Македонија е во целосен колапс: и економски, и правосуден, и политички, и морален, и образовен, и научен, и демографски… и тој проблем не се решава за две години, а веројатно ни за осум. Само една работа просперира во државава – арамилакот.

Кога оваа перцепција се дипли со секој поминат ден, италијанското видео за македонската мафија доаѓа како некој вид конечно ослободување на сите страсти. Досега се нема случено околу една изјава да станат анблок сите – и оние што се во спротивниот политички блок, и оние што се во твојата поширока политичка групација. Проблемот за Заев е што целата негова изјава околу истрагата за „Рекет“ беше политички добра и одмерена. Но кој да обрне внимание на неа по онаа реченица за педерот и суетниот новинар. Одеднаш се најдоа повикани сите да кажат колку се згрозени од реториката на премиерот. И да си земаат улоги кои  не им припаѓаат. Ако ЗНМ со полно право го осуди окарактеризирањето на суетноста на новинарот како недозволива (ух, што да кажат во Америка, кога Трамп секој ден ги нарекува „лажни вести“ тотемите на слободарското и професионално новинарство – „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“), со какво право Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги се меша давајќи оценка дека изјавата на Заев била проблематична „најмалку во три основи“, од кои едната била дека премиерот не ја почитувал пресумпцијата на невиност. Овој случај со Агенцијата покажува дека многумина се впрегнати да го урнат Заев откако тој сам си ја поткопува земјата на која стои.

Македонија стана земја во која на цена е единствено кој подобра шега ќе направи на Твитер или Фејсбук и со тоа да ја продаде својата ингениозност. Прво со пријателскиот рекет, а сега со педерските работи, цели армии од луѓе мислат само како да станат најпаметни на Твитер. За жал, и медиумските структури ја ставија целата нивна работа во овој мозаик. Малите редакции, полупрофесионалните новинари, приземните амбиции на сопствениците ги трансформираа медиумите во гласноговорници на овој викачки свет. Кому му е грижа за нешто друго освен за рекетарските приказни и за моралното потклекнување на специјалните обвинители.

Оние проценки дека „педерите“ треба да ја покријат истрагата за „Рекет“ само на прв поглед изгледаат точни. Затоа што кога Катица Јанева ќе се појави на распит во обвинителството моментално ќе бидат заборавени овие изјави. Или ако опскурниот италијански весник објави ново скандалозно видео. Така функционира ова општество – како гладијаторска арена во која сите нестрпливо чекаат да викаат „смрррт!“ и кое одамна заборави на нормалните вредности. За жал, политичарите одамна застанаа на чело на бригадите кои работат на овие неморални стандарди, а после се изненадени кога нивните „чеда“ ќе застанат против нив.

Во крајна линија, граѓаните се ужасно нестрпливи резултати од истрагата да има веднаш, ако може за два-три дена за да може после нашироко да расправаат дека тука нешто смрди и дека обвинителите не ја завршиле работата како што треба. Исто така ќе биде ако временската рамка за истрагата биде предолга. Лошата и брза истрага може да донесе само лоши и половични резултати во кои сите ќе се сомневаат и само еден грст луѓе ќе можат да бидат задоволни.