„Брегзит“ како холивудски трилер


ПЕТАР АРСОВСКИ

 

Последните 24 часа во шоуто наречено „Брегзит“ изгледаат како холивудски трилер. Со заплети, неизвесности, пресврти во последен момент, неочекуван развој на настаните. Она што е уште поинтересно се стратегиите на партиите под површината на сегашните маневри, како и начинот на кој ваквите стратегии ќе влијаат на настаните во периодот кој доаѓа, а особено на политичката иднина на Обединетото Kралство.

Во вчерашното гласање на британскиот Парламент неколку пратеници од Конзервативната партија на Борис Џонсон, преминаа на страната на коалицијата пратеници кои се противат на излез од ЕУ без договор и со нивното гласање го оневозможија маневарот на нивниот лидер да форсира „Брегзит“ без договор, да го спречи Парламентот да го блокира овој план ниту, пак, да распише предвремени избори. Ваквиот пресврт е секако политички удар врз Џонсон, но последиците се покомплицирани отколку што изгледаат.

Прво, за што се гласаше во средата и во последните неколку денови? Џонсон сака брз излез од ЕУ, со или без договор. Пратениците, сепак, сакаат да дадат уште една шанса за договор и да го присилат премиерот (преку закон) да се обиде уште еднаш да направи договор, или да побара одложување на крајниот рок за излез. Џонсон, кој го претставува крајното десно крило на ториевците, но и на Британија, се обиде да го спречи Парламентот да му ги врзе рацете и да го принуди на нови преговори. Прво се обиде (и успеа) кралицата да го суспендира Парламентот. Парламентот на тоа одговори со акција за носење на закон за „Брегзит“ пред да може да се ефектуира суспендирањето на собранието. На тоа Џонсон одговори со барање за предвремени избори, кое беше отфрлено од Парламентот. Потоа Џонсон со својата партија се обиде да го пролонгира носењето закон со филибастеринг (бескрајна амандманска расправа) додека не стапи на сила одлуката на кралицата, но и тој обид вчера доцна вечерта пропадна, кога пратениците објавија дека се договориле сите читања на законот да завршат до петок.

Законското решение за кое се зборува, всушност, не би го обврзало Џонсон дека не смее да излезе од ЕУ без договор. Законот предвидува дека и таа можност е отворена.

Она што се предвидува таму е само дека владата ќе мора за секој чекор од овој процес да добие зелено светло од Парламентот. Значи, тие би го исцртале патот по кој премиерот ќе мора да се движи, и тоа релативно прецизно и детално. Сега се предвидува дека тој мора уште еднаш да се обиде да направи договор. Ако не успее, мора да се врати назад во Парламентот кој ќе одлучува дали ќе се оди на излез без договор или ќе се бара одложување на крајниот рок, и тоа со писмо кое уште сега е дел на законот. Во основа, Парламентот го спречува обидот на Џонсон да ги исклучи од процесот, и тоа на многу агресивен начин.

Но паралелно со стратегиите на партиите за носењето на законот, каде се исцртува една нова мапа на политички коалиции, стојат и стратегиите на конзервативците и на лабуристите за следните избори.

За лабуристите и Џереми Корбин, ова е политичка победа, но нивната ситуација сè уште е комплицирана. Конзервативците водат во анкетите. Корбин го отфрли предлогот да се оди на предвремени избори веднаш, со објаснување дека мора прво да се почека исходот од новите преговори со ЕУ и можноста за излез со договор. Сепак, тоа може да им наштети на неговите политички позиции, бидејќи предолгото одлагање на изборите може да се протолкува како бегање од соочување, за што тој веќе е нападнат. Дополнително овој гамбит би бил успешен само доколку Џонсон не успее да се договори со ЕУ до втората половина на октомври, кога е рокот за нов обид. Тогаш Корбин би имал нова шанса за политичка игра и калкулации со изборите. Но, имајќи предвид дека предвремени избори изгледаат неизбежни, доколку Џонсон сепак се врати со „дил“ од ЕУ, таквиот маневар речиси и гарантирал дека конзервативците би победиле на изборите.

За конзервативците овој политички пораз не е толку драматичен. Иако Џонсон изгледа слаб во моментов, сепак неговата политичка стратегија се заснова на ребрендирање на партијата со чистење на „елитизмот“ и вртење кон популистичка, национална реторика. Вртењето грб на пратениците завчера му ја комплицира сцената за политички маневри, но истовремено му овозможува подобра позиција за изборите, кога и да бидат тие. Оттаму, не сум сигурен дека ваквиот расплет оди целосно на штета на ториевците. Мислам дека стратегијата на Џонсон одеднаш да ги расчисти пратениците и крилото во партијата кое е „еврофилско“, обвинувајќи ги за елитизам, може да му ја ревитализира партијата и позицијата, овозможувајќи му нов наратив во наредниот период.

Оттаму, вкупниот изглед за иднината на политичкиот дискурс изгледа од вчера уште понеизвесна. Изборите изгледаат неизбежни, а опцијата за излез од ЕУ без договор не е сè уште целосно отфрлена. Она што изгледаа сигурно е дека целиот процес ќе се искомплицира и оддолжи, а дека поделбите во Британија не само што ќе останат, туку и ќе се продлабочат. Притоа, економијата покажува знаци дека е ранета од овој театар, што може да донесе до нова криза. За сеирџиите во нас, навикнати на вакви перипетии, можеби е освежување да видиме дека и едно многу поразвиено и подемократско општество од нас исто така може да се заглави во политичка кал одвреме-навреме.