Македонија не може да се изначуди, а Општина Битола го правда трансформаторот на улицата
Според толкувањето на општинските власти трансформаторот, кој е премет на мајтап на јавноста, бил зацртан во ДУП-от од 2010 и не можел да се премести
БИТОЛА – Трафостаница од витално значење за неколку големи објекти во Битола и Градското шеталиште стана дел од новата сообраќајница која ја поврзува улицата „Партизанска“ во Битола и населбата „Златен рид“ во старата касарна.
Трафостаницата предизвика внимание во јавноста и отвори простор и за сериозни прашања за изведбата на проектот, но и за сеир на битолчани. Околу четириесетина сантиметри од едниот ќош на трафостаницата влегува во улицата, а останатиот дел е на самиот тротоар.
Битолчанец во коментар споредува –„И кулата на РЕК ‘Битола’ кога се градеше пред 40 години, се изгради крива, ама тогаш прашањето беше – Дали и крива кула ќе им служи на битолчани и на цела Македонија во производството на струја? – така и сега – Дали спојот на новата улица и старата трафостаница ќе им служат на битолчани?“
Општинските власти разбираат дека деновиве во фокусот на јавноста е новата улица „СРУ5“, особено од минатиот викенд кога сообраќајницата се бележеше и поставуваше хоризонталната и вертикалната сигнализација каде има и велосипедска патека која се поврзува со новите велопатеки на „Партизанска“.
„Независен“ имаше можност да изврши увид во проектната документација на новата улица и да разговара со стручни лица од секторот урбанизам при Општина Битола. Од приложената документација се гледа дека изведбата на улицата е согласно ДУП од 2010 година, после тоа се работени проекти за инфраструктура, основни проекти за одобрение за градба во кои за цело време трансформаторот е дел од проектите. Овие проекти се однесуваат на сите градби во старата касарна во времето на урбанизацијата.
Сообраќајниот проект е од 2014 година, тоа е првиот проект и трансформаторот постои во делот на улицата. Стручните лица објануваат дека улицата е предвидено да биде 4,5 метри ширина, во делот кај трансформаторот сега двете ленти се 6 метри, односно два пати по три метри. Има остров на средина, а тој остров е делот на трансформаторот. За целата изведба на новата улица постои документација одобрена согласно законот за градење. И за сообраќајниот режим и тогаш во 2014 и сега во 2026 година Општината има документи одобрени од СВР Битола. Ново е што велосипедски патики се предвидени со новиот сообраќаен проект од годинава.
Значи во сите проекти трансформаторот е на местото каде што е и денес.
„Не може да се помести улицата, бидејќи изведбата е согласно ДУП-от од 2010 година, ДУП-от е геореференциран со координати, положајно поставен и врз основа на таа организираност на парцелите се регулирани улиците, тротоарите, продадени парцели и така е регулиран просторот. Невозоможно е да се оди ни лево ни десно од она што е исцртано, тоа е процедура што мора да е запазена“, ни објаснуваат од одделот за урбанизам при општина Битола.
Поранешната советничка од СДСМ Мирјана Ралевска за ситуацијата коментира: „Како може проект стар 15-20 години да не се ревидира? Сѐ е импровизација и дилентатизам“.
„Толкава инвестиција зарем не можеа два метри да ја поместат улицата“, прашуваат битолчани.
„Касарната беше последен обид да се воведе модерно урбано планирање во Битола. ДУП-от предвидува парцели во шума и зад природниот појас на Тумбе Кафе, сега цела Македонија се запна во трансформаторот?“, вели друг битолчанец.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски изјави дека улицата сѐ уште се работи и не е ставена во употреба. Трансформаторот е објект важен за напојување на Спортската сала „Боро Чурлевски“, Завод и Музеј Битола, Катастарот, дел од ракометното игралиште и целото Градско шеталиште. Оттука Коњановски смета дерка подобро е да се инвестира и долгорочно да се планира, отколку ништо да не се работи и да се чека уште една година, а можеби и повеќе додека се добијат сите податоци за потребното дислоцирање на трафостаницата и поставувањето на нова со капацитет кој ќе одговара на потребите на постоечките околни објекти, како и новите планирани инвестиции кои се во директна поврзаност со овој објект.
„Во ниту еден момент не го оставивме трансформаторот како неважен сегмент, напротив, одлучивме да инвестираме, да градиме и сите предизвици да ги решаваме тековно, согласно расположливата документација.
Согласно ДУП-от и проектната документација, Коњановски вели дека проектот го гледале планери и проектанти.
„Тука во непосредна близина, согласно планската документација има предвидени и нови градби и секако овој дел интензивно се шири.
Имајќи ги предвид овие потреби за изградба на инфраструктура во поранешната касарна, но и во очекување на новите електрични автобуси кои ги очекуваме од Владата, а за кои ќе треба да се обезбеди соодветно електрично напојување, во овој момент одлучивме да инвестираме во улицата согласно затекнатата проектна документација, а согласно тоа и затекнатата моментална поставеност на трансформаторот“, објаснува градоначалникот.
Не само ккао Општина Битола, туку и личниот став на Коњановски е дека „трансформаторот освен можеби визуелно или естетски како сакате, функционално не претставува никаква пречка, улицата е изградена според проектна документација, како и воведениот режим на сообраќај. Координацијата со ЕВН е воспоставена во текот на целата изведба на проектот и очекувам дека за многу скоро и овие визуелни пречки во овој дел да бидат надминати“, смета Коњановски.