„Бугарија игра со оган во регионалната политика“


Бугарија и Северна Македонија се расправаат околу македонскиот јазик и идентитет. Се чини дека е бизарно. Но, конфликтот има безбедносни импликации и е потенцијално експлозивна мешавина, вели историчарот Улф Брунбауер од Универзитетот во Регенсбург, Германија

 

„Оставањето настрана на Северна Македонија од европскиот пат е потенцијално експлозивна машина. Постои бугарска фантомска болка, според која Македонија е дел од бугарската историја сѐ додека не стана југословенска во 1944 година и презеде ‘вештачки идентитет’. Во овој наратив, Македонците се всушност Бугари. Во однос на идентитетската политика, таквата опција се чува отворена, особено затоа што многу Македонци поднеле барање за бугарско државјанство во последните години со цел да станат граѓани на ЕУ. Никој во Бугарија денес не зборува сериозно за промена на границата. Но, работите можат да се променат“, предупредува познатиот историчар од Универзитетот во Регенсбург, Улф Брунбауер.

Тој е директор на Лајбниц институтот за источни и југоисточни европски студии. Брунбауер е извонреден познавач и на бугарската и македонската историја и е често присутен во јавноста на двете општества. Во интервју за „Ное цирхер цајтунг“ тој предупредува на опасните последици за регионот доколку Бугхарија и натаму продолжи да ја блокира Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.

„Контроверзноста меѓу Бугарија и Северна Македонија не е само бизарен балкански спор. Ако Бугарија ја блокира европската перспектива на нејзината соседна земја, тоа е опасно. Во самата Северна Македонија, тензиите растат затоа што лојалноста на Албанците кон оваа држава е неизвесна ако не дојде до членството во ЕУ. Доколку, покрај тоа, се забележи сублиминалното тврдење на Бугарија дека има моќ над земјата, тоа е потенцијално експлозивна мешавина“, нагласува Брунбауер.

Одговарајќи на прашањето што значи оваа блокада во однос на европската политика Брунбауер вели дека случајот покажува оти државите во ЕУ можат безбедно да ги живеат своите опсесии и без страв од санкции. Толеранцијата на Брисел и на големите метрополи е голема дури кога се оди со осамена, па дури и изнудувачка политика. „И, се разбира, тоа има врска со фактот дека има мал ентузијазам за проширување на ЕУ. Некои држави сакаат да се кријат зад бугарското вето“, оценува Брунбауер.

Според него, ова го прави процесот на проширување уште помалку веродостоен и ја зголемува фрустрацијата во Северна Македонија. „Ова е опасно за кревката рамнотежа меѓу Македонците и албанското малцинство во земјата. Затоа што она што ја обединува земјата е токму европската перспектива. Бугарија игра со оган во регионалната политика“, вели Брунбауер.

Меморандумот усвоен од парламентот силно потсетува на комунистичката пропаганда од раните 1970-ти, вели Улф Брунбауер

На прашањето што мисли тој како историчар кога една држава сака да диктира одреден наратив од својата историја на друга држава, Улф Брунбауер одговара:

„Ова е навистина малку необично. Во бугарскиот парламент, сепак, постои широк консензус за ова од лево кон десно. Би било чудно ако овој парламент сака да означи одредена историографија за својата земја. Очигледно недостасува разбирање за тоа како се одвива историографијата во плуралистичкото општество, особено во слободно отворено општество.

Меморандумот усвоен од парламентот силно потсетува на комунистичката пропаганда од раните 1970-ти. И тогаш режимот негираше македонски јазик и идентитет. Ова покажува колку длабоко е закотвена националкомунистичката слика на историјата во бугарското општество“. Но дополнува дека „она што Бугарите го бараат е тешко да се види на прв поглед“.

Одговарајќи на прашањето на новинарот зошто и двете нации тврдат дека Гоце Делчев е нивен, Брунбауер дава одговор како историчар: „Делчев, може да се каже, беше Бугарин. Се нарекуваше како таков. Политички, сепак, тој беше Македонец. Неговата политичка визија беше автономна Македонија како дел од републиканската балканска федерација. Тој немал ништо заедничко со бугарската монархија од тоа време. Како човек од акција, етничкото потекло му беше помалку важно од неговиот политички идентитет. Кога соседот вклучува почитувана фигура во неговиот историски наратив, тоа е различно од тоа кога тој стилизира воен злосторник како херој. Меморијата за Делчев е лесна за споделување. Неговата цел беше токму слободата на регионот во форма на братска република. Тој сметаше дека борбата против османлиското владеење е заедничка задача за локалните христијани и муслимани – ова е исто така понуда за идентификација на граѓаните од двете конфесии во двете земји“.

Неговата порака до Европската унија за да ја смири ситуацијата е едноставна: „Сега се неопходни јасни пораки од Брисел и Берлин за Софија да се откаже од блокадата и Северна Македонија конечно да ги започне разговорите за пристапување“. (Н.В.)