Чешкото претседателство подготвува „божиќен пакет“ со предлози за реформи на ЕУ
Чешкото претседателство со ЕУ ќе подготви „божиќен пакет” со предлози за реформа на Унијата, со цел да ги привлече оние членки што не се убедени за потребата од реформи.
„Останува нејасно каква ќе биде судбината на пакетот“, изјави чешкиот министер за европски прашања Микулас Бек, додавајќи дека неговата земја најверојатно ќе инсистира на флексибилност во процесот на проширување.
Тоа ќе овозможи „на Украина, на пример, влез на заедничкиот пазар“, рече чешкиот министер, кој истакна дека „за чешката Влада геополитичкото зајакнување на Украина е прашање на национална безбедност“.
До идејата да изготви „божиќен пакет” чешкото претседателство со ЕУ дојде откако ги доби резултатите од прашалникот што летото беше испратен до државите-членки.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен претходно месецов во нејзиното обраќање за состојбата на Унијата ја поддржа уставната конвенција за реформирање на Договорот на ЕУ, нагласувајќи ја потребата лидерите да бидат „сериозни“ за реформите во ЕУ.
Конвенцијата за која се заложи Фон дер Лајен значи собирање претставници на 27 национални влади и претставува чекор напред во процесот, но не е гаранција дека ќе дојде до реформа на Договорот на ЕУ.