Дали појасот за спас на економијата од 200 милиони евра е доволен?


Ситуацијата се менува од ден на ден, па некои мерки што вчера изгледаат храбри за една недела може да бидат недоволни. До каде може да се задолжува Македонија

 

Мирче Јовановски

Вкупно 200 милиони евра е пакетот за спас на економијата што викендов го најави лидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев, од кои најголемиот дел, околу 120 милиони евра, ќе се наменат за исплата на минимална плата од 14.500 денари за април и мај за работниците во приватните фирми погодени од кризата. Експремиерот, пред тоа да го стори Владата, објави цел сет мерки чија цел е да опстои економијата која се соочува со најтешкиот предизвик до сега.

Дали е тоа истиот кој го најави и инистерката за финансии Нина Ангеловска ќе се види многу брзо. Таа на прес-конференција соопшти дека земјава ќе се задолжи со околу 600 милиони евра за да му помогне на стопанството, но и да има пари да ги врати доспеаните рати од претходно земените кредити. Или, пак, Заев можеби беше гласникот кој покрај добрите вести требаше да ја соопшти и онаа помалку пријатната, за исплата на минимална плата за државните функционери и за вработените во јавната администрација, освен во здравството, полицијата и војската, кои се директно вклучени во борба против корона вирусот. Ангеловска не беше толку конкретна како експремиерот, околу платите, само рече дека сите ќе треба да ја платиме цената.

Стопанството е во очекување на владиниот „појас за спас“ – од таму бараат брзи и храбри одлуки, кои сега, по прогласување на вонредната состојба, Владата може да ги носи преку уредби кои имаат сила на закон.

Тоа била и една од пораките на состанокот на Економскиот совет, што се одржа во саботата во Владата на кој присуствуваа видни академици, економисти и стопанственици од земјава. Дали Владата прифатила некои од предлозите кои таму биле кажани или првенстено сакала да го опипа пулсот на академската и стручна јавност за мерките што ги има подготвено, е тешко да се процени, бидејќи, како што велат некои од учесниците на средбата, дале збор дека нема да соопштуваат детали за што конкретно се зборувало.

Ова е прва средба на вакво ад-хок тело на која според владиното соопштение, станало збор „за насоки и препораки за справување со последиците по економијата, стопанството и финансискиот сектор од корона вирусот“.

Во досегашната практика (не само на оваа влада, туку и на претходните) економскиот совет го сочинувале претставници на власта, а не и на пошироката стручна јавност, уште помалку биле вклучувани претставници на опозицијата, како што беше овој пат случај. Освен претседателот на Владата и неговиот економски тим, на состанокот учествуваа претседателот на МАНУ, Таки Фити, академик Абдулменаф Беџети, советникот во Стопанската комора Зоран Јовановски, поранешните министри за економија Фатмир Бесими и финансии Драган Тевдовски, Трајко Славевски и Никола Поповски, поранешниот министер за економија Фатмир Бесими, Гордана Димитриеска-Кочоска, Ванчо Узунов, Светозар Јаневски, Павле Гацов, Борче Треневски, Марјан Петревски, Андреја Јосифовски, Виктор Мизо, Предраг Трпевски, како и претставниците на стопанските комори Данела Арсовска, Бранко Азески, Анета Пешева и Неби Хоџа.

Но, вонредните околности налагаат и вонреден начин на однесување. Друго е прашањето дали на еден состанок во ваков формат може да се очекува голема ефикасност – со оглед на бројот на учесниците и времетраењето на состанокот од околу три часа.

Од Економскиот совет, како што велат од Владата, треба да произлегуваат насоки и препораки за справување со последиците по економијата, стопанството и финансискиот сектор од корона вирусот. Допрва ќе се проценува дали идеите и предлозите кажани од присутните се или ќе се вградувааат во иднина во мерките што ќе се носат. Работите се менуват со неверојатна брзина и сегашните процени веќе утре можат да се покажат како недоволно прецизни.

Колку е потребна брза реакција, покажуваат и настаните кои се редеа со филмска брзина изминатите денови. Почнувајќи од апелите за брза реакција од страна на стопанствениците, преку драматичната изјава на претседателот Стево Пендаровски дека стопанството е на колена („маф ни е работата“) и дека за да се опорави стопанството итно е неопходно задолжување на земјата од 500 до 700 милиони евра. Потоа, преку првиот сет мерки кои ги објавија вицпремиерката за економски прашања, Мила Царовска, министрите Ангеловска и Крешник Бектеши, како и гувернерката на НБМ, Анита Ангеловска-Бежоска, кои се чини повеќе ги разгореа реакциите, отколку што ги смирија стопанствениците. Сумата од 5,7 милиони евра и другите мерки, сепак, беа симболични во однос на штетите кои и до сега ги претрпеа фирмите. Најавите дека преку Развојната банка ќе се пласираат дополнителни средства по поволни услови и дека се обезбедени уште шест милиони евра за поддршка на стопанството, ја амортизира малку реакцијата, но укажувањата дека е потребно многу повеќе не спласнаа. Конечно беше најавено задолжувањето од 590 до 610 милиони и поробусен сет мерки за помош на стопанството.

Во интервју за Независен.мк минатата недела универзитетскиот професор Борче Треновски, рече дека во основа, лекот за економијата е ист како и за корона вирусот – неопходен е континуиран надзор од Владата и постојана фискална и структурна поддршка во секторите кои ќе покажуваат особено лоши симптоми. „Да се надеваме дека нема да ни треба апарат за дишење“, рече професорот Треновски.

„Лекцијата од економските кризи е дека колку порано се делува, толку ефектите од кризата и шокот ќе бидат помали и ќе се излезе побргу од неповолната економска ситуација“, вели професорот Треновски.

Никола Поповски, поранешен министер за финансии, во видео обраќање преку социјалните мрежи рече дека економските последици ќе бидат големи, но дека најважно од сѐ е да успееме да го сочуваме здравјето на популацијата.

„Нема да чуди ако оваа година биде рецесиска, не само во Македонија, туку и во светот, а особено во Европа која во моментов е најпогодена. Дека најверојатно ќе изгубиме голем број на работни места, бруто домашниот производ ќе се намали, невработеноста најверојатно ќе се зголеми, социјалните проблеми на луѓето веројатно ќе се заострат“, вели Поповски, додавајќи дека се надева Владата ќе покаже доволно храброст и мерки со цел да не се доведат во прашање егзистенцијалните проблеми на населението.

„Оваа криза е атипична, таа не е криза на намалена потрошувачка или криза на намалено производство, таа е на двете, што е многу чудна состојба“, вели тој. Потрошувачката е намалена затоа што луѓето не купуваат или не сакаат да купат ништо друго освен за егзистенцијалните потреби за храна, енергија и лекови кои учествуваат помалку од половина во нивните доходи. Од друга страна производителите нема да можат да произведуваат од истите причини, ниту ќе може да пласираат“, вели тој.

Поповски додава дека некои од мерките за економистите се познати, а некои ќе треба да се иновираат, како и дека ќе бидат потребни многу откажувања и пренасочување на она што останува од доходот. Тој во видео пораката уште вели дека под удар ќе се најдат и други економски сектори, особено компаниите кои се меѓународно поврзани со хоризонтална и вертилкална верига во производството. Веројатно ќе трпи и финансискиот сектор, покрај угостителството, туризмот, хотелиерството, рестораните кои се веќе под удар, како и образованието, културата…

„Да се обидеме да ги одржиме во живот другите сектори, колку е тоа можно во овие кризни времиња, додека не се вратиме во нормала“, порачува Поповски