Дали е ова најшокантната песна на сите времиња?


На 20 април 1939 година, Били Холидеј влезе во студиото со оркестар од осум члена за да ја сними својата верзија на песната „Strange Fruit“ (Чудно овошје). Оваа страшна песна за ужасите на линчувањето на американскиот Jуг не беше само најголем хит на Били Холидеј, туку стана една од највлијателните песни на 20 век, која и денес зборува за расното насилство.

Нумерата што магазинот „Тајм“ ја прогласи во 1999 година за песна на векот првично се викаше „Bitter Fruit“ (Горчливо овошје) и неа ја напиша учителот Ејбел Миропол, вџашeн од фотографиите од линчувањата на американскиот Југ.

„Ја напишав ‘Чудно овошје’ затоа што го мразам линчувањето, ја мразам неправдата и ги мразам луѓето што го одржуваат“, објасни Миропол во едно интервју во 1971 година.

Песната ѝ беше понудена на Били Холидеј во 1938 година, која заедно со својот пијанист Сони Вајт и аранжерот Дени Менделсон работеше три недели на неа пред нејзината премиерна изведба во њујоршкиот кафе-ресторан „Society“.

„Првиот пат кога ја отпеав, мислев дека тоа беше грешка… немаше ниту благ аплауз кога завршив. Тогаш една личност почна нервозно да плеска и одеднаш сите аплаудираа“, пишува Холидеј во својата автобиографија.

Како што песната станала дел од нејзините настапи, Холидеј се соочувала со различни реакции, од солзи до напуштање на концерти и расистички провокации. Радиостаниците, како во Америка, така и во други земји во светот, одбија да ја емитуваат „Strange Fruit“, а нејзината издавачка куќа „Колумбија“ не сакаше да ја сними.

Сепак, песната веднаш по објавувањето остави длабока трага во американското општество. Иако тоа не беше првата популарна песна која се занимаваше со расни прашања, „Strange Fruit“ се издвојува со својата експлицитна содржина и истовремено со комерцијалниот успех.

Активистите им ја испратија песната на американските конгресмени, со цел да го поттикнат усвојувањето на Законот за забрана на линчот, а со текот на времето стана антирасистичка химна.

„Линчувањето стана еден вид метафора и во таа смисла во наредните децении стана повеќе метафорична отколку буквална“, објаснува писателот Дејвид Марголик, автор на книгата за песната „Strange Fruit“.

Многу музичари ја преработија, но се издвојува верзијата на Нина Симон од 1965 година, чии делови користеше Кање Вест во својата песна „Крв на лисјата“ од 2013 година.

Во 2002 година „Strange Fruit“ беше вклучена во Националниот регистар на значајни изданија на Конгресната библиотека на САД.

Нејзината способност да шокира никогаш не избледе и со децении ги инспирира музичарите да пеат за неправдата со искреност и свест дека песната може да биде безвременски поттик за општествени промени. (Би-би-си)