Дали Трамп повторно ќе победи?


ПЕТАР АРСОВСКИ

 

Досега доминантната доктрина за тоа кој ќе победи во претседателската трка во САД секогаш била поврзана со економијата. Уште од времето на Бил Клинтон, кој ја имаше онаа позната изрека – „До економијата е, глупчо“, перформансите на бизнисот на САД беа директно поврзани со исходот на претседателските трки. Правилно или погрешно, гласачите во САД директно го врзуваат претседателот со нивната лична, па и државната благосостојба.

Како што се разгоруваат првичните избори за кандидати за претседател, ваквите анализи ќе станат многу важни во предвидувањата околу тоа кој би можел да седне во овалната канцеларија во Белата куќа. Демократите засега имаат три фаворити, од кои само Џо Бајден, според рејтинзите, претставува сериозна закана за Трамп. Се разбира, Трамп ништо не остава на случајност, па веќе уште сега е во сериозна негативна кампања против Бајден, кој освен со претседателот, се бори и за поддршка во својата матична партија.

Ако се следи оваа економска логика, изгледа дека Трамп повторно би ја добил трката за претседател во 2020. Добрите перформанси на американската економија, растот на БДП, постојаното намалување на невработеноста, како и зголемувањето на платите, изгледаат како индикатори дека Трамп би победил во 2020, и тоа со значајна разлика. Сепак, нешто тука „не штима“. Трамп има еден од најниските рејтинзи во историјата, што интуитивно е индикација дека би требало да не биде толку сигурен победник во наредната трка. Веднаш по првата победа (односно пораз, зашто неговата противкандидатка имаше околу три милиони гласови повеќе), рејтинзите на Трамп отидоа надолу и останаа таму во текот на речиси целиот досегашен мандат. Така, тој во трката за втор мандат влегува со сериозно низок рејтинг, многу контроверзии, и, да не заборавиме, закана од импичмент или полошо. Како тогаш предвидувањата за исходот на изборите сè уште го фаворизираат?

Прво, мислам дека моделот кој ја врзува претседателската трка само за економијата треба да се разгледа уште еднаш. Тој модел е историски: наместо конкретните тековни рејтинзи, повеќе се врзува за историски податоци и глобални варијабли кои предвидуваат какво ќе биде општото расположение на електоратот кога ќе дојдат претседателските избори. Така, овој модел му дава предност на Трамп поради две големи варијабли. Првата е фактот дека тој во моментов е претседател, што историски му дава предност, зашто гласачите во САД почесто гласаат за постојниот одошто за нов претседател. Втората се перформансите на економијата која изгледа добро. Но, како што се покажува во последните анализи, на пример на „Политикал бихеивор“, економијата во последните два мандата не е движечката сила на гласачкото однесување. Оваа разлика, односно независност од економските параметри, почна уште за времето на Клинтон, се засили за времето на Буш Помладиот, а под Обама анализите покажуваат дека економијата не е веќе значајна варијабла во предвидувањето на судбината на претседателските трки.

Второ, бројките на Трамп, дури и за економијата, не се така добри. Не само што добрите перформанси на американската економија не се пресликуваат во значајна предност на Трамп, кој сè уште има рејтинг далеку понизок одошто би требало да има со оглед на вкупните економските показатели, туку и довербата на потрошувачите, фискалната консолидација, како и вкупната доверба во економијата не се одлични. Така, мислам дека економијата на САД нема да има значајно влијание на претседателската трка. Повеќе прашањата на мултикултурното општество, имиграцијата, светската позиција, и антиестаблишмент расположението на гласачите, се оние кои го движат рејтингот на тековниот претседател.

По овие параметри, во интерес на вистината, Трамп остана религиозно доследен. Тој упорно, и покрај целата опозиција, инсистира на трговска војна со Кина, агресивни односи со НАТО, исклучива политика за имиграција, остри напади кон противниците и слично. Ова му ја консолидира базата, но истовремено ги мобилизира и неговите опоненти. Токму тоа е она што ниту еден модел не може со сигурност да го предвиди – карактерот. Трамп мобилизира: ги држи и своите приврзаници на купче, но истовремено ги мобилизира и оние што мислат дека тој е најлошото нешто што ѝ се случило на политиката на САД во историјата. Неговите помошници се будат во 5 наутро да проверат да не „твитнал“ нешто неконтролирано наутро. Обвинителот сè уште го истражува неговото поведение со Русија. Сенаторите се мислат за импичмент. Специјалниот обвинител тукушто ја почнува истрагата за неговите врски со Москва. Трамп, како карактер, мислам дека ќе има многу повеќе влијание на исходот на претседателската трка одошто Трамп како претседател.

На крајот, мислам дека сè уште рано да се пресуди за исходот бидејќи Трамп сите нè изненади со добриот резултат на претходните избори. Симнувајќи се од ескалаторот на „Трамп кулата“ во Њујорк, кога ја најавуваше својата кандидатура, изгледаше банално и карикатурно самоуверен. Сè уште изгледа така, ама како претседател. Ќе видиме дали ќе се качи на ескалаторот и тивко ќе замине во историјата или ќе продолжи во втор, можеби уште поконтроверзен мандат.