Црна дупка


Звонко Давидовиќ

Островот Утоја и настанот од 22 јули се врежани во колективната свест и меморија на норвешкиот народ. Повеќе од 70 мртви деца и 200 повредени, како последица на безумието и омразата на Брејвик, суштество што не го заслужува името човек. Но, она што навистина фасцинира е реакцијата на државата, нејзините функционери и општеството. Тогашниот премиер Столтенберг, во манир на одговорен политичар што е избран од народот и работи за народот, излегува пред новинарите во првите мигови на големата трагедија и без затскривање зад празни зборови и политички пароли одговара на сите прашања и храбро и чесно бара формирање на комисија која ќе одговори на прашањето кои институции и зошто потфрлиле во реакцијата и дали можело и подобро да се реагира. Самиот сведочи пред комисијата која е составена од експерти од различни области и која треба да ја утврди одговорноста на институциите со кои тој раководи како премиер. По добивањето на извештајот, самиот лично се појавува пред родителите на жртвите и ја нуди својата оставка како човек кој раководи со извршната власт во државата. Одговорот на родителите е дека тој како личност и политичар им треба и на општеството и на државата, за да го подобри системот и да не дозволи повеќе никогаш да не се случи истото. Ние од Балканот, или како што некои милуваат да кажат од Југоисточна Европа, сме занемени од ваквата реакција на еден политичар затоа што вакво нешто на овие простори ниту се случило, ниту во скоро време ќе се случи.
Да се случеше нешто вакво кај нас, поучен од досегашното искуство што го имаме со нашите политичари, нивниот ментален склоп и начинот на кој реагираат тие и партиите кои стојат зад нив, реакцијата би изгледала вака. По настанот не би имало едно три дена никаква реакција на ниту еден политичар, партија или државна институција освен што би се објавувале телеграми со сочувство кој овој или оној наш политичар ги добил од странство. Тоа во прв миг ги покажува вредноста и тежината на нашиот политичар и колку тој е вреднуван од странските моќници. Четвртиот ден некој од политичарите во власта би излегол со писмена реакција пратена од неговиот кабинет во која се ветува целосно расветлување на случајот и детали за настанот што во најскоро време ќе бидат објавени. Обвинителството во полн состав, почнувајќи од јавниот обвинител, обвинителот за организиран криминал и обвинителот од Основното обвинителство, заедно со претседателот на Советот за јавни обвинители, се разбира без вишиот јавен обвинител кој им е секогаш вишок, свикуваат прес- конференција. На пресот го раскажуваат настанот кој се случил, а за кој сите веќе ги знаеме деталите од пред неколку дена благодарение на новинарите. Кога завршуваат со приказната и кога новинарите почнуваат да поставуваат прашања, обвинителската толпа станува и низ заби ги поучува новинарите дека истрагата е во тек и дека таа е тајна. Социјалните мрежи почнуваат да се вжештуваат благодарение на партиските фејсбук-воини кои полека почнуваат со дефокусирање на јавноста од настанот и спинување. Наеднаш во јавноста се појавува од никаде информација дека сторителот е близок роднина на близок пријател на тетинот кој се развел од тетката на прадедото на претседателот на опозициската партија. Опозиционерите демантираат, а нивните фејсбук-воини почнуваат да пишуваат дека сторителот пред крвавиот настан е виден како купува мортадела од гранапчето на братот на министерот во Владата, а за кој се знае дека е близок со ветеринарниот инспектор надлежен за салами од свинско потекло. Власта уште молчи.
Националните партии кои не јадат свинско се оградуваат од настанот и со гадење се дистанцираат осудувајќи го како националистички. На сите телевизии и портали се појавуваат експерти кои изнесуваат најразлични теории зависно од тоа каде го имаат политичкиот ќар. Па, некои тврдат дека ова е дело на меѓународната заедница која не сака да нè прими во НАТО или ЕУ, други тврдат дека Русите замешале прсти, трети дека ова е дело на опозицијата, четврти дека е дело на власта за да скрие други валканици, петти дека ова е дело на вонземјаните, шести тврдат дека ова е заговор во кој некои структури на владата и опозицијата заедно со бизнис елитата сакаат да ѝ се одмаздат на власта и да ја симнат од власт. Само еден тврди дека сторителот заразен од свинска чума која ја добил од мортаделата која ја консумирал во часовите пред настанот во состојба на непресметливост го сторил грозоморното дело.
