Децата кои пораснале во сиромаштија се изложени на поголем ризик од разни болести кога ќе пораснат


Природата е сурова кон децата што се родени во социјално загрозени семејства, па така, тие имаат поголем ризик од разни болести кога ќе пораснат.

Како растеме, квалитетот на воздухот, исхраната, стресот во семејството – сето тоа влијае на нашите гени и здравје.

„Можеме да ја видиме интеракцијата помеѓу околината и гените како основен механизам преку кој социјалната нееднаквост влијае на развојот на децата и води до долгорочни разлики во образованието, здравјето и благосостојбата“, вели развојниот психолог Лорел Рафингтон од Институтот Макс Планк во Берлин.

Во нејзината студија, Рафингтон нашла докази дека социјалната нееднаквост може да се „види“ во гените со помош на таканаречените епигенетски профили.

Оние кај деца од социјално загрозени семејства изгледаат полошо, а во споредба со другите, тие укажуваат на полошо здравје во зрелоста. На пример, ризикот од развој на дијабетес или побрзо стареење се зголемува.

„Нашите резултати покажуваат дека раните животни околности, како на пример кога децата се раѓаат во сиромаштија, се особено важни за епигенетските профили“, објаснува Рафингтон.

Теоретски, овие профили на деца би можеле да се искористат за да се направи некаков вид предвидување за нивните здравствени ризици во зрелоста, но тоа сè уште не е емпириски тестирано.

Епигенетиката дава важни информации кои ја одредуваат состојбата на генската активност. Се работи за тоа кои гени се читаат или дури се исклучуваат во клетките. Надворешните фактори како што се стресот, болеста или исхраната може да влијаат на епигенетската програма на клетките.

Пушењето, на пример, го менува епигеномот на клетките на белите дробови, така што гените можат да добијат својства што предизвикуваат болести:

„На пример, од студии знаеме дека кога некое лице пуши и престанува да пуши, тоа е видливо и кај поединечните генски регулатори“, објаснува Рафингтон.

За својата студија, оваа психолог не ги разгледала поединечните гени, туку целиот геном на децата, бидејќи влијанијата од околината често влијаат на неколку гени и ефектите можат да бидат повидливи.

За да го направат ова, Рафингтон и другите истражувачи собрале примероци од плунка од повеќе од 3.200 деца и адолесценти на возраст меѓу осум и осумнаесет години и ги користеле за да создадат епигенетски профил за секое дете. За проценка, научникот ги користи и резултатите од претходните студии кои веќе покажале зачудувачки работи.

„Еден заклучок од оваа работа е дека интервенциите за подобрување на здравјето и долговечноста можеби ќе треба да се планираат неколку децении пред почетокот на болестите поврзани со стареењето“, вели таа.

Ова е добрата вест од истражувањето: можете да го промените вашиот епигенетски профил. Затоа што не е засекогаш – и покрај, можеби, потешките почетни услови во детството, објаснува истражувачот од Институтот Макс Планк.

Сепак, тука останува многу неистражено. Сè уште не е јасно колкава позитивна промена на крајот можете да направите ако, на пример, почнете да се храните поздраво или да вежбате повеќе како возрасен.

„Некои истражувачи за стареење, исто така, веруваат дека лековите што можат да станат достапни во иднина, дизајнирани да го забават или да го поништат биолошкото стареење, можат да ги поништат негативните ефекти од раниот живот. Но, во моментов, тоа е тема за размислување“, вели Рафингтон.

Во таканаречената интервентна студија во САД, развојниот психолог Рафингтон сега дополнително ќе истражува до кој степен може да се влијае на овие епигенетски профили.

За таа цел, мајките кои живеат на или блиску до прагот на сиромаштија добиваат парични подароци шест години за да се минимизираат одредени фактори на стрес и да се испита дали и како тоа влијае на епигенетските профили на децата.

Затоа што тоа е главната истражувачка цел на психологот Рафингтон: дека нејзината работа може да резултира и со мерки за социјална политика и на тој начин да придонесе за подобар развој на децата.