Црквата „Св. Константин и Елена“ во Мокрино ќе се конзервира и реставрира со пари од унгарскиот кредит


Со над 2 милионa денари, обезбедени преку унгарската кредитна линија, следната недела започнуваат конзерваторско-реставраторските зафати на ѕидното сликарство во црквата „Св. Константин и Елена“ во село Мокрино, Општина Ново Село, најави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при денешната посета на сакралниот објект, заедно со директорот на Заводот и музеј – Струмица, Бранко Ѓоргиев, и градоначалникот на Општина Ново Село, Ѓорги Божинов.

Љутков истакна дека со овој проект се прави конкретен исчекор во заштитата на културното наследство.

 „Денес, наместо празни ветувања, постојат конкретни проекти, јасен план и обезбедени средства“. Црквата „Св. Константин и Елена“, изградена во 1870 година, претставува едно од најзначајните културни и духовни обележја во Струмичкиот Регион. Носител на активностите е Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица, во соработка со стручни лица од Националниот конзерваторски центар од Скопје. Овој проект претставува значаен чекор во зачувувањето и афирмацијата на културното наследство на Општина Ново Село. Министерството и во иднина ќе продолжи со континуирани вложувања во заштитата и зачувувањето на нашето вредно културно наследство за идните генерации“, истакна денес Љутков.