Чиј е Гоце?


ЃОРЃИ СПАСОВ

На 20 април 1995 година, кога претседател на Бугарија беше Жељу Желев, добив дозвола од бугарското МНР, како прв амбасадор на Република Македонија во Бугарија, да положам венец на гробот на Јане Сандански во Роженскиот манастир на Пирин Планина. Со делегацијата, во која беа и тогашниот дописник на „Нова Македонија“ од Софија, Бранко Тричковски, и група новинари од Македонија, кои пристигнаа само за обележување на тој историски настан, го положив венецот направен со цвеќиња во боите на македонското знаме, без да бидам оневозможуван од малата група активисти на ВМРО-СМД, кои само од пристојна оддалеченост нешто негодуваа и довикуваа „српско ченге“.
По положувањето на венецот на кој пишуваше „На Јане од македонскиот народ“, во придружба на локалниот свештеник, го посетивме и манастирот во Рожен во кој запаливме и свеќи за душата на Јане Сандански, а одржав и куса прес-конференција за бугарските новинари кои пристигнаа. Во меѓувреме, една од бугарските новинарки ме праша: „Зошто вие положувате венец на гробот на бугарскиот револуционер Јане Сандански?“ Мојот одговор гласеше: „Положив венец затоа што сметам дека Јане Сандански има големи заслуги за создавањето на независната македонска држава и за будењето на македонската национална свест. Македонскиот народ му е благодарен за тоа и му оддаваме признание со положувањето венец на неговиот гроб. Сите што него го почитуваат од свои причини треба да имаат можност да положат венци на неговиот гроб“.
Реков дека сите што имаат своја причина да го почитуваат Јане Сандански треба да имаат можност да положат венец и да запалат свеќа на неговиот гроб, затоа што и тогаш, кога се чинеше дека почнува да се промовира едно поинакво разбирање на односите меѓу двете земји и нации, на активистите од македонската организација ОМО „Илинден“ не им беше дозволено тој ден организирано да го посетат гробот на Јане Сандански и да положат цвеќе. Група нивни активисти беа запрени од полицијата на неколку километри пред Рожен и тие чекаа пред една селска гостилница на враќање да се сретнам со нив.
Како што пристигнав со дипломатското возило пред нив на кое се вееше македонското знаме се појави една убава чалгија која ја свиреше и пееше прекрасната песна „Кога падна Јане на Пирина“. Излегов со делегацијата, се фативме на оро со активистите од ОМО „Илинден“ и на цел глас, под будното око на полицијата, ја испеавме и изигравме песната во која Јане вели: „Е бре вие три сокола/В гради луто сум ранет/Остајте ме тук да умрам/Мене лек не лекува/Мајка Македонија други ќе роди да ја ослободат“.
Во кусиот говор што потоа го одржав реков: „Денес положив венец на гробот на Јане Сандански во име на македонскиот народ. Убаво ќе беше да можевте и вие да присуствувате на тој чин. Но да се надеваме дека и ова е напредок во подобрување на односите меѓу Македонија и Бугарија и дека набргу ќе дојде денот кога никој на никого нема да му забранува положување венци и палење свеќи на гробовите на оние што ги сметаме за заслужни за создавањето на независната македонска држава и нација“.
Никаде не споменав чиј е Јане и што бил по националност. Говорев за тоа дека неговото револуционерно дело го почитува македонскиот народ и македонската држава и ги слави од свои причини, а ако кој било друг има свои причини да го слави и почитува тогаш во тоа не треба да биде оневозможуван.
По посетата на Киро Глигоров на Бугарија за време на која не се постигна договор за потпишување на договорите меѓу двете земји, бев повикан да одржам прес-конференција во Клубот на новинарите во Софија. Се појавив без преведувач од македонски на бугарски и одговарав на прашањата на македонски јазик. Едно од прашањата гласеше: „Како вие, господине амбасадоре, говорите без преведувач, а вашиот претседател Киро Глигоров за време на официјалната посета неодамна користеше преведувач?“ Одговорив дека во земји со кои имаме сродни јазици, како Србија и Бугарија, говорам на јазикот на заемното разбирање. Јас ги разбирам вашите прашања, но ако некој од вас не ги разбира моите одговори јас сум подготвен да му ги преведам на бугарски. И немаше повеќе прашања.
Многу бргу тие денови од бугарската академија излезе труд во кој првпат се говори дека македонската нација се формирала како резултат на тоа што бугарската книжевна норма во 19. век се создала со користење на источните говори во Бугарија, а Вук Караџиќ за книжевна норма на српскиот јазик ги избрал говорите од северозападна Србија. Во вакуумот што се создал меѓу тие две книжевни норми на Балканот создадена е и книжевната норма на македонскиот јазик околу кој е формирана и македонската нација. Сè поголем број историчари во Бугарија почнаа да говорат за историјата не како догма и како еднаш за секогаш утврдена вистина, туку за историјата како процес на постојано преиспитување и потребата од толеранција на различните гледишта. Во времето на претседателот Жељу Желев се случуваше либерализација на бугарското општество во кое се одвиваше еден процес на ослободување од догмите и можеа да се слушнат без проблем и различни толкувања за историјата, нациите и настаните.
