Да останеме ненормални, да го бараме нормалното


Повеќе од една година, редовно, на секои две недели пишувам колумна за Независен весник. По повод годишнината, овие денови решив да направам преглед на напишаното. Темите на тие колумни се различни – образование, буџет, политика, здравство, судство, секојдневен живот, патриотизам, миграции, слобода на изразувањето и други. Но независно од тематската различност, во повеќе од една третина од колумните како значаен објаснувачки фактор се појавува корупцијата! Анализата на содржините за кои сум пишувал ми покажа дека во голем број од колумните мисловно сум се справувал со појавата на корупцијата која го гуши македонското општество, го блокира неговиот развој и ги руинира сите општествени институции.

Таа е сеприсутен феномен. Ја има во сите сфери на нашето живеење. Затоа и не ме зачуди сознанието дека моите социолошки сонди ја детектирале корупцијата како причина за многу актуелни општествени проблеми. Затоа, оваа појава изнудува посистематски пристап. Корупцијата и другите, со неа поврзани појави на нечесност и кршење на правилата (мито, прикривање на данок, поткуп и сл.) кај нас веќе не се инцидентна, социопатолошка појава туку стануваат доминантен и ‘нормален’ начин на уредување на односите меѓу луѓето. Живееме во општество на корупција и криминал. Последната афера наречена Рекет го покажува тоа. Во неа се вклучени луѓе од сите сфери на јавниот живот: политичари, бизнисмени, судии и обвинители, поранешни професорки, новинари… Засега отсуствуваат само уште верски лица за да имаме вистинска Република на нечесноста! Но верата и така, барем уставно, е приватна работа, а нивните корупциски афери се бранат со повикување на не/мешањето на државата во верските работи. Затоа, може слободно да обзнаниме дека новата ни Република Северна Македонија прераснала во Република на корупцијата, а за нејзин премиер да го прогласиме кралот наречен „еден педер“!

Во една од претходните колумни падот на специјалната јавна обвинителка како последица на крунисувањето на нејзиното височество корупцијата го претставив како само уште една банална коруптивна случка. Докажував дека од тоа нема да произлезе ништо ново, дека тоа нема да прерасне во настан кој ќе ги промени работите. Досегашниот тек на истрагата, со уважувањето на вообичаената годишно одморска рутина и некои други ‘вообичаени’ потези на институциите го потврдуваат таквиот карактер на аферата.

Но, нешто во мене се буни. А гледам се бунат и многумина пријатели и познаници. Во разговори со нив или читајќи ги нивите писанија осознавам дека од случајот може да произлезе и нешто добро – по формулата секое зло за добро! Рекет од чин на инаугурација на републиката на корупцијата, бесчестието и алчноста да се искористи како момент за промоција на чесноста, доблеста и умереноста.

Надвор од двете корупциски ора, едното предводено од власта, а другото од опозицијата се наоѓаат ресурси на чесност, работливост и доблесност. Тие се распрснати помеѓу голем број граѓани од тивкиот центар на општеството. Ги има во сите колективитети и организации. Или, со зборовите на Кочо Рацин, „та не сме саде ние, та не сме саде тука, ние сме по цел свет – безбројни…“ Од перспектива на овие луѓе чашата е преполна, пречекорена е секоја мерка и сега е момент за востанување. Затоа се и силни реакциите на изјавата на премиерот со која тој како во очај повика на борба против неколкутемина криминалци, суетниот новинар и педерот кои сакаат да му ја срушат владата.

Тивкиот центар пушта глас и повикува на мобилизација против забеганоста на луѓе од власта и опозицијата. На прашањето како овој реактивен агрегат од индивидуи со интегритет и уште посилни суети да се организира во вистински ефективна колективна сила во услови кога се потрошени многу од идеите и формулите кои некогаш служеа како силни мобилизатори, одговорот може да биде: Да останеме ‘ненормални’ и да бараме нула толеранција за кршење на правилата и прописите, упорно да инсистираме на транспарентност и постојано да повикуваме на отчетност од страна на една нова влада составена од експерти со интегритет.

Ило Трајковски