Власта излегува со предлог до опозицијата да се формира парламентарна комисија која ќе го истражи случајот. Се формира комисија, но заглавува при изборот на претседателот бидејќи опозицијата инсистира тој да биде од редовите на опозицијата. Двете најголеми партии безуспешно преговараат две недели околу претседателското место и комисијата никогаш не почнува со работа. Фрчат обвинувања од двете страни, и за вмешаноста во настанот и за немањето желба да се открие вистината. Амбасадите реагираат и се закажува лидерска средба со посредување на меѓународната заедница. Низ земјава дефилираат претседатели на совети, комесари, помошници на заменици, секретари и сообраќајот по главните улици е постојано затворен поради високите и битни гости. На социјалните мрежи плукање, обвинувања, спинувања, закани. По еден месец преговори и седум лидерски средби е избран претседателот на комисијата, гордо и насмеано објавуваат двата лидера, опозиционерот и оној од власта. Народот заборавил за која комисија тоа се избираше претседателот, но новинарите го потсетуваат постојано славејќи ги успехот и сплотеноста на лидерите во овие тешки мигови. Наеднаш, пред претседателот да ја свика комисијата на првиот состанок, обвинителството свикува прес-конференција. Сите медиуми во живо го пренесуваат пресот кој е закажан во 14 часот. Околу 16 часот се појавуваат обвинителите во истиот состав и објавуваат дека истрагата е завршена. Сериозно и со тивок глас ѝ ја соопштуваат вистината на јавноста. Сторителот навистина консумирал мортадела 2 часа и 37 минути пред настанот која ја набавил од гранапчето „Прасетрејд“, која не била санитарно и ветеринарно проверена поради блискоста на сопственикот на „Прасетрејд“ и ветеринарниот инспектор кои секој вторник, четврток и недела пиеле кафе во „Френд кафе“, поради што сторителот добил свинско лудило во кое го сторил делото, со што газдата на „Прасетрејд“ и инспекторот сториле злоупотреба на службената положба и овластување, а газдата на „Френд кафе“ им помогнал во тоа бидејќи им овозможил преку кафето да се зближат. Судењето трае кратко, сите се виновни и добиваат високи затворски казни, сторителот завршува во Бардовци на задолжително психијатриско лекување и забрана за консумирање на мортадела во траење од 12 години. Власта го слави успехот и се фали со функционирањето на институциите, а опозицијата ги критикува драконските казни.
Владата излегува со соопштение во кое се наведува дека надлежните министерства ќе ги преземат соодветните мерки за во иднина никогаш веќе да не се случи вакво нешто. Министерството за земјоделство носи наредба за уништување на свинскиот фонд, а Министерството за здравство наредува уништување на сите резерви на мортадела. Министерството за економија распишува тендер за увоз на мортадела од Пакистан. Министерството за култура субвенционира документарен филм за настанот во траење од 7 часа од кои 6 часа да бидат краток осврт на беспрекорното функционирање на институциите на системот.
Настанот решен и заборавен, на него се сеќаваат само роднините на жртвите и политичарите пред избори, користејќи го како фалба или критика.
Точно е дека сме ние далеку од Норвешка според сите мерила и критериуми, но точно е дека сме еднакво далеку од сè што е нормално. Ние сме ти една црна дупка која голта сè што е вредно и чесно, црна дупка која ги брише меморијата на луѓето и одговорноста на функционерите, црна дупка толку голема што го голта општеството и сите негови вредности. Далеку сме ние од Норвешка, далеку од секаде, далеку од умот.