Тие денови на подарок ја добив книгата од Атанас П. Стоев „Јаворов Војводата“, со писмо во кое ме моли да ја исполнам последната желба на војводата Јаворов. Во своето проштално писмо до Тодор Александров, војводата Јаворов кој бил дел од четата на Гоце Делчев, објавил биографија на Гоце Делчев и цел живот го посветил на борбата за слобода Македонија во која верувал дека живее бугарско население, пишува: „Кажи ѝ на Македонија, кога ќе отидиш таму, дека нејзиниот син (јас се сметам за нејзин) умре во слободна Бугарија, овенчан со една најгнасна клевета. Кога и таа (Македонија) да биде слободна, нека дојде еден другар на мојот гроб и да ми каже: поздрав од мојата мајка маченица – таа е веќе среќна“.
Еден ден без никој да знае, отидов на гробот на Јаворов во градот Чипран и му оставив букет на кој пишуваше: „Македонија е веќе среќна“. Не сакав новинарите од тоа да прават приказна. Но почувствував потреба, без никој да знае, да го направам тоа. Сакав да разберам зошто многумина Бугари борбите за слободна Македонија ги сметаат за најромантичен период од историјата на Бугарија.
Не беше лесно во тие денови да објаснуваш зошто сметаме дека сме посебна нација и зошто нашиот јазик, кој во бугарските националистички кругови се смета само за дијалект на бугарскиот, односно „бугарски јазик отчукан на српска машина за пишување“. Но морав тоа да го објаснувам во една емисија на Дарик Радио, во која слушателите ми поставуваа директно прашања. Една жена од Благоевград ме праша: „Како можам да го објаснам тоа што таа со нејзината мајка која е од Македонија одлично се разбира, но со сегашната снаа од Скопје не може да се разбере бидејќи снаата, наводно, употребувала многу српски зборови?“ Ѝ одговорив дека и кај нас во Македонија мајките со ќерките многу добро се разбираат, но со снаите имаат проблем. И тоа нема врска со јазикот.
Бугарските историчари во тоа време се охрабрија да зборуваат за бугарската окупација на Македонија во време на Втората светска војна и го цитира Богдан Филов, кој говори во своите мемоари дека Хитлер ѝ дозволил на Бугарија да ја окупира Македонија. Похрабрите од нив одеа дури дотаму што велеа дека да не се признае окупацијата на Македонија од време на Втората светска војна е исто како да се релативизира отоманското ропство на Бугарија и во име на „добрососедството со Турција да почнеме тој период да го нарекуваме период на турско присуство во Бугарија како тие да биле туристи“.
Почнаа да се објавуваат и преобјавуваат многу текстови од Паисиј Хилендарски, во кои тој ги прекорува Бугарите за бавно оформување на нивната национална свест и за потребата од нивно национално освестување дека не се ниту Руси ниту Татари. Се потсетуваше и на преубавите текстови на Христо Ботев, кој вели „во услови на сиромаштија националното самосознание е заматено“.
Врз основа на сите тие информации и тој процес на дедогматизација на бугарското општество се создаваше свест дека нациите, па и македонската нација, се историска категорија и дека во борбата за слободна Македонија во 19 век многу револуционери, независно од тоа како се декларирале, реално помогнале да се создаде денешната независна македонска држава, но и да се развие македонската национална посебност и јазик. И тој факт не треба да нè дели, туку да нè обединува.
Бугарите поминале, исто така, низ тежок период на градење на својата национална свест и посебност. Тие имаат низа свои преродбеници. Преродбениците на бугарски јазик се нарекуваат „национални будители“. Речиси секој ден во Бугарија се слави некој преродбеник (национален будител). Како народ надарен за хумор на своја сметка еден бугарски сатиричар имаше забележано. „Народ кој имал толку будители мора да бил многу заспан“.
Еден друг бугарски сатиричар, по повод сите тврдења дека Македонците станале од Бугари, вели: „Бугарската наука докажа дека сите луѓе на светот потекнуваат од мајмуни, само Македонците од Бугари“.
И денес, откако се потпиша Договорот за соработка и пријателство со Бугарија, откако целиот Балкан влегува во една нова фаза и со нова надеж за сопствена иднина, звучат анахроно прашањата од видот „Чиј е Гоце?“ или чии е Илинденското востание? Тие ѝ припаѓаат на револуционерната историја на Балканот, која е во темелите на создавањето на денешна слободна Македонија и на создавањето на современата македонска нација.
Бугарија не смее да дозволи процесот на сопствената либерализација и дедогматизација да го доведе во прашање под влијание на „џамбаска логика“.
Македонската нација е создадена во историски околности, исто како и бугарската и српската, покрај сите негирања за нејзината посебност. Во борбите за самостојна Македонија имало многумина кои се декларирале како Бугари или самостојноста и ослободувањето на Македонија го сметале како прв чекор кон нејзиното припојување кон Бугарија. Но имало и такви што без оглед на нивното национално декларирање сметале дека ослободувањето на Македонија може да биде само дело на Македонците без замешателство на слугите на бугарскиот двор или на српскиот крал. Тоа биле оние што се бореле за слободна и независна Македонија и што се прашувале како британскиот премиер, Гледстон („Ако Бугарија на Бугарите, Србија на Србите, зошто не и Македонија на Македонците“). Тие со својата борба за слобода и правда ги инспирирале борците од антифашистичката борба во Македонија по чие завршување беше создадена државата во која Македонците како посебна нација конечно добија можност да го говорат својот јазик и да ја развиваат својата национална култура и историја. И сето тоа не е толку компликувано да се разбере ако се сака.