Боки кој?


ГОРАН АДАМОВСКИ

„Боки го познавам од телевизија“ стана најцитираната реченица во земјава последниот период. Нема политичар, новинар или медиумски позната личност што не ги рецитира овие пет зборови кога треба да го опише својот однос со контроверзниот Бојан Јовановски. Освен можеби другарка му Лила Филиповска, но таа не успеа да каже некој збор за својот пријател, затоа што се пожали дека новинарите ѝ ја расипале фризурата.

Непознавањето со Боки 13 стана општонароден феномен откако го притворија за случајот „Рекет“. Шоуменот со блокирана сметка и изненадувачкиот добротвор што сака да гради центри за возрасни лица, беше одлично друштво особено кога отвори телевизија. Тогаш, дружењето со него беше убава работа, а фотографиите доказ дека си во кремот.

Впрочем, наизуст научената реченица како да е подготвена од ист центар, е катастрофален пиар потег, кој носи повеќе штета отколку корист.

Во време на експанзија на интернетот и на социјалните мрежи, зарем некој мисли дека ќе може да ги сокрие моментите од блиското дружење со одредени личности? Секако, доколку биле документирани. А, во денешно време со паметните мобилни телефони, се фотографира секое кревање на чашата.

Токму затоа, како да објасни поранешниот генерален секретар на владеачката партија дека не го познавал добро Боки, кога на сликата јасно гледаме дека седат еден до друг во кафеана, тој свири гитара, а Јовановски пее? Тоа што зад нив е зградата на Обвинителството е чиста коинциденција.

Или кога потпретседателката на Собранието го кажува истото за Боки, а постојат десетина фотографии каде што таа седи до газдата на 1ТВ, а и тој се фали дека таа му подарила детелинка со четири листа? Злобниците ќе забележат дека не му донесла среќа.

Од денешна перспектива, срамно е да се гледа видеото од салата на Македонска филхармонија каде што се славеше првиот роденден на телевизијата. Боки влегува внатре како Тито во најдобрите години. Нема кој нѐ станува да му даде рака и да се поздрави со „кралот“. Политичари, министри, новинари, функционери, обвинители. Таму беше дури и Вилма Русковска, што сега го води случајот против него. Можно ли е никој тогаш да не знаел оти нашиот добротвор, всушност, е дел од криминална мрежа? Покрај сите министерства и разузнавачки служби? Таму не беше присутен лидерот на опозицијата, но имаше видео порака од него во која зборува со суперлативи за телевизијата, а потоа распали по новинарите што работеа таму.

Телевизијата, патем, од завчера престана да емитува програма. Со сомнителен сопственик и со уште посомнителни финансии, сега нема кој да даде појас за спасување за да се почне од почеток. Честитарите сега ги бришат рацете. А и тие внатре се прават небаре работеле за фантом, а не за човекот што се вика Бојан Јовановски.

Тоа е добра лекција и за него на која можеби мисли додека ги поминува притворските денови. Веројатно сега не му е сеедно кога ќе прочита дека не го познавале оние што до вчера не се одвојуваа од него. Додуша, опседнатоста со тоа да биде важен и моќен можеби и сега му го полни срцето, затоа што конечно цела држава зборува за него. Но во затворот во Шутка не е како во скапите вили во Грција, каде што немилосрдно трошеше огромни пари за една вечер.

Истрагата за случајот од која може да зависи и датумот за преговори со Брисел, но и иднината на оваа власт, би требало да покаже кој, освен Кичеец и Катица, му помагале во зулумите на момчето, кое неодамна наполни 33 години. Стравот кај оние на слобода е очигледен, оти не се знае на кое поле ќе заврти тркалото на Русковска и на Јовески.

Но, ќе требаат докази. И тоа несоборливи. А самото другарување со Боки не е никаков аргумент. Напротив, не значи ништо.

Затоа, за неговите „поранешни“ другари, зарем не ќе беше подобро да кажеа: „Да, се дружев со Јовановски, но тоа не значи дека сум криминалец“?