Бесмислени партиски пресови


АЛЕКСАНДАР КРЖАЛОВСКИ         

Во очекување нешто позитивно да се случи во или со државава, денес ќе се осврнам на уште една од бесмислените работи (барем според мене), кои на чуден начин ни станаа дел од нормалното (или очекуваното) однесување – а тоа се партиските пресови, односно секојдневните прес-конференции, особено на водечките две партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, речиси и не поминува ден, а да не сме сведоци на прес од двете партии, па дури ни станува чудно кога нема такво нешто. Прашањето е само кој прв ќе настапи дента, а кој ќе има своја реакција, одговор или сосема независна изјава. И низ годините, стана практика портпаролите на партиите да изнесат низа обвинувања (едно поголемо или неколку помали), зачинети со одредени квалификации на сметка на другата партија. Обвинувањата задолжително се во прашална форма (дали „тој и тој“, го направил/е „тоа и тоа“? и слично). И уште позадолжително се насочени кон другата партија, особено нејзиниот претседател, а завршуваат со повикување посочениот лик (или партија) да даде одговор на тие прашања или обвинувања. Новинари, кои секако се постручни од мене на оваа тема, ми појаснија дека прашалната форма на ваквите пресови е за да се избегне можна тужба за клевета – ако обвинувањето се искаже онака како што треба, без прашање, туку како тврдење, посочениот во изјавата (особено ако е таа неиздржана или неточна) може да тужи и да добие позитивна пресуда, паричен и друг надомест. Наводно, ако се каже обвинувањето во прашална форма, а не како тврдење – нема основа за тужба. Ако е тоа така, и ако добро разбрав тоа е законско решение, тоа е првата глупост што довела до вакви прес-конференции. И сметам дека треба да се смени, односно да има еднаква одговорност за јавно кажаниот збор (особено за обвинувања) без оглед дали формата е прашална или не е. Инаку, ваквиот начин на јавно обраќање е огромен генератор на лажни вести, кои доаѓаат од највисоките кругови на политиката.

Втората глупост со ваквиот начин на спроведување на партиските пресови, односно тоа во што первертирале низ годиниве – е што на ретко која од нив всушност има одговори за кое било од покренатите прашања. Особено не за прашањата од другата партија. Напротив, никој воопшто не се осврнува на тоа што прашале (или обвиниле) од другата партија, туку веднаш се преминува во противнапад со свој сет прашања. Токму тоа ги прави бесмислени овие прес-конференции бидејќи е целосно сменета нивната суштина и улога во еден демократски систем. Другарчиња портпароли (и партиски раководства и центри за комуникации) – не е ваша работа на прес-конференции да прашувате, туку да ОДГОВАРАТЕ на прашања!!! И не да прашувате (и обвинувате при тоа) за другата/ите партија/ии, туку да одговарате за прашањата кои се поставени во јавноста за ВАШАТА партија, без оглед од кого дошло прашањето. Одамна не сум видел на некој прес било какви одговори од портпаролите… додуша главно и ги избегнувам, токму заради оваа причина и што изгледаат така како што ги опишувам – бесмислени.

Додека можам да разберам зошто партиите на овој начин ги прават и одржуваат пресовите (си кажуваат тоа што сакаат, не одговараат на тоа што ги прашуваат, си го задржуваат своето членство – да „глодаат“ симпатизерите некоја „сочна коска“ за другата партија и да си имаат „аргументи“ во маалските расправи со таборот или поединци од другата партија), не ми е јасно зошто новинарите и медиумите (особено националните телевизии) тоа го толерираат, па дури и промовираат?!? Некои од нив ми посочија дека всушност најчесто не праќаат свои екипи на пресовите, а дека веројатно и воопшто нема телевизиска екипа присутна таму, туку самите партии си ги снимаат сопствените пресови и потоа ги праќаат до МИА (Македонската информативна агенција) или директно до телевизиите и порталите. Тоа објаснува зошто нема прашања од новинари на повеќето партиски пресови. Но не објаснува и барем мене се уште не ми е јасно зошто главните телевизии воопшто ги пренесуваат/објавуваат ваквите пресови. На дел од нив се обидов да им укажам, а и со овој напис повторно ги повикувам – практично да ги бојкотираат ваквите пресови или барем деловите во кои портпаролите поставуваат прашања до другата партија (или воопшто – прашања), а да ги пренесуваат само одговорите за постапките, однесувањата и изјавите на членовите на сопствената партија, ставовите на самата партија за одредени прашања или промоција на нови идеи/политики/решенија (нешто што одамна воопшто го нема на пресовите).

Сè на сè, нешто мора да се направи за да се промени стилот на партиските прес-конференции и да се врати нивната основна функција да информираат за самата партија која ги држи и да ја демонстрираат нејзината одговорност, транспарентност и отчетност. Тоа треба да придонесе кон враќање на нормалноста на ова поле, но сметам дека ќе придонесе и кон намалување на поларизацијата во општеството (за што главно се залага и претседателот Стево Пендаровски), која во голема мера се генерира и преку сегашните партиски прес-конференции.

Не верувам дека самите партии ќе го направат тоа, па на потег се прво медиумите, да го третираат ова прашање во својата уредувачка политика и да не поштедат од секојдневното “труење“ на јавниот дискурс со бесмислените меѓупартиски обвинувања во прашална форма! Па со тоа партиите да научат да ги изјавуваат таквите обвинувања во директна форма, а не прашална, или нека поднесуваат кривични пријави во надлежните обвинителства – нема потреба сите нас да нè замараат со медиумски препукувања без никаква последователна постапка ниту друг ефект!